Достапни линкови

Полскиот Сенат ја изгласа контроверзната судска реформа


Протести против контроверзната судска реформа во Варшава

Полскиот Сенат денеска ѝ се спротивстави на ЕУ и со 55 гласови „за“ и 23 „против“ го донесе законот со кој на политичките лидери им се дава значителна контрола врз судството. Предлог-законот, поднесен од популистичката владејачка партија, сега треба да биде потпишан од претседателот Анджеј Дуда за да стапи во сила. Дуда е на иста линија со владејачката партија.

За време на гласањето имаше протест пред Сенатот во Варшава.

Лидерите на ЕУ го критикуваа законот поради нарушување на судската независност и загрозување на владеењето на правото. Полска е најголемата поранешна комунистичка држава, која стана членка на ЕУ.

Претседателот на владејачката партија „Право и правда“, Јарослав Качински, вели дека судството функционира како во времето на комунизмот и оти има многу судии од тоа време, иако од тогаш поминаа речиси три децении. Тој вели дека на судскиот систем му требаат „радикални промени“.

Законот предвидува разрешување на Врховните судии, освен оние одобрени од претседателот, кој ќе има овластување да ги регулира судовите.

Премиерката Беата Шидло ги отфрла критиките на ЕУ, велејќи дека законот е внатрешно прашање и владата нема да потклекне пред странски притисок.

XS
SM
MD
LG