Достапни линкови

Истраги Топлик и Тендер на СЈО – На два пати „летнале“ по еден милион евра


Архивска фотографија: Обвинителката Фатиме Фетаи

Специјалното јавно обвинителство денеска ги најави двете нови истраги „Топлик“ и „Тендер“. Случајот „Топлик“ се однесува на основано сомнение за злоупотреба на службена должност при продажба на земјиштето за изградба на Сончев Град во Скопје, а случајот „Тендер“ е за основано сомнение дека е „местен“ тендер за дополнителни работи при изградбата на Музејот на ВМРО.

Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека при продажбата на земјиштето за Сончев Град, буџетот е оштетен за 1 милион и 44 илјади евра и е прибавена имотна корист за едно лице. Таа рече дека комисијата за јавно наддавање за продажба на земјиштето го информирала првоосомничениот од Министерството за транспорт и врски дека не биле исполнети условите за продажба на земјиштето, по што тој формирал нова комисија, која и покрај тоа што не се исполнети условите, објавила оглас за продажба. Земјиштето го купила фирмата Сан сити, но во 2011 договорот бил раскинат, затоа што по вина на Министерството за транспорт и врски условите не биле исполнети. Министерството на фирмата и ги вратило парите, заедно со камата од 1 милион и 44 илјади евра. Осомничени се раководно лице од Министерството за транспорт и врски и петмина членови на второ-формираната Комисија за јавно наддавање, која и покрај тоа што не биле исполнети условите, го објавиле огласот.

„Првоосомничениот, иако бил свесен дека постоеле суштински недостатоци, склучил договор со Сан сити за продажба на градежното земјиште“, рече обвинителката Фетаи.

Втората истрага Тендер се однесува на наводно местење тендер за извршување дополнителни работи при изградбата на Музејот на ВМРО. Првоосомничената, како раководно лице во Министерството за култура, и тројца членови на комисијата за јавни набавки се сомничат дека ја фаворизирале фирмата Бетон Штип да добие тендер од еден милион евра.

Обвинителката Фетаи рече дека има основано сомнение дека пред објавување на тендерот, првоосомничената одлучила кој да го добие тендерот. Таа преку телефон му рекла на сведокот - директор на Бетон Штип, да продолжи со работите и да не чека на тендерот. Средила, со претседателката на комисијата, тендерот да го добие Бетон Штип, така што конкурсот ќе биде така формулиран за само оваа компанија да ги исполни условите. Договорот е склучен откако работите веќе биле завршени, рече Фетаи. Раководителката и тројцата членови на комисијата за јавни набавки во Министерството за култура се сомничат за злоупотреба на службената положба и овластување и за нив ќе бидат побарани соодветни мерки за обезбедување присуство.

Обвинителката Фатиме Фетаи се извини затоа што Специјалната обвинителка Катица Јанева не е присутна на прес-конференцијата. Таа е во УБК каде што води друга истрага и се пожали дека и се прават опструкции.

XS
SM
MD
LG