Достапни линкови

За револуцијата на нашето време


Ана Тодоровска, студент по Психологија на Филозофски факултет при УКИM, член на младинската организација Мугра.
Ана Тодоровска, студент по Психологија на Филозофски факултет при УКИM, член на младинската организација Мугра.

Aко сакаме зрело да се справиме со настанатата ситуација,најнапред треба да разбереме дека вистинската револуција не е настан, туку процес кој започнува со враќање на сопствената моќ и верба во самите себе, пишува Ана Тодоровска, член на Мугра, во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Еве една неизбежна вистина: секое време на страв носи и своја револуција. А, што всушност, претставува таа, освен потреба од радикална промена на општествените односи?

Револуцијата не се состои во едноставно отфрлање на системот, туку во негово надраснување.

Без разлика на подвоеноста во личните ставови и вредности, предлагам да определиме една појдовна точка: денес несигурноста е сеприсутна. Проткаена во работните односи, пријателствата,семејствата, љубовните врски и целокупната општествена машина, би можела да кажам дека таа стана начин на живот во кој секој поединец е препуштен на самиот себе, а на крајот на денот, неговиот опстанок зависи од тоа колку успешно тој ќе успее да се справи со неа и притоа да остане присебен. Во овој вртлог на лудило и општа бирократизација на духот, имам впечаток дека речиси никој не знае што и зошто прави (освен, можеби, бидејќи чул дека „така треба“), но повеќето изгледаат како да се потполно сигурни во својата импровизација при исполнување на очекувањата од одредена општествена улога.

Денес, особено со распространетоста на Интернетот, можеме да се пофалиме дека човештвото располага со огромни количини на знаење стекнато низ илјадници години. Но, истовремено се соочуваме со огромен недостиг од суштинско знаење за животот воопшто: како да произведеме храна, како да поправиме нешто, да градиме, да се грижиме за сопствените деца, да водиме сметка за сопственото здравје, итн. Ненадејно, најосновните и најнеопходни нешта за живот кои претходните генерации беа способни самостојно да си ги пружат, се префрлија во сферата на услуги и добра кои можат да се купат.

Ние сме лишени од знаењето за исполнување на сопствените потреби. Сето знаење акумулирано низ човечкото искуство одеднаш станува отуѓено и претворено во ексклузивен посед на т.н. експерти кои ни го продаваат на рати, додека ние, останатите „обични смртници“ се чувствуваме како да сме фрлени во светот во состојба на неизвесност додека чекаме некој да ни даде постави рамки за тоа како треба да живееме. Се додека знаењето е претворено во капитал кој може да се продаде,современиот човек ќе биде заробен во робовладетелски економски односи, следен од стравот да не застрани од рецептите за добар живот пропишани од веќе споменатите експерти.

Сето ова укажува на едно нешто: изгубената способност да се потпреме на самите себеси и на својата заедница која станала дисфункционална, па наместо тоа, се создала изразена зависност од системот кој ги јаде своите деца. Богатите стануваат се посити, а сиромашните се погладни. Дисбалансот на моќ никогаш поалчно не ни ги глодал коските. Живуркаме приклештени во страв и незнаење. Зависиме единствено од магичниот круг на парите и сме принудени да го заслужиме своето место под сонцето, иако тоа свети еднакво за сите. Сепак, улавата идеологија на бесконечен раст не се вклопува во конечен свет: каматата за неблагодарното експлоатирање на природните ресурси и уништувањето на екосистемите се враќа во повеќекратни удари.

За разлика од рецептите за добар живот, за револуцијата нема однапред предвидена формула која би ги избавила сите општества од инаку неизбежната пропаст. Главно, прашањето за револуцијата досега се одговараше на два крајно спротивни начини: Првиот вели дека најнапред треба да се промени политичката и економска структура, па како резултат на тоа, ќе се промени и човечкиот дух.

Вториот тврди дека мора најнапред да се промени свеста на човекот, па потоа е можно градење на ново општество. Простото менување на околностите предвидено со првиот начин можеби ќе доведе до моментален преврат, но тоа ќе биде екстаза со краткотраен ефект. Ако системот одеднаш и преку ноќ се распадне, ние би биле беспомошни и изгубени во урнатините на својата креација која ни избегала од раце. Непроменетата свест одново ќе почне да ги репродуцира старите начини на функционирање, иако можеби, во други облици. Што се однесува на второто решение, тоа го игнорира фактот дека простата промена на свеста без надворешно делување ќе остане изолирана и ограничена во само една мала сфера која најверојатно нема да изврши значајно влијание врз својата околина. Затоа, за најдобар ефект, индивидуалната и колективната промена мора да се одвиваат паралелно.

Според горенаведеното, ако сакаме зрело да се справиме со настанатата ситуација,најнапред треба да разбереме дека вистинската револуција не е настан, туку процес кој започнува со враќање на сопствената моќ и верба во самите себе. Откако ќе ги отфрлиме сите наметнати и лажни слики, сиот страв од авторитети, немоќ и осуда, откако ќе почнеме да се гледаме меѓусебно низ призмата на сродни суштества кои имаат многу повеќе причини да бидат браќа отколку ривали, револуцијата ќе почне да се одвива на практичен план. Останатите начини можат најдобро да се откријат преку искуство и експериментирање со различни видови на самоорганизирање и алтернативни економии засновани на споделување знаења и вештини наместо на профит, барање на нови начини кои вистински ќе одговараат на нашата автентична човечка димензија. Револуцијата не се состои во едноставно отфрлање на системот, туку во негово надраснување.

XS
SM
MD
LG