Достапни линкови

Неконкурентноста на домашното производство и цените на енергијата причина за зголемениот дефицит


Во зголемениот увоз на нафтени деривати, електрична енергија, машини и автомобили владата го правда рекордно високи трговски дефицит од две милијарди долари во земјава. Доколку трендот на намалување на нафтата продолжи и ако струјата рационално се користи, од министерството за финансии се надеваат дека во наредниот период трговскиот дефицит ќе почне да се намалува.

„Третиот елемент, она што е увоз на машини, опрема, автомобили, тоа е резултат на зголеменото ниво на странски инвестиции во државата. Тоа треба да се купи од некаде и да се донесе тука, да се стави во функција да создава нова вредност која би се извезувала и на тој начин трговскиот дефицит ќе се избалансира,“

изјави Мартин Мартиновски, портпарол на министертвото за финансии

Македонија отсекогаш имала голем трговски дефицит, а неговото продлабочување е резултат на неконкурентноста на македонската извозна економија, анализираат економските експерти. Според проф. Душан Велковиќ малиот извоз на сметка на увозот е резултат на малата понуда на домашно производство.

„Треба Македонија да има извозни производи. Таа нема конкурентни извозни производи, Дури можам да кажам дека во многу области, особено во индустриските производи во повисока фаза на обработка, Македонија нема никакво производство, дури ниту за задоволување на домашните потреби, а камо ли за извоз.“

Експертите предупредуваат дека ваквата тенденција ќе продолжи, пред се поради влијанието на светската финансиска криза чии последици веќе ги чувствуваат најголемите извозни фирми во земјава.

„Трговкиот дефицит неминовно произведува невработеност, а сето тоа се рефлектира и во општата општествена клима во земјата,“

изјави проф. Сеадин Џафери од Тетовскиот Универзитет.

Еден од начините да се спречи зголемувањето на дефицитот е преку интервенција на државните органи врз увозот на луксузни стоки, посочува Вељковиќ:

„Еден добар дел од увозот чинат луксузни стоки, иако не можеме многу да влијаеме на зголемување на увозот на нафта и нафтени деривати, ние сигурно можеме со одредени мерки да влијаеме кај некои луксузни стоки, како што се автомобили.“

Според последните податоци на заводод за статистика во првите осум месеци од обемот на стоковната размена на земјава со странство е за 45 проценти поголем од обемот на размената во истиот период лани. Трговската размена по производи показува дека во извозот најголемо е учеството на фероникел, на производите од железо и челик и облека. Во узвозот најмногу е застапена суровата нафта, електричната енергија и моторните возила.
XS
SM
MD
LG