Достапни линкови

Вести

Скопје: Денеска консултативна средба на државниот врв за последните идеи за името на Нимиц

Денеска, консултативна средба на македонскиот државен врв на покана на претседателот Бранко Црвенковски на кој треба да биде изграден консензус по последниот пакет идеи на медијаторот Метју Нимиц понудени на последната средба во Њујорк со македонските и грчкиот преговарач. Инаку, претседателот Црвенковски и премиерот Груевски се изјаснија дека последните предолози на медијаторот Нимиц се неповолни за нас и како такви неможат да претставуваат основа за натамошни разговори.

види ги сите денешни вести

Бугарски обвинител и истражител- позната е причина за пожарот во македонскиот автобус

Македонскиот автобус кој изгоре на автопатот Струма во Бугарија

Позната е причината за пожарот и локацијата на неговиот првичен извор во автобусот со македонски туристи на враќање од Истанбул, што се случи на автопатот Струма, изјавија за БТВ обвинителот Бисер Михаилов и истражителот Маријан Маринов кои работат на расветлување на трагедијата.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Маријан Маринов одби да ја открие причината за пожарот и рече дека „ќе им остави на експертите“ кои веќе имаат свои „тези“. Но, истражителот коментира дека во македонскиот автобус било „нанижано“ големо парче заштитна ограда за гумата до влезната врата, била пронајдена „свиткана хармоника“ и „уништена е пластичната цистерна“.

„Можете да замислите какво триење и искри имало“, рече Михаилов.

Истражителот додаде дека автобусот бил стар и „рециклиран“ во Турција и дека целата опрема му е заменета. Теориите на заговор се неточни, рече обвинителот Михаилов отфрлајќи ги тезите дека во автобусот имало експлозив, канти со бензин или матријали за дрога. Тој нагласи дека е рано за обвинение бидејќи истрагата е во почетна фаза, но дека се собрани, како што рече, огромен број докази. Додаде дека водечката теза за причините за сообраќајката е шоферска грешка.

Инаку посмртните останки на 45 македонски граѓани кои загинаа во сообраќаната несреќа на 23 ноември се очекува утре во девет часот да пристигнат на Меѓународниот аеродром Скопје, соопшти попладнево Министетството за надворешни работи. Граѓаните ќе може да оддадат последна почит и да положат цвеќе на плоштадот „Скендербег“ и да ја проследат поворката која ќе помине по булеварот веднаш до плоштадот, во периодот меѓу 11 и 12 часот.

Реакции за пресудата за убиството на Чурувија- правдата мора да биде задоволена

Славко Чурувија, новинар и основач на Дневни Телеграф и Неделен Телеграф кој беше убиен во 1999 година

Правдата мора да биде задоволена, е коментарот на генералниот секретар на Европската федерација на новинари Рикардо Гутиерез во врска со втората првостепена пресуда изречена во судскиот процес за убиството на Славко Чурувија, новинар и основач на Дневни Телеграф и Неделен Телеграф.

Пред судскиот совет на Специјалниот суд во Белград, во повторена постапка за првостепена пресуда, осудени за убиството на Чурувија се Радомир Марковиќ, Милан Радоњиќ, Ратко Ромиќ и Мирослав Курак кои беа поранешни членови на Службата за државна безбедност - СДБ. Марковиќ и Радоњиќ се осудени на по 30 години затвор, а Ромиќ и Курак, кој е во бегство, се осудени на по 20 години.

„Случајот на новинарот Славко Чурувија е симбол за неказнивост на убиствата на новинарите од нашата професија низ Европа. Европската федерација на новинари, главната репрезентативна организација на новинарите во Европа, ја поздравува првостепената пресуда. Ова е исклучително важна судска одлука која треба да ја потврди одговорноста на српската држава, а посебно на режимот на Милошевиќ“, истакна Рикардо Гутиерез во писмената реакција до Гласот на Америка.

Првостепената судска одлука е иста како онаа што Апелациониот суд ја укина во септември 2020 година и донесе одлука за повторување на судскиот процес за убиството извршено пред 22 години.

Атила Монг, претставник на невладината организација Комитет за заштита на новинарите со седиште во Њујорк, ја опиша пресудата како важна судска одлука, со која рече дека ги казнува убијците на Чурувија кој како новинар беше отворен критичар на режимот на Милошевиќ.

„Пресудата е важен чекор за ставање крај на неказнивоста во овој случај, но српските власти треба да продолжат да работат за целосна правда со идентификување на нарачателите на убиствата и нивно гонење. Покрај тоа, пресудата е вистинскиот чекор за завршување на циклусот на неказнивост за злосторства против печатот“, изјави за Гласот на Америка претставникот на КПЈ за Србија и други европски земји.

Причина за поништување на претходната првостепена пресуда со која Марковиќ, Радоњиќ, Ромиќ и Курак беа осудени на иста вкупна затворска казна од сто години беше одлуката на Апелациониот суд дека се основани жалбите на обвинителството и одбраната. Славко Чурувија беше убиен на 11 април 1999 година за време на бомбардирањето на НАТО на Србија.

Димитров-не смееме да се врзуваме за датуми

Вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров

За да не се разочараме, подобро да не очекуваме добар исход, но мора да продолжиме да работиме, вели вицепремиерот Никола Димитров за очекувањата и најавите во декември да се случи деблокада на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, на состанок на Советот за општи работи на ЕК.

„Со оглед на краткиот период, имаме само неколку дена до Советот за општи работи, до ГАК, 14 декември, мислам дека е крајно неодговорно какви било очекувања да создаваме тогаш. Формата, одржувањето на Советот е помалку важна. Ако успееме да дојдеме до едно достоинствено, европско решение, затоа што прашањето почна толку да боли насекаде, што веројатно ќе има волја кај сите, вклучувајќи го и словенечкото претседателство, да се закаже и вонреден ГАК. Не смееме, после целото искуство што го имаме да се врзуваме за датуми. Мислам дека сигналите од Софија упатуваат дека очекуваат некаков процес, во билатералните односи кој чекор по чекор ќе помогне да се затвори прашањето. Кај нив очигледно уште парламентот ќе има улога, такви се најавите“, рече Димитров во разговор за ТВ Клан Македонија.

Според Димитров, сега е важно да се одржи средба со новата влада во Софија, која ќе ги даде натамошните насоки за надминување на билатералниот спор.
Источниот сосед пак се уште нема формирано влада. Таму утре ќе се одржи првата конститутивна седница по изборите што се одржаа минатиот месец, а во тек се преговори за составување на новата влада во која би влегле четири партии- Продолжуваме со промената, Има таков народ, Демократска Бугарија и Бугарската социјалистичка партија.

ЕУ и САД со проширени санкции за Белорусија

Европската унија, Соединетите Американски Држави и клучните западни сојузници дополнително ги проширија санкциите против политичката и економската елита на Белорусија поради антидемократско однесување, кршење на правата и експлоатацијата на мигрантите од страна на режимот на Александар Лукашенко. Европската унија соопшти дека министрите на состанокот на Советот кој се одржа денеска ја усвоиле петтата рунда санкции.

Блокот почна со санкции кон Белорусија по по спорниот реизбор на Лукашенко за претседател минатата година, а сега се и засилени по инцидентите со илјадниците мигранти од Блискиот Исток кои се насобрани на границата на Белорусија со Полска.

Лукашенко насилно ги прекина демонстрациите, а илјадници беа притворени по изборите што се одржаа во август 2020 година. Демонстрантите и опозиционерите тврдат дека изборите биле наместени за да се продолжи 26-годишното владеење на Лукашенко.

Новите санкции на ЕУ се насочени кон 17 поединци и 11 ентитети за кои се смета дека се одговорни за кризата на границата меѓу Полска, која е земја членка на Европската унија и Белорусија. ЕУ досега има воспоставено санкции за 183 белоруски физички лица и 26 ентитети. Велика Британија, Соединетите Држави и Канада, исто така, објавија свои казнени мерки насочени кон белоруските ентитети.

Вработените во јавната администрација, супермаркетите и трговски центри во Албанија ќе мора да се вакцинираат

Вакцинација на универзитет во главниот град на Албанија Тирана

Техничкиот комитет на експерти за справување со пандемијата со Ковид-19, денеска одлучи вакцинацијата, освен за здравствените, просветните и универзитетски работници и студенти, да биде задолжителна и за вработените во јавната администрација, во супермаркетите и трговските центри.

„Овие лица задолжително да се вакцинираат до 31 декември. По 4 јануари ним ќе им се бара вакцинален картон или потврда за негативен тест на секои пет дена. Почнувајќи од денеска секој граѓанин над 18- годишна возраст може да ја прими трета доза вакцина по шест месеци од втората доза“, рече Мира Ракацоли, претседателка на комитетот и заменик министерка за здравство.

Ракоцери додаде дека комитетот на експерти одлучил да забрани влез на странски државјани од земјите на Јужна Африка, во период од три недели, почнувајќи од утре.

„Албанските државјани, кои доаѓаат во Албанија и имаат историја на патување од последните 14 дена пред пристигнувањето, во земјите на Јужна Африка, почнувајќи од утре па во наредните три недели ќе мора да останат во 14-дневен карантин во своите домови и ќе бидат следени од здравствени екипи“, посочи Ракацоли.

Според неа, Комитетот оценил дека постојните мерки на ограничување треба да останат и натаму во сила. Тие мерки опфаќаат полициски час од 23 до 6 часот, граѓаните кои влегуваат во Албанија да приложат сертфикат за вакцинација, ПЦР тест со рок од 72 часа или брз антигенски тест од 48 часа, како и потврда за прележан Sars-Cov-2, валиден до шест месеци по излекувањето.Децата до шестгодишна возраст се ослободени од овие правила. Исто така, продолжува да важи забраната за посети на пациенти во сите здравствени установи, наредбата за дозвола на собири до 50 лица и исполнетот од 30 отсто од капацитетите за културни и спортски настани.

Радев на Макрон му ја пренел бугарската позиција за С.Македонија

Стразбур- францускиот претседател Емануел Макрон и бугарскиот претседател Румен Радев,02.12.2021

Бугарскиот претседател Румен Радев во Стразбур разговарал со францускиот претседател Емануел Макрон, соопшти прес-службата на претседателот на Бугарија. Радев на Макрон, како што се наведува во соопштението, му ја пренел позицијата на Бугарија дека очекува конкретни резултати во дијалогот со Република Северна Македонија што ќе гарантираат европски вредности во почитувањето на човековите права, прекинување на говорот на омраза и заштита на бугарското културно-историско наследство во држвата.

Теми на разговор, како што пишува, биле и прашањата меѓу двете земји и влегувањето на Бугарија во Шенген зоната, за што Радев истакнал дека Бугарија ги исполнила техничките критериуми за членство уште во 2011 година и дека очекува тоа да биде признато од нејзините европски партнери.

Инаку Макрон, заедно со германската канцеларка Ангела Меркел и македонскиот премиер Зоран Заев се сретнаа со Радев и во почетокот на октомври, на самиот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ. Тогаш беше најавен планот 5+1 за решавањето на бугарско-македонскиот спор поради кој се блокирани македонските европски интеграции.

Претходно годинава Заев беше во официјална посета на Франција, а за време на заедничката изјава пред Елисејската палата во Париз Макрон рече дека земјава заслужува да ги почне преговорите без одложување.

"Време е да се конкретизира оваа одлука и ние ќе работиме да се најде решение за почеток на преговорите“, рече тогаш Макрон.

Средба Блинкен-Лавров во Стокхолм

Американскиот државен секретар Антони Блинкен и рускииот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на средба во Стокхолм

Американскиот државен секретар Антони Блинкен побара од Русија да ги повлече своите војници распоредени во близина на Украина и да ги почитува договорите од Минск со цел да се стави крај на конфликтот на истокот од земјата. Блинкен ова го кажал на денешната средба со рускииот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Стокхолм на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ОБСЕ. Тој нагласил и дека ќе има сериозни последици ако Москва продолжи со политиката на конфронтација околу Украина.

Блинкен „го повтори повикот на Соединетите Американски Држави до Русија да ги повлече своите сили и да се придржува до договорите од Минск и прекинот на огнот во Донбас“, се вели во соопштението на Стејт департментот испратено од канцеларијата на портпаролот Нед Прајс. Во него се додава дека „најдобриот начин да се избегне криза е преку дипломатија“.

Разговорите на Блинкен со Лавров следуваат еден ден по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Рига, Латвија, каде што Блинкен рече дека руските воени операции излгеда дека се обид одвнатре да се дестабилизира Украина.

Украина и западните официјални лица велат дека Русија чува десетици илјади војници и тешка опрема во близина на украинската граница кои се таму од воените игри што се одржаа во западниот дел од земјата во почетокот на оваа година. Русија, која ги поддржува сепаратистите кои се борат против Киев во источна Украина, негира дека планира напад. Москва ги обвинува Украина и нејзините западни поддржувачи за дигање тензии, посочувајќи на, како што вели, сличното зголемување и на украинската војска.

Лавров, како што соопшти руското Министерство за надворешни работи по разговорите му рекол на Блинкен дека на Москва и се потребни „долгорочни безбедносни гаранции“ кои ќе го запрат проширувањето на НАТО кон исток.
Тој го предупредил Вашингтон да не ја „вовлече Украина во геополитичките игри на Соединетите држави“ и рекол дека на Русија и се потребни „долгорочни безбедносни гаранции на западните граници, што треба да се гледа како императивно барање“, се вели во соопштението на Министерството.

Лавров ја повторил изјавата дадена на први декември од претседателот Владимир Путин, кој побара правни гаранции дека НАТО нема да се прошири понатаму на исток и да распореди оружје во близина на границите на Русија, повикувајќи се на западните испораки на оружје за Украина и заедничките воени вежби.

Алтернатива утре ќе одлучува за влегување во влада

Претседателот на Алтернатива Африм Гаши и премиерот Зоран Заев на средба во Клубот на пратениците во Скопје

Дефинитивната одлука дали партијата на Африм Гаши, Алтернатива, ќе биде дел од Владата ќе биде донесена утре на седница на највисокото партиско тело – Централен совет. Оваа партиска средба ќе почне утре во 19 часот во седиштето на партијата во Тетово.

„Седница на Централниот совет на Алтернатива имаме утре во 19 часот во партиското седиштте во Тетово. Утре ќе се донесе конечна одлука . До овој момент ништо не можам да кажам. Утре по завршувањето на седницата ќе имаме прес-конфренција“, изјави партискиот портпарол Орхан Муртезани.

Лидерот на партијата Африм Гаши имаше три средби досега со претседателот на СДСМ Зоран Заев на кои се дискутираше за учество на Алтернатива во Владата и поддршка на нивните четворица пратеници. По вчерашната средба лидерот на Алтернатива Гаши рече дека може да каже дека има напредок и дека следуваат консултации со нивните партии.

Од Владата, пак, сооптшија дека се очекува до крајот на оваа недела да се остварат потребните консултации низ партиите и да се обезбеди потребното усогласување со цел за постигнување договор за можна заедничка влада, која според двете страни, ќе треба да се посвети на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза.

Германија воспоставува рестрикции за невакцинираните граѓани

Знак на божиќен маркет во Франкфурт

Германија денеска воспостави рестрикции за невакцинираните против ковид19 во обид да го прекине драматичниот пораст на дневните инфекции со коронавирусот. Канцеларката во заминување Ангела Меркел и наследникот на нејзината функција Олаф Шолц се договорија со лидерите на 16-те покраини во Германија да им забранат на невакцинираните пристап до сите, освен до најсуштинските бизниси, како што се продавниците за храна, аптеките и пекарниците. Тие, истотака, се согласија во националниот парламент да поминат со кој вакцинацијата ќе стане задолжителна.

„Ситуацијата е многу сериозна“, рече Меркел на прес-конференцијата со Шолц, кој следната недела Бундестагот се очекува да го избере за канцелар.

Во обид да се избегнат заклучувања кои би можеле да му наштетат на кревкото закрепнување на најголемата европска економија, бизнисот ќе остане отворен за речиси 69 отсто од населението кое е целосно вакцинирано и за оние кои имаат доказ дека прележале ковид19.

Властите стравуваат дека четвртиот бран на ковид19 ќе ги загрози болничките капацитети. Денеска во земјата беа регистирани повеќе од 73.000 нови инфекции и 388 смртни случаи.

Нови 333 случаи на ковид, 16 починати

Ковид амбуланта во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа направени се 2.440 тестирања, а регистрирани се 333 нови случаи на ковид-19. Од нив најмногу во Скопје – 154, а потоа следуваат Битола и Прилеп – по 23, Кавадарци – 22, Куманово – 16 и Охрид – 15. Неколку други градови имаат по едноцифрена бројка новозаразени.

Во текот на изминатите 24 часа регистрирани се 16 починати лица меѓу кои и 33 годишник од Битола и едно лице од Скопје на 42 години. Сите пријавени лица се починати во болнички услови.

„Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза ковид-19 од Мој Термин, пријавено е едно починато лице со датум на смрт од 30.11.2021. Починатото лице е од Кавадарци, на возраст од 63г, невакцинирано и починато во болнички услови“, наведуваат од Министерството за здравство.

Во последното деноноќие регистрирани сe 376 оздравени пациенти. Со ова
вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 216.328, бројот на оздравени пациенти е 200.669, на починати е 7.609, а бројот на активни случаи изнесува 8.050.

Посмртните останки на жртвите од несреќата ќе пристигнат утре, оддавање почит на плоштадот „Скендербег“

Телата ќе бидат пренесни од Судска медицина во Софија до Скопје со авион

Посмртните останки на 45 македонски граѓани кои загинаа во сообраќаната несреќа во Бугарија на 23 ноември се очекува утре во девет часот да пристигнат на Меѓународниот аеродром Скопје, соопшти попладнево Министетството за надворешни работи.

По пристигнувањето, како што наведува МНР, поворката ќе се движи по однапред утврдена патека до и низ главниот град. Во периодот од 10 до 13 часот граѓаните ќе може да оддадат последна почит и да положат цвеќе на плоштадот „Скендербег“ и да ја проследат поворката која ќе помине по булеварот веднаш до плоштадот, во периодот меѓу 11 и 12 часот.

На самиот плоштад ќе биде поставен и видеобим од каде што граѓаните ќе можат да го следат целиот процес на пристигнување и движење на поворката.
Бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов денеска изјави дека останките на 45-те македонски граѓани утре наутро од Бугарија во земјава ќе бидат транспортирани со два воено-транспортни авиона.

Несреќата на автобусот на „Беса транс“-Скопје се случи на автопатот „Струма“ во близина на градот Перник. Загинаа 45 патници, седум беа повредени.

Случај „Плацеви на Водно“- Јанакиески сведочеше за улогата на Груевски

Архивска фотографија- поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески на судење

Никола Груевски, обвинет во случајот „Плацеви на Водно”, од позиција на претседател на Комитетот за градежна експанзија лично се интересирал за неколку земјишта во делот на Парк Шума Водно. Ова во денешниот исказ како сведок го кажа Миле Јанакиевски, кој во 2012 година беше на функцијата министер за транспорт и врски и посочи дека за земјиштето во местото Шербетница и земјиштето над локацијата на Католичката црква, разбрал од кога во рамките на комитетот ја посетиле општина Центар.

„Со Никола Груевски и Комитетот за градежна експанзија се состанавме еднаш неделно, меѓудругото разговаравме и за земјиштата во Парк шумата Водно. Големината на парцелата беше 11.000 квадратни метри. Прашуваше за урбанизација. Му објаснував од законски аспекти како се урбанизира едно земјиште, дека на 10 години се носи Генерален урбанистички план. Тој беше на чело на Комитетот, зборевме за илјадници локации“, рече сведокот Јанакиевски и наведе дека освен за локациите на Водно, во една прилика го има прашано и за земјите во Крушево.

Судењето за предметот „Плацеви на Водно” е во фаза на доказна постапка, односно сослушување на сведоци предложени од обвинителството.
Овој случај го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова. Според обвинението, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот”, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари”, а поранешениот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело”.

Остранети профили на социјалните мрежи преку кои се разгорувала мигрантската криза

Матичната компанија на Фејсбук, Мета соопшти дека отстранила десетици лажни сметки на социјалните мрежи „поврзани со белоруската КГБ“ кои биле користени за разгорување на мигрантската криза на границата меѓу Белорусија и Полска.

Луѓе кои се претставувале како новинари и активисти од Полска, Литванија и од други места во Европската унија ги користеле лажните профили за да објавуваат „критики за Полска на англиски, полски и курдски јазик, се наведува во извештајот на компанијата објавен доцна на 1 декември.

Западот го обвинува белорускиот лидер Александар Лукашенко дека води „хибридна војна“ дозволувајќи им на мигрантите да дојдат во земјата, а потоа да се упатат кон границите на земјата со членките на ЕУ, Полска, Литванија и Латвија.

Во извештајот на Мета се наведува дека лажните профили ги откриле за време на внатрешната истрага за сомнително координирано неавтентично однесување во регионот додека ја следеле кризата на границата меѓу Белорусија и ЕУ и ја поврзале со белоруското КГБ. Во извештајот се додава дека активноста првенствено била насочена кон публиката на Блискиот Исток и Европа.


Преку лажните профили се објавувале слики и видеа на кои наводно полски граничари ги прекршуваат правата на мигрантите и се споредува односот на Полска кон мигрантите со другите земји, се наведува во извештајот на Мета.

Компанијата соопшти дека отстранила вкупно 41 сметка на Фејсбук, пет Фејсбук Групи и четири сметки на Инстаграм вклучени во оваа активност, чија активност започнала во октомври.

Засега нема реакција на извештајот од белоруските власти.
Мета, исто така, отстранил 31 профил на Фејсбук, четири групи и четири профили на Инстаграм за кои се верува дека потекнуваат од Полска и биле насочени кон публиката во Белорусија и Ирак.
Сметките имале за цел да ги обесхрабрат мигрантите да се обидат илегално да влезат во ЕУ, се вели во извештајот.

Нови ковид мерки во Грција - Вакцинација и на деца и бесплатни селф тестови

Вакцинација и на децата од пет до 11 години, по еден бесплатен селф тест за сите граѓани, пред и по празниците, издавање потврда за прележан ковид-19 само по направени ПЦР тест, се дел од новите мерки во Грција што денеска ги соопшти министерот за здравство Танос Плеврис, јави дописничката на МИА од Атина.

Министерот вели дека Комисијата за вакцинација, дала зелено светло за почеток на вакцинација против ковид-19 на децата од пет до 11 години. Тој вели дека се разговара и да се скрати времето за давање на бустер доза од шест не четири месеци по примената втора доза.

Во Грција целосно вакцинирано е 63,3 отсто од населението.
За лицата над 60 годишна возраст вакцинацијата стана задолжителна и тие што од 16 следниот месец нема да се вакцинираат ќе плаќаат казна од 100 евра месечно.
Грчката Влада прави промени и во однос на потврдата за прележан ковид-19 и по препорака од надлежната Комисија донесе одлука за издавање потврдата да биде задолжителен ПЦР тест, а не рапид тест како што беше пракса досега.

Меѓу дополнителните мерки што ги соопшти е и одлуката божиќните паркови да бидат отворени само за вакцинирани лица и за оние кои што прележале ковид-19.

Паралелно, од следната недела сите полнолетни граѓани ќе имаат на располагање по еден бесплатен селф тест со цел да се тестираат пред празниците и уште еден бесплатен тест во првите денови од јануари откако ќе завршат празниците.

Русија обвини тројца Украинци за шпионажа, Киев одрекува

Operation by Russia's Federal Security Service (FSB)

Тројца украински државјани биле уапсени од страна на Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), под сомнение дека работеле за украинските разузнавачки агенции. Киев веднаш го отфрли ова обвинение.

Во денешното соопштение на Руската Федерална служба се наведува дека двајца од приведените украински државјани во Русија, Зиновај и Ихор Ковал, кои се татко и син, наводно собирале доверливи информации за украинската разузнавачка агенција (СБУ).

Во соопштението се наведува дека третиот Украинец приведен во Русија е Олександр Цилик од регионот на Киев. Тој наводно признал дека е агент на украинското воено разузнавање( ГРУ) и дека планирал да изврши „терористички чин“ на руска територија користејќи експлозиви.

Во соопштението не се наведува каде и кога биле уапсени осомничените за шпионирање.

Украинската СБУ ги негираше обвинувањата, а портпаролот Артем Дехтјаренко рече дека таквите изјави на ФСБ треба да се гледаат низ призмата на хибридната војна, во која информативната пропаганда и дистрибуцијата на лажни вести имаат значајна улога.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG