Достапни линкови

Претстојат тешки преговори за формирање нова владеачка коалиција


Во Србија претстојат тешки преговори за формирање нова владејачка коалиција. Ваква е оценката на аналитичарите откако проевропските сили предводени од шефот на државата Борис Тадиќ не добија апсолутно мнозинство на неделните вонредни избори.

Проевропските сили немаат сто дваесет и шест мандати во српското собрание и затоа блокот наТадиќ ќе мора да бара коалиција со помалите партии. Сепак, најмногу ќе зависи пред се од тоа кој ќе сака да соработува со блокот на премиерот Коштуница и коалицијата која ја предводи Социјалистичката партија на Србија. Горан Свилановиќ, од Пактот за стабилност, верува дека најизвесна комбинација е проевропска влада со помош на социјалистите:

„Мој впечаток е дека можеме да очекуваме договор меѓу Демократската листа и Социјалистичката партија. Секако претходно Демократската партија ќе треба да интегрира помалите партии.“

Според некои пресметки и радикалите би можеле да добијат собраниско мнозинство како што тоа веќе го најави нивниот лидер Томислав Николиќ. Но, тоа за експертот Теофил Панчиќ не е замисливо.

„Реалниот живот има некои законитости. Факт е дека радикалите доживеаа огромен пад и пораз. Тие не можат да се легитимираат со вештачко мнозинство за да формираат влада. Половина Србија е за Европа.“

Социологот Среќко Михајловиќ смета дека во коалициските преговори некои партии ќе се водат од идеологија, но некои ќе прифатат извесни отстапувања од нивните програми, за да ги заштитат или за да ги прошират своите политички интереси. Затоа, според него, коалицијата меѓу Куштуница и радикалите е поизвесна од онаа на проевропските сили.

„Коштуница и радикалите фактички беа во една неформална коалиција и пред изборите и за време на изборите. Тие настапуваат заедно. Нивен проблем е како да ги привлечат социјалистите. Тоа прашање е решавачко за нив.“

Вели Михајловиќ. За разлика од него, Свилановиќ смета дека тоа е невозможно со оглед на фактот што граѓаните на Србија на два пати за три месеци гласале за поблиски врски со Европа.

„Не верувам дека е можна радикална влада по вакви избори. Таа технички, според бројките, е можна, но мислам дека е политички неодржлива и неизводлива.“

Досегашните искуства во Србија покажуваат дека формирањето нова влада во поделени изборни резултати не е ниту едноставна, ниту брза работа. Во минатата година владата која тогаш ја договараа Тадиќ и Коштуница положи заклетва еден час пред да истече законскиот рок за тоа.
XS
SM
MD
LG