Достапни линкови

Балканот се врати во најнеповолно време


Балканот се врати во најнеповолно време, оценува креаторот на Дејтонскиот мировен договор Ричард Холбрук во колумна за Вашингтон Пост во која повикува на распоредување дополнителни НАТО сили во регионот.

На десетти декември тимот составен од американски, европски и руски претставник со задача да ги убедат србите и албанците да се договорат за идниот статус на Косово ќе рапортира во Обединетите нации дека не успеал. Неколку недели потоа косовската влада ќе прогласи независна држава, пишува Ричард Холбрук додавајќи дека набрзо Соединетите Држави и повеќето членки на Европската унија, предводени од Британија, Франција и Германија ќе го признаат Косово. Тоа нема да го сторат Русија и нејзините сојузнички. Косовскиот осумгодишен и досега најголем проект на Обединетите нации ќе заврши со големи тензии и со закана за насилство кое може да се прошири и во Босна, наведува Холбрук оценувајќи: Бидејќи за безбедноста на Косово одговара НАТО, итна потреба е да биде зацврстено присуството на Алијансата пред да се скрши овој дипломатски воз. Но самата помисла за испраќање дополнителни американски сили во регионот мора да ја ужаснува администрацијата на Џорџ Буш. Од друга страна нејзината воздржаност и негрижа помогнаа во создавањето на оваа дилема што сега ја експлоатира Русија, оценува Холбрук кој потсетува и на состојбата во Босна и Херцеговина. Точно дванаесет години по Дејтонскиот договор со кој заврши војната во Босна, тамошните српските политичари, поттикнати од Москва и Белград се закануваат дека ќе прогласат независност доколку тоа го стори и Косово. Ваквата едностарана сецесија е строго забранета со Дејтон. И Русија се закани дека косовското прашање ќе го поврзе со двете бунтовнички подрачја во Грузија, Абхазија и Јужна Осетија, вели Холбрук, потенцирајќи дека Владимир Путин бара повторно да ја потврди руската улога како регионален хегемон. Тој не се обидува да почне нова Студена војна, туку да добие меѓународен респект, а Балканот, кој остана без грижа од администрацијата на Буш и кој е повлечен од европските безбедносни одговорности е примамлива цел за тоа. Путин го продолжи својот дострел и во српскиот дел на Босна, додава Холбрук, објаснувајќи дека Путин, користејќи некои од неговите петродолари го пресврте прозападниот Милорад Додик во лош националист кој се заканува со сецесија. Прозорецот на можноста за мирно приземјување на Косово беше затворен во две илјади и четвртата година. Сепак, Буш би требало да направи последен личен напор со Путин. Тие напори мора да бидат поддржани со дополнително распоредување во регионот. Не е предоцна за да се спречи насилството, но е неопходна акција предводена од американците, а времето истекува, заклучува Ричард Холбрук во Вашингтон пост.
XS
SM
MD
LG