Достапни линкови

И во новата учебна година без подобрување на условите


Десеттина дена пред почетокот на учебната година, градоначалниците на некои општини се жалат на старите проблеми во образованието. Руинирани објекти, стари долгови, немање елементарни услови за работа во училиштата, ваква е сликата во повеќето рурални општини. Градоначалникот на општина Жупа, Нузи Шахин вели дека дека засега општинските буџети неможат да го поднесат финансискиот товар што од нив се бара.

„Не се работи само за превоз и греење. Има и поправки. Треба да се мисли за нови објекти за проширување на објектите.“

Втората фаза на фискалната децентрализација не почна во центар Жупа.
Шахин вели дека општината нема пари за да ги покрие потребните поправки на образовните објекти, ниту пак да ги обезбеди платите на наставниот кадар од општинскиот буџет. Иако финансиски средства секогаш недостасуваат, градоначалникот на општина Росоман, Гоце Величковски вели дека преку странски донации се обидуваат да ги направат потребните поправки во училиштата

„Недостигаат средства во делот на одржавањето на објектите, реконструкцијата на објектите, во делот на комуналната изградба. Сепак, немаме доволно средства за целосно одржување на образовниот систем.“

За градоначалникот на Валандово пак, Никола Чурлиновски вината за лошата состојба во повеќето општински училишта е кај градоначалниците. Тој посочува дека проблемите можат да се решат со добро менаџирање, а не со поплаки и жалби на друга адреса

„Вие треба домаќински да си ја гледате работата. Значи, да одите во училиштето, но сите ние сакаме да бидеме градоначалници од фотеља. Тоа не бива.“

Со влезот во втората фаза од фискалната децентрализација, обврските за платите на вработените во образованието, културните институции, градинките и старечките домови во општините се во надлежност на локалната власт.
XS
SM
MD
LG