Достапни линкови

Обид на Русија за засилување на влијанието на Балканот


Русија уште еднаш ги раздува напорите на Европската Унија во врска со снабдувањето на Континетот со гас и нафта. Деновиве Газпром потпиша договор со италијанската фирма Ени за изградба на таканарачениот Јужен гасовод. Од друга страна, тоа што земјите од Западен Балкан се се повеќе разочарани од бавноста на процесот за проширување на Европската Унија, Москва се обидува да го искористи за да го зацврсти своето влијание во тој дел на Европа.

Два јужноевропски града. Два самита. Но, една гласна и јасна порака од рускиот претседател Владимир Путин: Се вративме. Говорејќи на Балканскиот енергетски самит во Загреб во неделата, Путин го потенцираше договорот што на Москва и обезбедува доминантна улога во снабдувањето со гас на Европа.

„Како што знаете, вчера Газпром и италијанската компанија Ени потпишаа меморандум за изградба на гасовод под Црно Море.“

Ден потоа на самитот на Црноморскиот регион во Истанбул Путин изјави дека земјите членки на оваа организација можат да ги стабилизираат нивните енергетски пазари со тоа што ќе потпишат долгорочни договори со Русија. Путин потоа им рече на новинарите дека Балканот и Црноморскиот регион секогаш биле сфера на руските интереси и оти е природно што Русија се враќа. Аналитичарите велат дека
најавениот гасовод кој ќе има две гранки, северна кон Австрија и јужна кон Италија, претставува голем удар за напорите на Европската Унија да ја намали енергетската зависност од Русија.

„Мислам дека тоа е уште едне голем потег во шаховската партија. Тоа нема да ги уништи другите можни проекти, но може да ги направи помалку важни од планираното.“

Вели Федерико Бордонаро, аналитичар од Рим, потсетувајќи на гасоводот Набуко, проект со кој Европската Унија сака да ја избегне руската територија при снабдувањето со гас од Централна Азија. И американскиот професор Маршал Голдман кој е познавач на руската економија енергетската политика на Путин ја споредува со партија шах. Но, тој додава дека таа политика нема за цел Русија да доминира само на енергетскиот пазар

„Секако имате сфера на влијание, бидејќи еднаш кога земјите ќе станат зависни од рускиот гас, тогаш тие ќе се двоумат дали да преземат некоја акција што е спротивна од мислењето на Москва поради страхувањето да не останат без нејзината енергија.“

Откако по распаѓањето на Советскиот сојуз во дведесет и првата година Русија беше оставена настрана од европските работи Москва сега се обидува да ги искористи своите енергетски извори за да го обнови влијанието. Еден од главните патишта е оној низ Западен Балкан каде што Русија има долги историски и културни врски и каде што земјите стануваат се поразочарани од одбивањето на Брисел да станат дел од Европската Унија.

„Оваа енергетска игра во Западен Балкан всушност е поврзана со геополитичките движења и руската желба уште еднаш да стане влијателен играч во регионот.“

Вели аналитичарот Федерико Бордонаро.
XS
SM
MD
LG