Достапни линкови

Приоритет добивање поддршка за датум за преговори за членство на земјава во ЕУ


Мешовитиот парламентарен комитет за соработка меѓу Европската унија и Македонија денеска во Скопје продолжува со работа. Еден од приоритетите на македонската делегација за наредниот период е да се добие поддршка за поскоро добивање на датум за почеток на преговорите за членство:

„Дел од пратениците кои што се во тој Комитет имаат големи симпатии кон Република Македонија и ние би требале сега да се концентрираме кон создавање на поголема лоби пратеничка група во Европскиот Парламент, затоа што мислам дека е многу битно.“

изјави Иван Анастасовски потпретседател на македонската делегација. Токму од овој комитет Македонија прво доби поддршка за кандидатски статус, посочуваат од македонската делегација. Сепак тие додаваат дека повторното назначување на грк за копретседавач може да влијае на работата на Комитетот, како и на македонското евроинтегрирање. Тие реагираат и го повикуваат Брисел сериозно да размисли за овој чекор:

„За разлика од сите други вакви мешовити парламентарни Комитети каде што се ставаат на чело парламентарци кои што доаѓаат од земји кои што ја подржуваат таа земја, кај нас се случува нешто сосема обратно и јас и официјално ќе кажам дека овој пат тоа што е по втор пат ставен грк е нешто што мора сериозно да се размисли во Брисел и е сосема некоректно.“

изјави Андреј Жерновски член на македонската делегација кој смета дека во работата на Комитетот не треба да се дозволи да се стави акцент само на односите Македонија-Грција, туку на процесот на евроинтеграција

„Ова не смее да биде главна тема, туку треба да биде една од попатните теми каде што ќе се каже јасно кој е нашиот став, но не смееме да паднеме во стапицата која што некој друг ја посакува, а тоа е да се дискутира за нашите односи со Грција, а не за нашите евроинтеграции.“

вели Жерновски.
Флора Кадриу член на македонската делегација и претседател на собраниската Комисија за надворешна политика пак, смета дека тоа што копретседавач на комитетот е од Грција не би требало да влијае на работата на Комитетот:

„Тоа што претседавач е лице од Грција не претставува некаков проблем за Македонија, ниту пак Македонија треба да се меша во определбата на Европската Унија за тоа кој ќе биде претседавач. Доколку тие сметаат дека претседавачот треба да биде од Грција ние го прифаќаме тоа.“

Од мисијата на Европсјката унија во земјава ниту од Европскиот парламент не го коментираат фактот што копретседавач на Комитетот е Грк.
XS
SM
MD
LG