Достапни линкови

Поздравено релативно мирното гласање на кое излегоа над 61% од граѓаните


Денешното гласање на референдумот за Уставот на Ирак, од надлежните во земјата е оценето како релативно мирно. Пребројувањето на гласачките ливчиња во земјата започна, а првите официјални резултати не се очекуваат пред понеделник. Портпаролот на изборната комисија Адел ал Лами соопшти дека на гласањето излегле повеќе од 61% од регистрираните гласачи. Претходно за Радио Слободна Европа шефот на ирачката Изборна комисија Езалдин ал Мухамади изјави дека е задоволен од излезноста на изборите:

„Во сите области, дури и во оние кои ги бојкотираа изборите во јануари, сега имаме голема излезност и гласање на референдумот.“


Ирачкиот претседател Џалал Талабани кој беше еден од првите гласачи на денешното изјаснување, истакна дека референдумот за новиот Устав на земјата претставува пресвртница во ирачката демократија:

„Јас мислам дека Уставот ги претставува повеќето аспирации на ирачкиот народ. Не сакам да кажам дека Уставот е перфектен, но тоа е најдоборото што можеше да се направи во оваа фаза. Ова е еден од најдобрите Устави на Блискиот Исток.“

Денешниот референдум во Ирак американскиот претседател Џорџ Буш го оцени како чекор напред во борбата против тероризмот и воспоставување на демократија.
Курдите и шиитите во земјата го подржуваат Уставот, но повеќето сунити се против него и се изјаснија дека ќе гласаат против, освен ирачката Сунитската муслиманска партија која се изјасни дека ќе го прифати Уставот, откако минатата недела заедно со шиитите и курдите беше постигнат договор за можност за негово дополнување со амандамани.
Инаку денешното гласање се одвиваше под силно обезбедување. Стотици ирачки полицајци и војници ги обезбедуваа шесте илјади гласачки места, а беа затворени и меѓународните граници и аеродромот во Багдад.
Сепак се случија неколку инциденти. При бомба во Багдад загинале тројца ирачки војници, а инциденти се случиле и во градот Рамади.
Референдумот ќе биде успешен доколку го прифатат повеќето од гласачите. Доколку пак две третини од избирачите во три од 18 ирачки провинции се изјаснат против, Уставот ќе биде отфрлен. Ако Уставот биде прифатен до 15 декември треба да се одржат парламентарни избори во земјата, кои ќе биде според новите уставни одредби.
XS
SM
MD
LG