Достапни линкови

Како е фатен Дијаболик, дали болниот шеф веќе не ѝ требал на Коза Ностра?


Апсењето на Матео Месина Денаро - Дијаболик
Апсењето на Матео Месина Денаро - Дијаболик

Сега знаеме дека Месина Денаро се лекувал од рак, значи многу е болен. Затоа луѓето велат дека некој во светот на криминалот одлучил дека тој повеќе не е корисен, вели професорката од ЕСЕКС, Ана Серги

Италијанската полиција завчера околу 10 часот, во приватна клиника во Палемо, Сицилија го пронашла најважниот член на најголемата италијанска мафија, Матео Месина Денаро, додека бил на лекарски третман. Судски извори соопштија дека тој се лекувал од рак и бил опериран минатата година, а лекарските третмани ги закажувал под лажно име.

По три децении потрага по најбараниот мафијашки бос, во последната акција учествуваа околу 100 полициски службеници, а апсењето беше дочекано со аплауз од локалното население.

Коза Ностра, Фалконе, Борселино, бомбашките напади во Рим, Фиренца и Милано...

За Денаро се тврди дека е шеф на мафијата Коза Ностра. Осуден е во отсуство на доживотен затвор за неговата улога во убиството на славните борци против сицилијанската мафија, судиите Џовани Фалконе и Паоло Борселино во 1992 година.

Денаро во своето досие има уште една доживотна казна - за вмешаност во бомбашките напади во Фиренца, Рим и Милано во кои загинаа 10 луѓе.

„Самиот пополнував гробишта“, изјави еднаш Денаро.

Честитки од властите и народот

Италијанските власти денешниот ден го оценија како историски. Премиерката Џорџа Мелони го поздрави апсењето и им се заблагодари на вооружените сили за приведувањето на Денаро.

„Ова е голема победа за државата“, изјави Мелони.

И од кабинетот на италијанскиот претседател испратија пофалби и честитки до полицијата.

“Претседателот на Републиката, Серџо Матарела, телефонски ги повика министерот за внатрешни работи и командантот на карабинерите за да им честита за апсењето на Месина Денаро, извршено во тесна соработка со судството”, напишаа на Твитер од претседателскиот кабинет.

Според сестрата на убиениот судија од страна на Денаро, правдата конечно е задоволена.

„Тоа докажува дека мафијашите, и покрај нивните заблуди за семоќност, на крајот се осудени на пораз во конфликтот со демократската држава“, рече таа.

Дијаболик: Убиства. рекет, перење пари, дрога...

Денаро познат и под прекарот “Дијаболик” освен во убиства, бил вмешан и во рекетирање, бизнис со нелегален отпад, перење пари и трговија со дрога за криминалната организација Коза Ностра.

Во текот на изминативе три децении полицијата имаше блиски обиди за апсење на Денаро, но сепак сите беа неуспешни. Поради тоа што имале и многу малку фотографии од италијанскиот мафија бос, полицијата се обидувала и дигитално да го реконструира неговото лице низ годините, а се верува дека неговиот глас прв пат го слушнале во 2021 година.

Денаро во полициско возило по апсењето во една од болниците во Палермо
Денаро во полициско возило по апсењето во една од болниците во Палермо

Дали некој од мафијата решил дека болниот Денаро веќе не е корисен?

Сепак во јавноста се поставуваат повеќе прашања околу апсењето на Денаро, односно како после 30 години е уапсен токму во Сицилија каде е најбаран или дали некој од блиските соработници им кажал на италијанските власти каде се наоѓа?

„Сè уште е нејасно како дошло до упадот на клиниката, кој ги известил властите или - најважно - како било можно Месина Денаро да се движи низ Сицилија, веројатно заштитен, 30 години“, вели професорката по криминологија на универзитотот во ЕСЕКС Ана Серги за Би-Би-Си.

„Сега знаеме дека Месина Денаро се лекувал од рак, значи многу е болен. Затоа луѓето велат дека некој во светот на криминалот одлучил дека тој повеќе не е корисен”, додаде таа.

Истражните органи со години беа убедени дека тој долго време живее далеку од Сицилија, а убедени се дека низ текот на годините под лажно име се лекувал во Шпанија поради проблеми со окото.

Подготви: Тамара Дичовска

XS
SM
MD
LG