Достапни линкови

Уметничка слобода наместо политички пароли


Графити уметници во акција

Македонските графити уметници добија легални ѕидови за уметничка креација, а седум од нив и задача да пратат порака за солидарност на свој начин.

Тимот на Скопје 2028 – кандидат за Европска престолнина на културата со идеја да ја поддржи домашната сцена на улични уметници, стартуваше инцијативата за именување на „Легален ѕид – Legal Wall” во Скопје.

Оваа намера на уличните уметници им донесе два легални ѕида за слободно користење или безбедно „платно“ за цртање графити, мурали и тагирање, без временско или законско ограничување.

„Тргнувајќи од тоа дека уличната уметност, пред сѐ цртањето графити во поголем дел од светот вклучувајќи не и нас е нелегална, со оваа инцијатива креираме легален простор за слободен уметнички израз кој ќе биде особено важен за младите улични уметници, каде што ќе може да ја развиваат својата креативност и способност за цртање. Иницијативата на тимот на Скопје 2028 беше претставена пред Градот Скопје, кој ја прифати и помогна во нејзината реализација“, изјави за РСЕ, Виолета Качакова, програмска менаџерка на Скопје 2028 – кандидат за Европска престолнина на културата.

Со намера да потсетат на важноста на солидарноста, организаторите го избраа 26. јули, денот на кој се сеќаваме на катастрофалниот земјотрес во Скопје, како соодветен датум за праќање важна уметничка порака, во соработка со седум домашни улични уметници.

„Со оваа акција истовремено го славиме солидарно Скопје и назначувањето на првите легални ѕидови, кои за нас претставуваат симбол за соработка, размена, почитување на културната разноликост, комуникација помеѓу различни генерации на уметници, но и простор за меѓународна соработка со странски уметници кои ќе можат да дојдат да цртаат во Скопје, самоиницијативно или како дел од вмрежени акции со домашни уметници. Домашните уметници со кои ја реализиравме оваа акција се искусни улични уметници и битен дел од сцената, со кои беше задоволство да се работи. Акцијата на цртање на графитите на еден од назначените легални ѕидови ја организиравме во партнерство со Младинскиот културен центар “, додаде Качакова.

Еден од оние кои го оставија својот уметнички белег на легален ѕид со цртање на самостоен графит на тема Солидарност, беше младиот Дејан Давчевски.

Тој со графити уметност се занимава последниве десет години, а неодамна ја имаше и првата самостојна изложба „Од ѕид на платно“. Неговиот уметнички потпис стои и на муралот во Кинотека на Македонија, во киното „Мирно лето“ како и на мурал во новиот Дино парк во Скопје.

„Идејата за легално цртање, за мене е позитивна. Скопје има потреба од нешто кое би го нарекол јавна галерија, која е достапна за секој. Доколку тој простор не се користи за јавни пропаганди и политички пароли, туку за цртање мурали кои праќаат важна порака и промовираат развивање на уметничка вештина наместо омраза, помладите генерации би биде мотивирани да работат повеќе, а градот ќе биде поубав“, вели Давчевски за РСЕ.

Графити уметникот Дејан Давчевски
Графити уметникот Дејан Давчевски

Тоа што цртањето на легалните ѕидови е слободно, а времето неограничено, можеби за некого ќе намали на адреналин, но за друг ќе зголеми на креативност.

„Цртањето графити многу често било и за адреналински предизвик, и самата помисла дека не смее да си таму е нешто што дефинитивно имало влијание, но секогаш се целта е на крајот да има некаков резултат. Така што, можеби ќе се намали адреналинот, но се надевам дека креативноста ќе се зголеми и интересот кон ова хоби ќе се збогати со многу млади уметници во иднина. Во Скопје како урбан град ќе останат белези од млади автори“, изјави 25 годишниот цртач на графити.

Со својот графит, Давчевски сака да прати важна порака за важноста на секој во општеството.

„Jaс нацртав неколку млади лица кои здружено носат молив. Целта на муралот е врзана со егото и неслогата почнувајќи од уметниците па се до секоја различна бранша, со цел да прикаже дека секој е еднакво важен во општеството и секој треба подеднакво да биде ценет“, истакна младиот уметник.

Графитот на Дејан Давчевски, нацртан на легалниот ѕид
Графитот на Дејан Давчевски, нацртан на легалниот ѕид

„Слободната уметничка креација треба да се поддржува“

Организаторите велат дека двата назначени легални ѕидови остануваат слободни простори за идни уметнички креации од страна на уличните уметници. Преку нивното користење ќе се добијат и повеќе информации за потребите на сцената, но и за тоа какви активности би требало да се развиваат во иднина.

„Креирањето на јавни легални и безбедни простори за слободна уметничка креација е важно, и треба да се развива и подржува. Притоа е исто, вредно е да се спомене дека користењето на легалните ѕидови има и етички кодекс, односно Градот Скопје го задржува правото да ги отстрани содржините што се сметаат за навредливи, непристојни, дискриминирачки и оние кои ги кршат човековите права. Оваа инцијатива може да послужи и како пример или мотивација да се организираат вакви акции на други локации, во различни општини на градот или во други градови во земјата“, вели програмската менаџерка Качакова.

За слободна графити зона се прогласени потпорниот ѕид на улица Војвода Васил Чакаларов (Адолф Циборовски) по Реплек, како и ѕидовите од двете страни на булевар Гоце Делчев под поранешна Стоковна куќа МОСТ, денес Универзитет на Југоисточна Европа.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG