Достапни линкови

Културен центар или згради на местото на фабриката Купрум


Напуштената фабрика Купрум
Напуштената фабрика Купрум

Објектот на фабриката Купрум повеќе од две децении е напуштен. Здружението Културно Ехо бара просторот да биде пренаменет пред се за потребите на младите. Но, според ГУП-от на локацијата се предвидени згради. Околните жители велат дека има доволно згради во населбата.

Искршени прозорци, руинирани скали и ѕидни конструкции, стакло и шприцови на сите страни. Ова е сликата на стечајната фабрика за обоени метали „Купрум“ која некогаш била голем економски двигател во западниот дел на градот Скопје. Последниве дваесетина години просторот е оставен самиот на себе, девастиран и уништен, што од природни непогоди, што од човеково невнимание.

Иако комплексот е препознатлив меѓу младите локални музичари и графити цртачи, кои неуморно творат и влијаат позитивно на локалното урбано живеење, сепак постоењето на објектот во оваа констелација предизвикува и проблеми за околината во која се наоѓа.

Лоцирана во населбата Хром веднаш до реката Вардар, фабриката „Купрум“ не е соодветно заградена, нема чувар и низ просторот слободно транзитираат луѓе, а неретко и малолетни лица. Жителите од населбата Хром се загрижени и сведочат за немили настани поврзани за самата фабрика. Велат, објектот е како од хорор филм, особено навечер. Руинирано место, кое се претвора во наркоманско дувло и прибежиште за бездомници.

„Разни луѓе влегуваат внатре, треба да се донесе некоја одлука, да се забрани, на што личи ова. Штета е“, вели Митко Василевски од населбата Хром.

„Има шахти, има дупки, а се случуваат и некои лоши работи со дрогата. Запознаена е и полицијата. Се наоѓаат сè повеќе шприцови и сè и сешто. Инаку што е руинирана никому не смета“, вели жител кој живее непосредно до фабриката „Купрум“.

„Кога поминувам од таа улица сум помислила долу има базен кај што се перела рудата, тука да се лизне некој ќе се удави. До пред некое време имаше и чувари сега е скроз напуштена“, вели пензионерка од населбата.

„Постоеја иницијативи за претворање на просторот во некое арт ќоше, простор за слободно изразување. Тоа беше добра идеја, но тоа не носи добивка во џебовите на локалните власти, па не е примамлива. Инаку да, закана е. Не е битно од кога потекнува меѓутоа, со самото тоа што не се прави ништо, оставена е на заб на време. Прашање е само кога ќе падне“, споделува млада мајка од населбата Хром.

Во февруари годинава, локалците имале прилика да сведочат и за ненадеен пожар во една од просториите на фабриката, каде биле опожарени поголема количина на хартија и дрва, што дополнително ја зголемува загрозеноста на локалното население кое живее во околината на „Купрум“.

Културно Ехо- нова надеж на Купрум

Купрум претставува директна закана за нејзиното речно корито и нејзините веќе загадени води, како и почвата во нејзината околина и подземните води, бидејќи децении наназад фабриката служела како пералиште за преработка на руда и тешки метали, стои во публикацијата „Купрум-рудник на (суб)културата“, издадена од меѓународното граѓанско здружение Културно Ехо.

Свесни за опасноста од ваквиот тип руинирани објекти, групата на млади ентузијасти од Културно Ехо во соработка со здружението Сити Скуп, пред околу три години го презентираа својот проект „Напуштени можности“, со цел лоцирање, ревитализирање и соодветна пренамена на голем дел од руинираните објекти низ Македонија. Во склоп на тој проект е и иницијативата за повторно заживување и реупотреба на напуштениот гигант „Купрум“, под слоганот „Од напуштена фабрика до студенстки град“, во кого гледаат голем потенцијал. Поучени од редовната пракса во западните земји да ревитализираат нефункцонални и узурпирани објекти, Културно Ехо гледаат голем потенцијал некогашниот индустриски комплекс „Купрум“ да прерасне во нов, атрактивен простор наменет пред сè за младите.

„Идејата за ревитализација на „Купрум“ потекнува од тоа што просторот веќе 20 години е напуштен и контаминиран, што е целосна спротивност на принципот на хуманизација на просторот. Со самото тоа што се наоѓа во урбана средина опколен со станбени единици го прави опасен по животната средина и локалното население. Тоа е слободна зона, каде што влегуваат и млади луѓе па и малолетни деца што може да биде опасно особено по нив. Стечајната постапка потполно порфрлила во овој случај“ вели Кристијан Караџовски, член на Културно Ехо.

Од Културно Ехо сметаат дека ревитализираниот „Купрум“ би бил од големо значење, не само на локално туку и на национално ниво. Неговата пренамена во одржлив, мултифункционален простор од социо-економски карактер би претставувал збирно место на младите ширум земјава, каде би можеле да се едуцираат, социјализираат и конектираат едни со други. Покрај тоа, комплексот би бил економски одржлив, а со оглед на тоа што од вкупната површина на парцелата која изнесува 22.000 квадратни метри, само 3000 се градежно земјиште, тоа дава можност останатите 18.000 квадратни метри да се искористат во полза на животната средина и раззеленување на просторот.

Културен простор или згради?

Според актуелниот Генерален урбанистички план на град Скопје во планскиот период 2012-2022 година, на местото на индустрискиот комплекс „Купрум“ се предвидени маркици за грдба на станбени објекти за домување.

Граѓаните на населбата Хром велат дека има доволно станбени објекти во нивната околина, па сметаат дека просторот на некогашниот „Купрум“ може да добие друга, посоодветна пренамена.

„Јас лично би го реновирала, како средношколски центар, инаку како зграда мислам дека може да се искористи. Штета е да пропадне. Штета е да се уништи таков објект, сепак ќе остане како некој споменик на Ѓорче, зошто колку што гледаме сè е уништено. Немаме ниеден белег на Ѓорче. Огромен простор е, може да се искористи за нешто, греота е да пропаѓа така“, вели Марија Чаловска, пензионерка.

„Од прекрасен погон, сега сè е руина, пропаѓа. Згради би било последна варијанта затоа што го спречува воздухот од Вардар. Тек сега не чека навалица на изградба, што е страшно поготово за овој дел затоа што важеше за една еколошка, чиста средина а сега имаме бетонска џунгла“, вели пензионерка од населбата Хром.

„Не мора да се пренамени, само згради не, не би требало. Хром стана со згради преокупиран.“, споделува уште една жителка на населбата.
„Општинава да има финансии да го направи на такви луѓе што немаат, да им даде каде да живеат. Подобро да се тука сместени, зошто и без тоа пропаѓа. Да се направи мала интервенција, и ќе живее местото, нема да биде напуштено. Ова е родено за социјални случаеви“, вели млад граѓанин.

Граѓанските активисти од Културно Ехо пак, неодамна поднесоа иницијатива до Град Скопје, со цел промена на актуелниот Генерален урбанистички план и имплементирање на предлог измените во новиот ГУП со цел промена на основната намена од домување во облест за јавни дејности и институции.

„Со оглед на тоа што иницијативата која ја доставивме до Град Скопје за промена на ГУП-от, е поддржана и потпишана од страна на градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, таа секако добива институционална тежина, која пак може да помогне за што поскора изработка на физибилити студија, која е клучна во овој момент“ , додаваат од Културно Ехо.

Она што следно би се преземало од здружението би било поднесување на иницијатива за вклучување на Владата, Општината Ѓорче Петров како и пропратни граѓански здруженија со цел изработка на физибилити студија, која како што велат и самите, би била клучен стратешки документ и фактор кој ќе даде одговор дали е изводлива самата иницијатива за пренамената на „Купрум“. Физибилити студијата од повеќе аспекти ќе утврди дали е возможна и соодветна пренамената на „Купрум“ во студентски град, односно ќе утврди кои се предностите, кои се недостатоците а кои можностите околу самиот проект.

„Тоа ќе биде вовед и нова страна за тоа како се гледа на просторот и урбанистичкото планирање. Самиот чин на ревитализација на напуштен индустриски комплекс и негова пренамена во атрактивен јавен простор пред сè во интерес на младите, е согласно принципите на оддржливи градови. Зголемувањето на урбаното зеленило е важен фактор кој влијае на урбаните топлотни острови, што го придвижува градот во линија на одржлив развој, а притоа просторот нема да се гледа само како ресурс за профит. Воедно, би се зголемила туристичката понуда на Град Скопје, и би го ставила на листата на еден од поатрактивни градови за млади на Балканот. Сè на се би се зголемил квалитетот на животот на младите“ заклучуваат од Културно Ехо.

Изградена во 1940-тите години на минатиот век, фабриката Купрум повеќе од дваесетина години е руинирана и оставена на забот на времето. Лоцирана е во урбанизираната скопска населба Хром, на самиот почеток на општината Ѓорче Петров. Самата фабрика допринела за развој на населбата Хром и други населби во околината. Последиците од пост-транзицискиот период предизвикуваат фабриката оттогаш па сè до денес да е под стечајна постапка. Дел од објектите на комплексот се во приватна сопственост, додека целата парцела на која е лоциран комплексот е сопственост на Република Македонија. „Заглавена“ во бирократија, фабриката „Купрум“ со децении е оставена на забот на времето и ја чека својата пренамена.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG