Достапни линкови

Говорот на омраза мора да се спречи додека не пламне на улица


Архива- Активисти на Хелсиншкиот комитет за човекови права поставија „Ѕид на срамот“ на кој се поставени примери на говор на омраза во медиумите и на личности кои го практикуваат и поттикнуваат.
Архива- Активисти на Хелсиншкиот комитет за човекови права поставија „Ѕид на срамот“ на кој се поставени примери на говор на омраза во медиумите и на личности кои го практикуваат и поттикнуваат.

Зголемен е говорот на омраза од почетокот на оваа година, покажуваат истражувањата на мониторинг организациите во земјава. Еден од последните случаи е навредите на вработен во Општина Бутел кој предизвика протест на жителите во општината. Аналитичари велат дека институциите треба да го казнуваат говорот на омраза, без разлика од каде доаѓа, но сметаат и дека политичарите прават злоупотреби за предизборни цели.

Говорот на омраза треба да се санкционира, особено во земјите со различности меѓу населението. Македонија има добри закони, а институциите треба да работат да ги санкционираат, не само јавните личности, туку сите кои користат говор на омраза, вели политичкиот аналитичар Џељал Незири. Тој додава дека доколку говорот на омраза се толерира, тоа станува опасна пракса која потоа може да биде генератор на различни тензии чија цена ја плаќаат сите граѓани.

„Во мултиетнички и мултикултурни општества говорот на омраза е како да се фрли отпушок во бензинска пумпа, може да избувнат пламени, како што е случај, не само во земјите во регионот, туку сега и во Америка“, вели Незири.

Случај Бутел

Собирот на жители на Бутел пред два дена е само еден од последните вакви случаи во земјава, кога беше предизвикан протест поради навреди и говор на омраза од страна на вработен во Општина Бутел, кој на Фејсбук пишувал навредливи коментари кон Албанците.

Вработениот бил пријател со градоначалникот на Општина Бутел Велимир Смилевски, кој вчера информираше дека го запрел работниот ангажман на лицето во општината поради навредливите коментари.

„Неговите ставови не се мои ставови. Поголемиот дел од вас знаете каков човек сум и дека никогаш, дури ни на сон не би можел да помислам, ниту да изговорам такви зборови на омраза“, напиша Смилевски на социјалната мрежа фејсбук апелирајќи граѓаните да не дозволат „вакви изолирани случаи“ да го нарушат соживотот.

Со реакција за случајот излегоа од партијата ДУИ, повикувајќи ги македонските партии „да се воздржат од говорот на омраза.“

Првиот Премиер Албанец ќе биде премиер на еднаквоста, премиер на сите, на развојот и Американското партнество и ќе ги преставува интересите на секој граѓанин на најдоследен можен начин, се наведува, меѓу другото, во соопштението на ДУИ.

Пораст на говорот на омраза во 2020 година

Дека говорот на омраза бележи пораст, покажува и мониторингот на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија за периодот од јануари до април 2020 година. Навредите најчесто се на социјалните мрежи, на јавен простор во форма на натписи и графити на згради, но и на билборди.

Во извештајот на организацијата се вели дека пикот на говорот на омраза на социјалните медиуми е поврзан со неколку значајни општествено-политички моменти - објавувањето на кампањата за унапредување на правата на ЛГБТИ заедницата, распуштањето на Собранието и носењето на пакетот законски мерки, прогласувањето на вонредната состојба поради пандемијата на коронавирусот и почетокот на најдолгиот карантин за велигденските празници.

Истражувањето е направено во три општини: Штип, Битола и Тетово. Во март и април во Битола се забележува омраза кон албанското население и говор на омраза врз основа на здравствена состојба со силен интензитет, омраза на политичка припадност и кон припадниците на ЛГБТИ заедницата и омраза кон Ромите на етничка и национална основа. Во Штип, пак, има говор на омраза врз етничка припадност и кон политички неистомисленици...

Во Тетово, во февруари и март има говор на омраза по основ на етничка припадност, во април има говор на омраза кон македонско население и омраза по основ на национална и етничка припадност, се вели во извештајот на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија.

Истражувањето покажува дека дури 36 проценти од говорот на омраза на социјалните медиуми, во периодот од четири месеци, е поради етничка припадност, па следуваат 24 отсто поради политичка припадност и 20 проценти поради сексуална ориентација и родов идентитет.

„За период од четири месеци на веб платформата „govornaomraza.mk“ пријавени се вкупно 298 пријави за различни категории. Забележливо е дека за разлика од 2019 година, на почетокот на 2020 година е зголемен говорот на омраза пријавен на платформата“, покажал мониторингот на Хелсиншкиот комитет.

Злоупотреби во предизборни цели

Незири смета дека говорот на омраза се злоупотребува и во предизборни цели, не само откако политичките партии периодов преговараа за договор за датум за предвремените парламентарни избори, туку дека е појава која со години е присутна во општеството.

„Преку национализмот е најлесно да се мобилизираат гласачи, тоа е покажано и докажано, не само во овој изборен циклус, туку и во минатите. Очекувано е на секои избори партиите да играат на оваа карта, тој корпус на гласови кои се емотивни е голем во Македонија и партиите таргетираат такви гласачи“, вели Незири.

Тој посочува дека постои тенденција за враќање на национализмот и националните идеи на врвот на јавната агенда, како што вели, и покрај тоа што анкетите на релевантните институти покажуваат дека животниот стандард, борбата против корупцијата, функционирањето на правото и евроатлантските интеграции се главни приоритети на граѓаните.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG