Достапни линкови

Туристичките ваучери – Можност за одмор или ујдурма


Архивска фотографија: Плажа во Охрид

Сите вработени со плата под 15 илјади денари ќе добијат ваучер од 6000 денари за да одат на одмор, за така да му се помогне на туристичкиот сектор во корона-кризата. Дел од туристичките работници се сомневаат дека дел од граѓаните може да ги продаваат ваучерите во некои хотели за половина цена, а воопшто да не летуваат. Властите уверуваат дека шансите за такво нешто се многу мали.

Туристичките ваучери, кои ги најави владата ќе му помогнат на домашниот туристички сектор колку – толку да го преживее ударот од пандемијата на коронавирусот, велат туристичките работници. Со оглед на тоа што се работи за ваучери од 6000 денари за луѓето со ниски примања, веројатно повеќе ќе се офајдат приватните станоиздавачи, кои се поевтини, отколку хотелите, во кои со тие пари може да се уплатат само неколку ноќевања. Од друга страна, туристичките работници предупредуваат дека се можни итарпејовски злоупотреби.

Мерката предвидува сите вработени граѓани кои имаат приходи пониски од 15 илјади денари месечно, односно да не заработиле повеќе од 60 илјади денари од почетокот на годинава до крајот на април, да добијат ваучер од 6000 денари, кој може да го искористат во сите категоризирани угостителско – туристички објекти во земјава од 15 јули до 15 декември. Во Министерството за економијата велат дека оние кои ќе заминат на одмор и ќе го активираат ваучерот, ќе добијат и џепарлак од 3000 денари, односно платежна картичка со која ќе може да плаќаат во кафеани и кафулиња. Граѓаните не треба да аплицираат за добивање ваучер, туку на сите кои ги исполнуваат условите УЈП ќе им го испрати на е-маил адресата која ја имаат доставено до нив. Во Министерството за економијата очекуваат ваучери да добијат 115 илјади граѓани.

Претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија – ХОТАМ, Крсте Блажевски вели дека во секој случај ваучерите ќе му помогнат на туризмот за да ја преживее оваа сезона. Сепак, главна мерка за помош би била намалување на бројот на заболени од коронавирус, зашто во ваква ситуација на луѓето им е страв, вели тој.

„Заработка нема да има, туку работата е кој колку може да издржи да финансира во бизнисот за да нема отпуштања, да може и вработените во тој сектор да преживеат. Не е само за бизнисот да ги отпушти сите вработени, да стави клуч на врата и да отвори кога ќе дојдат подобри времиња. Зборуваме за опстанок“, вели тој.

Со оглед на тоа што 6000 денари се малку за одмор во хотел, Блажевски очекува и цените да паднат зашто сега сите се трудат да заработат некој денар повеќе, а оваа година не може да се надеваат на странски гости.

Од друга страна, долгогодишниот туристички работник Ангел Иванов вели дека ваучерите може да бидат спасоносна идеја, но треба да се види нејзината реализација. Тој вели дека само 20 отсто од граѓаните во Македонија одат на одмор, и дел од нив повеќе би сакале суви пари, отколку туристички ваучер. Може да се случи да ги продаваат ваучерите во некои хотели за половина сума, а воопшто да не ги користат услугите, вели тој.

„Сега ќе ви кажам едно наше искуство. На времето Грција даваше бонови за попуст за бензин за странци. Тогаш одевме со автомобили, а не организирано со автобуси. Ниеден македонски турист не ги користеше боновите, туку ги продаваше на бензинските пумпи - половината за пумпата, половина за продавачот, односно за македонскиот турист. Имаме некоја природна склоност кон девијации, односно интелигенција да се направи некоја итарпејовска итрина, тоа кај нас е национален спорт, национална гордост“, вели Иванов.

Властите, пак, уверуваат дека шансите за такви нешто се многу мали и има многу заштитни механизми, а инспекциските служби ќе бидат на терен. Министерството за економија најави дека до 15 јули треба да профункционира платформата domasiedoma.gov.mk и pushimenevend.gov.mk, на која бидат објавени понудите на сите катагоризирани туристичко-угостителски објекти низ државата, а граѓаните ќе може да изберат каде ќе летуваат.

Владата најави уште една мерка за помош на хотелиерите да ја пребродат корона-кризата: ќе кофинансира семинари, обуки и конференции.

На невладините организации, здруженијата, компаниите и институциите кои ќе ги организираат ваквите настани, ќе им бидат покриени 50 отсто од трошоците, но не повеќе од 30 илјади денари по настан. Предвидено е кофинансирање на 500 вакви настани и за мерката се предвидени 250 илјади евра.

Туристичките ваучери се дел од третиот сет мерки за помош на стопанството погодено од пандемијата на коронавирус. Вкупната владина помош за економијата е предвидена да биде над 550 милиони евра.

Досега во земјава има 3152 дијагностицирани со коронавирус, од нив оздравени се 1.653, починати е 156, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 1.343. Во изминатата недела се зголеми бројот на заболени и секој ден има по над 100 нови случаи.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG