Достапни линкови

Наскоро отворени граници, но со мерки за превенција


Граничен премин меѓу Македонија и Србија
Граничен премин меѓу Македонија и Србија

Стручната јавност смета дека отворањето на границите е добар сигнал и можност за враќање во нормала. Лекарите велат дека отворањето граници и слободата на движење се нешто што мора да се случи. Ризиците се можни само ако граѓаните се недисциплинирани и не ги почитуваат препораките на надлежните

Отворањето на границите како еден од сигналите за попуштање на мерките и враќање во новото нормално секојдневие, за стручната јавност би бил добар чекор кој би значел и добра можност за развој на туризмот. Но, експертите предупредуваат дека оваа мерка би можела да биде ризична доколку не се почитуваат мерките и препораките од надлежните институции за спречување на ширењето на корона вирусот во земјава.

Владата веќе одлучи полицискиот час да биде укинат од денеска, а угостителските објекти да почнат со работа од утре. Комисијата за заразни болести треба дополнително да каже кога ќе може да се отворат границите и кога ќе може да отворат хотелите.

Првиот случај на заболен од коронавирус во Македонија беше регистриран на 26 февруари, а претседателот Стево Пендаровски првата вонредна состојба ја прогласи на 18 март. Од тогаш се затворени и сите гранични премини на земјава кон соседите, но и двата аеродрома, скопскиот и тој во Охрид.

Два и пол месеца подоцна соседите почнаа да попуштаат со мерките, па некои од нив, како на пример Србија веќе ги отвори границите. Хрватска исто така, а Албанија, Грција, Бугарија најавија отворени граници од јуни.

Професорот Науме Мариноски од Факултетот за туризам во Охрид вели дека отворањето на границите е добро решение за развој на домашниот туризам, но предупредува дека најважно е да се следат препораките и протоколите на однесување од страна на здравствените власти.

„Блиската комуникација може да предизвика лоши искуства и состојби. Не се засегнати само тие кои работат во угостителсктвото туку воопшто целата комуникација. Затоа е важно да се почитуваат мерките во поглед на дистанцата. Тешко е тоа да се прави во угостителството, но треба да се вложат максимални напори“, вели проф. Науме Мариноски.

Тој додава дека е најважно и при отворањето на границите и при пречек на туристите да се води грижа пред се за здравјето и хигиената и на вработените и на посетителите.

„Но, самото отворање на границите е позитивно само ако бидеме прептпазливи и ги почитуваме препораките и протоколот од страна на надлежните. Тоа треба да биде стане еден принцип на однесување кој треба да го прифатат и применуваат сите“, апелира проф. Мариноски.

Исто мислење дели и доктор Фадиљ Цана од Универзитетската клиника за инфективни болести.

Но, според него не е прашањето дали е во ред отворањето на границите. Новата болест е наше секојденевие не само кај нас, туку во цел свет, вели Цана додавајќи дека мораме и ние како и другите земји постепено да ги отвориме границите, но истовремено да бидеме внимателни и да ги спроведуваме препораките.

„Ако тие препораки не се спроведуваат, а веќе сме сведоци дека не се почитуваат, еве и јас имав можност деновиве да видам дека во полициски час луѓето се собираат и си пијат кафе, се движат слободно, а полицијата поминува и ништо не презема. Вкоренето е кај сите дека без оглед на тоа што ќе се каже на медиумите помпезно, во пракса тоа не се прави. Ние треба да се отвараме постепено ама препораките кои ќе бидат кажани од задравствените власти строго да се почитуваат и само така ќе го намалиме бројот на заболени од ковид, вели доктор Цана.

Во меѓувреме, Албанија најави дека од 1 јуни ги отвора границите за Македонија, додека Србија веќе ги отвори. Соседна Грција најави отворање на туристичката сезона од 1 јуни. Бугарија соопшти дека се согласила со соседните Србија и Грција да ги олеснат рестрикциите за патување на 1 јуни воведени зарази спречување на ширењето на коронавирусот.

„Се договоривме со Грција од 1 јуни да дозволиме патување без карантин за луѓето кои патуваат заради бизнис, семејни или хуманитарни причини“, изјави деновиве бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Туристичката сезона во Грција почнува на 15 јуни, кога може да се отворат сезонските хотели, а од 1 јули постепено ќе започнат директните летови од странство до грчките туристички дестинации, изјави неодамна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во видео пораката до јавноста во делот посветен на туризмот.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG