Достапни линкови

Коментари - Само чудесна Македонија оди нагоре со бројките за Ковид 19


Луѓе со маски во центарот на Скопје

Високата бројка на заразени со коронавирусот и изборите се најкоментираните теми од фановите на Радио Слободна Европа. Секогаш сме биле единствени и специјални во негативен контекст, пишува читател на РСЕ по информациите за растот на дијагностицирани со Ковид-19. На овие избори ќе нема кој да гласа, гласи еден од коментарите. Фановите коментираат и за спасот на туристичката сезона.

Како бомба низ социјалните мрежи одекна веста дека во предминатото деноноќие имало дури 62 новозаразени од корона вирусот. Но на нашата ФБ страница Горан Илијевски кратко напишал: „Да не ти се верува“, а Сефер Бекири уште пократко: „Лажат“. Енис Ибраим е поиздашен: „Србија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Албанија, сите одат надолу, само чудесна Македонија оди нагоре со бројките. Секогаш сме биле единствени и специјални во негативен контекст“. Во одговорот на Драган Бошков се насетува некаква алузија: „Енис Ибраим па во конкретниов случај има и доказ зошто се случува ова, ама ќе ќутиме ради мир у куќа. Македонија не е држава“. Седит Бекировски реално ги прикажува работите: „Па кај нас не се спречуваа собирите и не се преземаа мерки за прекршителите како во државите што се набројани. Сега уште тие држави да донесат одлука дека не примаат наши државјани и го јадовме пиперот. Тоа е резултат на нашиот безобразлук... мое мислење“.

И веднаш до Короната се и изборите. Најновото е дека „Власта бара избори на 5 јули, опозицијата обвинува дека ќе бројат жртви наместо гласови“ – гласат информациите, но некои од посетителите на ФБ страницата на РСЕ како да не се расположени за избори. Георги Методиев Христовски со својот дијалект коментира: „Катаден прецеднико кубури, изигрува јунак, овие од смрдс се прает од баџа јунаци, ваму се редат жртви... кај ви е умо, бе, избори, та избори, па нели ванредно стање, кај се брзате... Или уште долгој за арамилак сакате да клајте?“ Потпишан со Природата на Македонија ги пренесува „маалските муабети“, како што ги нарекува: „Луѓето нејќат да идат на гласање, особено оние постарите, се плашат и немале за што да гласаат“. Потпишана со Синева Сенкова, пак, предвидува: „На овие избори ќе нема кој да гласа. Доста му е на народот од арамии, 30 години мамето му го расплакавте“.

Граѓаните го коментираат и нашиот прилог со наслов: Како од остани дома до биди безбеден по олабавување на мерките. Социјалниот аспект им е најважен на луѓето, очигледно. Виктор Стојановски вели: „Давајте по 800 евра за семејство месечно помош неповратни средства!“, а Стојаноски Даниел забележува: „Лесно е да седиш дома со 40 илјади плата, дојди со 15 илјади, и без ич да седиш дома“. Лутфи Демири со забелешка на нашата редакција: „И вие од РСЕ безвезни наслови пишувате. За да напишете седете дома, прво треба да кажете кој ќе им даде плата на граѓаните да седат дома...“

Летото се ближи, многу европски земји со ниска стапка на Ковид-19 се подготвуваат за таканаречена „меур сезона“ за спас на својот туризам. Стојан Хаџи Димитров со промислена анализа: „Соседите се спремаат за летната сезона, а нашиве што прават?“ – прашува, па прозива: „Охрид? Дојран? Преспа? Ајде Преспа за жал е скоро уништена дека нема вода и плажи... ама Охридон, што прават? Чекаат протоколи од епидемиолозите? Некој од туристичките работници од Охрид и Дојран да излезеше да каже имаат ли некаква идеја барем? Маврово? Пониква? Кожуф? Каде сте?“ – прашува резигнирано Стојан Хаџи Димитров.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG