Достапни линкови

Тимоние: Самитот на ЕУ не е европска Хирошима


Се подигнаа очекувањата дека датумот за преговори ќе биде компензација за Преспанскиот договор, но реформите се клучни за започнување на преговорите, вели францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

Недобивањето датум не значи крај на македонските евроинтеграции и на Самитот на ЕУ не се случи европска Хирошима, туку инцидент кој предизвика сериозни последици тука. Ова денеска го изјави францускиот амбасадор во Скопје Кристиан Тимоние на прес-конфереција, објаснувајќи ги ставовите на францускиот претседател Емануел Макрон за непочнувањето на преговорите на Македонија и Албанија со ЕУ.

Тој посочи дека Франција ја пишува историјата и тоа не е затворено прашање, но погрешно е да се толкува противењето на Франција за проширувањето на Европската унија како вето. Според него, Франција честопати предупредувала дека реформите се клучни за започнување на преговорите, дека техничката агенда не е остварена, а дека Преспанскиот договор е само еден предуслов.

„За време на летото се подигнаа очекувањата дека одлуката ќе биде компензација за Преспанскиот договор. Се случи чудна промена на перспективите, тоа беше случај со некои наши партнери. Како набљудувач честопати се прашував како од објективна проценка на агенда преминавме на награда за постигнат договор. Тоа не беше француската перспектива и не била од самиот почеток. Преспанскиот договор е предуслов за да се расчисти патот, но европската агенда е друго прашање. Таа перспектива од секогаш била многу јасна и од француска страна им беше пренесена на нашите грчки и македонски соговорници и таа перспектива беше загубена по пат. Имаше чудно преместување на вниманието кое повеќе навлегува во политички маркетинг“, истакна Тимоние.

Тимоние: Награда за Преспанскиот договор не е датумот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:34 0:00

Тој не сакаше да прецизно да одговори во кои општествени чинители треба да се бара одговорноста за, како што вели, неоснованото зголемување на очекувањата за добивање на датум за преговори.

Тимоние одговараше на новинарски прашања во време кога во Европскиот парламент се одвиваше расправа за предлог-резолуција со која се осудува резултатот од последниот Самит на лидерите на ЕУ.

Тој изјави дека процесот на проширување не е доволен сам за себе, ниту отворање на поглавјата пред да се решат историските отворени прашања во земјите од Западен Балкан.

„Што се однесува до „албанското прашање“, беше покренато и очигледно дека не може да не се земе предвид тенденцијата која постои во таа земја и ризиците во регионот за распределба на идеолошки карти под агол којшто претставува своевидна опасност и мислам дека претседателот сакаше пред сè да покаже дека ние не може да ги гледаме случаите изолирано и дека постои поврзаност меѓу сите овие кандидати. Новината која што е видлива на Косово бара од нас да бидеме претпазливи и да ги следиме состојбите. Очигледно е дека целосното стабилизирање на земјите од Западен Балкан е нешто што не е завршено“, вели Тимоние.

Коментирајќи го ставот на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, искажан за германскиот весник „ФАЦ“, според кого опозицијата разгледува три опции за промена на уставното име, затоа што проширувањето е клинички мртво, Тимоние вели дека не треба да се драматизира неговата изјава.

„Го видов натписот во „ФАЦ“ и знаете, тоа е видување на претседателот на комисија на Собранието. Јас сето тоа го сфаќам мошне сериозно, но не разбрав дали е тоа е официјална позиција на неговата партија. Гледам дека начинот на кој се разговара на оваа тема е доста хипотетички, за модалитети за внатрешна ревизија коишто се чинат како шпекулации. Не сакам да се сомневам во пристапот кој го има поранешниот министер за надворешни работи изјавен за сериозен весник. Но, воопшто не сум сигурен дека тежината на аргументите на тој извадок се од природа која може да предизвика европски земјотрес и воопшто не знам дали многумина би се пронашле доколку се искрени. Треба работите да се остават во вистинската насока и да не драматизираме за тој натпис. Договорите треба да се почитуваат, еден поранешен министер не може да излезе надвор од таа линија“, изјави Тимоние.

На прашањето дали постојат гаранции дека пред пролетниот самит во Загреб, Франција ќе може да се задоволи со реформите во земјава, Тимоние смета дека не може да се предвиди што ќе се случува ниту да се дадат гаранции.

„Вие од мене барате да се подвргнам на луциден капацитет на предвидување. Не знам, патоказот е на маса, ние треба да дадеме предлози за нова методологија, а вие треба да продолжите со спроведувањето на реформите. Тоа беше кажано и од највисоките власта во државата и ние ги поддржуваме затоа што разговараме за различните модалитети за зголемување на нашата билатерална помош, и се наоѓаме во одредена динамика и не можам да ви дадам одредени гаранции дали и што ќе биде направено пред Самитот во Загреб“, вели Тимоние.

Во однос на неспроведените реформи кои амбасадорот постојано ги спомнуваше во неговите одговори на новинарските прашања, како една од двете клучни причина за недобивањето на датумот за преговори за двете земји рече дека недостига уште многу за вистинско владеење на правото.

„Нерешавањето на статусот на СЈО предизвика и сè уште предизвикува отворени прашања, иако беше најдено техничко решение. Но, отсуството на генерален договор за правна рамка за борба против корупцијата остава простор за отворени прашања и за капацитетот на големите политички партии и нивната реална волја да спроведат ефикасна борба на оваа тема“, вели Тимоние.

За него, Преспанскиот договор е модел за храброст, но далеку од тоа дека некоја земја може да се нарече држава за пример.

„Добро е да си мислите дека сте држава која служи за пример. Тоа го одржува моралот. Навистина беа направени храбри чекори и тоа беше признато и од претседателот Макрон. Но, не сум сигурен дека во регионот може да има држава пример. Тоа е избрзана терминологија“, изјави Тимоние.

За најавената посета на Макрон на двете земји од регионот, тој рече дека нема нови информации, но вели дека таа најава Макрон ја дал пред да бидат закажани изборите во земјава, што значи дека постои можност таа да биде одложена.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG