Достапни линкови

Предвремени избори, правдата ќе почека


Основен суд Скопје 2

Без меѓународен притисок политичките партии нема да се договорат за законот за Јавно обвинителство, велат аналитичарите. Во меѓувреме, во предизборието не се очекува забрзување на судските постапки во кои се инволвирани политичари.

Подигнувањето на антикорупциската политика на надпартиско и наднационално ниво како да падна во вода. Фокусот на интерес на политичките партии станаа изборите, иако претходно им останаа нерешени стратегиски прашања како што е законот за јавно обвинителство за кое преговараат без успех повеќе од половина година, велат аналитичарите.

Иван Стефановски од невладината организација Еуротинк вели дека во следниов период не очекува поголеми, ниту поекстензивни политички преговори околу Јавното обвинителство, освен ако за тоа не се направи поголем притисок од меѓународните партнери, особено од ЕУ и САД.

„Без посериозен притисок не очекувам дека во моментов партиите би се нафатиле посериозно со законот за јавно обвинителство, затоа што мислам дека целите капацитети на партиите ќе бидат насочени кон она креирање на техничка влада која што треба да биде создадена сто дена пред избори, и на кампањата, профилирање на кандидатите, на носителите на изборните единици, на финансирањето на кампањата, мислам дека тука ќе бидат насочени партиските сили и интереси“, вели Стефановски.


Досега во неколку наврати вицепремиерот Бујар Османи посочуваше дека предметите на поранешното СЈО се спасени затоа што специјалните обвинители си продолжија да ги водат под капата на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, но вработените во Специјалното веќе еден месец немаат земено плата, ниту платиле сметки за струја и останати трошоци. Додека политичарите да се договорат за ова прашање станува сѐ поизвесно дека зградата во која се чуваат на безбедно „бомбите“ ќе остане без струја .

„Ако се случи ова нема да работат ниту безбедносните камери, ниту алармите и прислушуваните разговори ќе останат необезбедени, односно нема веќе кој да ја гарантира нивната безбедност,“ посочуваат од прес-службата на поранешното СЈО.


Поранешниот претседател на Врховниот суд Дане Илиев вели дека не смее да се дозволи предметите и истрагите на СЈО да останат да „висат“ незавршени или да пропаднат поради тоа што политичарите не сакале да се договорат. Тој стравува дека сега дополнително ќе се закочат дел од предметите кои се влезени во судска процедура.

„Определувањето датум за избори негативно ќе влијае врз предметите кои се во тек. Судиите и пред одлуката за избори не беа многу ангажирани околу завршувањето на предметите од СЈО. Се одлагаат нон стоп одредени рочишта, измислуваат најразлични процедурални и не процедурални причини за одлагање, сето тоа ќе влијае врз предметите. Не очекувам поголем ангажман од судиите во овој предизборен период , вели Илиев.

Од друга страна, Стефановски стравува дека судиите кои во изминатиов период покажаа дека се блиски до една или друга политичка опција во предизбориево ќе ги одложуваат рочиштата и ќе бидат внимателни кон пресудите во очекување на изборниот исход за предметите во кои се инволвирани политичари.

„И тоа како мислам дека, за жал, може да очекуваме такво поведение од страна на судиите, емпиријата досега покажала дека малку судии имаме со големи морални квалитети. Голем дел од нив калкулираат, бидејќи се дојдени на тоа место поради одредено политичко влијание, секако покрај исполнетите одредени критериуми за стручност и компетенција, но во голем дел од нивните назначувања политиката одиграла значајна улога“, вели Стефановски.

Иднината на предметите на поранешното СЈО сега се пред нов предизвик, додека се очекува носење на конечно решение гонење на висока корупција. Инаку, до неодамна власта тврдеше дека со донесување на законот за СЈО, се испраќаат две пораки – прво, дека ова е зрела држава која без помош од меѓународна заедница може да постигне консензус меѓу Влада и опозиција, за стратегиски прашања, и да се воспостави обвинителство што ќе се занимава со гонење корупција на високо ниво.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев неодамна изјави дека ако можеле за крупни прашања да се договорат, тогаш можат и за законот за јавно обвинителство.

Од друга страна, опозицијата пред само една недела бараше предлог законот на власта да се испрати во Венецијанска комисија за мислење. Во изминатиов период речиси еден месец како власта и опозицијата не дебатираат за него. Иницијативите за средбите се намалија откако предметите на поранешното СЈО повторно се вратија во судските процедури после вакуумот кој настана по истекувањето на мандатот.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 30.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG