Достапни линкови

Македонските лидери го потврдија европскиот пат - избори на 12 Април


Лидерите на партиите на средбата кај претседателот Стево Пендаровски.

Лидерите на парламентарните политички партии по средбата кај Претседателот Стево Пендаровски постигнаа согласност предвремените парламентарни избори да бидат одржани на 12 Април. Тие застанале зад ставот дека нема алтернатива за евро-атланските интеграции. Претседателот Пендаровски ја свика средбата по недобивањето датум за преговори за членство во Европската Унија на самитот на Унијата неделава во Брисел.

По завршувањето на лидерската средба во вилата Водно кај македонскиот претседател Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев изјави дека политичките лидери се договориле за одржување на предвремени избори на 12 април додека формирањето на техничка влада, според Пржинскиот договор, ќе биде на 3 јануари.

Лидерите на 6 - те политички партии се договориле дека прво треба да се исполни стратегиската цел на земјата, а тоа е завршување на формалното пристапување во НАТО:

„Нашиот предлог беше 22 или 23 декември, за брзо време кога не се случува ништо драматично. Имаше реакции од присутните, особено од опозицијата. Потоа ги разгледувавме другите опции и утврдивме дека пред велигденксите празници, 12 април е датумот кој најмногу одговара. Постигнавме консензус. Нека ни е со срека на сите“, рече премиерот Заев.

„Да се ратификува протоколот за членство во НАТО од страна на сите земји членки во НАТО, по што и нашето Собрание ќе го ратификува протоколот и законот за членство во НАТО, па изборите би се одржале на 12 април 2020 година, “ изјави Али Ахмети, лидерот на ДУИ по завршувањето на лидерската.

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкиоски по лидерската средба изјави дека предвремените избори се неминовност по дебаклот што го доживеа владата на Зоран Заев.

„На 12 април следуваат предвремени избори, по што победува нашата коалиција, и потоа засукување на ракави и работа и само работа за да се стави оваа земја на брза лента за Европската Унија, “ вели Мицкоски.

Претходно на пауза од лидерската средба вечерва во Скопје претседателот Стево Пендаровски изјави дека две теми беа ставени на дневен ред пред политичките лидери, недобивањето на датум за преговори со Европската Унија и можноста за одржување на предвремени избори. Тој истакна дека независно од заклучоците на Европската Унија, сите присутни на средбата застанале зад ставот дека нема алтернатива за евро-атланските интеграции.

„Лидерите на политичките партии рекоа и дена немаат проблем со евентуална нова методологија во европскиот пристапен процес или со некаков реверзибилни постапки, сите присутни рекоа НЕ, за какви било алтернативи на европскиот интегративен пат“ изјави Пендаровски.

Претседателот Пендравски ја свика средбата на лидерите на политичките партии по недобивањето датум за преговори за членство во Европската Унија на самитот на Унијата неделава во Брисел.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG