Достапни линкови

Стопанството во зимски сон до изборите


Илустрација
Илустрација

Во предизборните периоди во Македонија економијата стагнира, а најавувањето на изборите за дури шест месеци може уште толку да ја забави економската активност, велат аналитичарите.

Недобивањето датум за преговори и договорот за предвремени избори во април догодина негативно ќе се одразат на домашната економија, но тој пад не би требало да биде долгорочен. Недобивањето датум за преговори предизвикува фрустрација и кај владата и кај бизнисмените, но тој грч би требало брзо да се надмине, велат аналитичарите.

Од друга страна, факт е дека во предизборните периоди во Македонија економијата стагнира, а најавувањето на изборите за дури шест месеци може уште толку да ја забави економската активност. Тоа, пак, може да ја мотивира владата да ги засили капиталните инвестиции, чија реализација е многу слаба, за колку-толку да го живне стопанството до крајот на годинава, со оглед на тоа што го загуби својот најважен адут – евроинтеграциите.

Професор Марија Зарезанкова – Потевска вели дека е јасно дека недобивањето датум несомнено ќе има негативни последици за економијата, а предолгиот период до изборите уште толку ќе ја забави економската активност.

„Во секој случај негативно се одразува толку долгото одолговлекување на изборите. Ако се рече брзи избори, требаше брзи избори да се направат, не знам зошто толкаво пролонгирање. Мислам дека се работи за личен интерес на партиските лидери, што е карактеристика за Македонија“, вели таа.

Професор Алаудин Зеќири вели дека блокадата на евроинтеграциите повеќе има психолошки ефект, зашто и да добиела преговори, земјава немаше да стане членка на Унијата во наредните скоро 10 години.

„Изборите се посебен фактор и секогаш циклично делуваат, но тоа е еден кус период што не значи дека ќе има негативни влијанија на целокупната макроекономска стабилност. Фирмите ги предвидуваат нештата, но еве да речеме, првиот квартал може да биде проблематичен, но не значи дека треба да биде проблематичен и вториот и третиот квартал“, вели тој.

Експертите порачуваат дека без разлика на блокадата, земјава мора да ги спроведе структурните реформи, зашто напуштањето на реформскиот курс би бил поголем удар врз економијата.

Партиските лидери во неделата се договорија изборите да се одржат на 12 април, а техничката влада која треба да ги спроведе да се формира на 3 јануари.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG