Достапни линкови

Родителите на работа, бабите дома, кој ги чува децата?


илустрација
илустрација

Некои од родителите кои своите деца ги запишале во градинка, но се уште не почнале да одат бидејќи нема место, се соочија со тешки проблеми околу чувањето на децата во оваа криза. Бабите и дадилките се недостапни, а родителите мораат на работа. Доживува ли кулминација живот во услови на корона?

Општо познато е дека појавата на корона вирусот и последиците што беа предизвикани од него го сменија секојдневието кое граѓаните успешно го менаџираа. Но за некои таквите промени не беа толку тешки, а некому му го претворија животот во секојдневна борба да се издржи и истра до крај. Таков пример се многумина млади родители на мали деца, кои не се примени во градинка, а немаат ниту баби и дедовци кои може да ги чуваат додека родителите се на своите работни места.

Драган Ангеловски е таков пример. Родител на едноиполгодишно дете, градежен инженер, кој заедно со сопругата архитект мора да оди на работа. Иако Владата од почетокот на кризата донесе препораки за ослободување на еден родител од работа за дете до десетгодишна возраст, не сите родители можат да се ослободат од работните обврски, а дополнителен проблем е тоа што детето е запишано во градинка, но место ќе се ослободи дури од септември.

„Воопшто не ни е лесно. Обично еден од нас, или јас или сопругата зема слободен ден или неколку дена од ланскиот одмор. За среќа од фирмите каде што работиме ни излегуваат во пресрет со слободни денови. Се случува јас да морам да одам на работа, па се јавувам кај спругата па таа бара пропусница од работа, да дојде во 12 дома, па јас да заминам на работа додека да почне полицискиот час“, раскажува Ангеловски.

Онлајн потрага по љубов

Онлајн потрага по љубов
please wait

No media source currently available

0:00 0:00:59 0:00

Опцијата да се работи од дома за Драган и сопругата не е можна. Детето е мало, а работата си бара концентрација и посветеност, раскажува Ангеловски.

„Тешко е со едноиполгодишно дете да работите од дома. Мора да има некој до него и да го пази. Природата на работата е таква што мора да се седне и подолг период да се концентрирате на работата ако сакате да ја завршите како што треба“, вели Ангеловски.

Неговото дете е запишано во градинка и тоа уште пред една година, но поради преполниот капацитет на градинката во општината Аеродром каде што живее, ќе може да го примат дури во септември. Потврдата од градинка со која може да си ја олеснат ситуацијата и едниот родител да остане дома, тие ја немаат во моментот.

„Некој мора да го чува детето. Немаме избор, ќе мора некоја од бабите да го чува. Иако ризици за здравјето за старите постои, бидејќи нели децата се најголеми преносители на вирусот, ние сме ставени во таква ситуација, да немаме друг избор“, вели Ангеловски.

Од министерството за труд и социјална политика велат дека во вакви ситуации, за децата за кои родителите го регулирале запишувањето на детето во градинка, иако детето не почнало да ја посетува, градинките издаваат потврди со кои еден од родителите е ослободен од работни обврски, па оттаму советуваат тоа да го направат родителите кои се засегнати.

Оттаму потсетуваат дека согласно препораките и мерките на Владата за спречување на ширење и превенција од коронавирусот ковид-19, еден од родителите на дете до 10 годишна возраст или активно четвртоодделение, е ослободен од работа. Вработените лица кои користат оправдано отсуство поради дете во градинка, потребно е да достават потврда издадена од детската градинка дека детето е запишано и редовно посетува градинка или уплатница за платен надомест за престој во детска градинка и лична писмена изјава.

„Исто така, за мајките чие породилно отсуство истекува од денот на прогласување на вонредна состојба, се продолжи периодот на платено отсуство од работа поради нега и одгледување на новородено и посвоено дете се до истекот на траење на времените мерки. Со продолжувањето на платеното породилно се опфатени и мајките кои поради затворањето на градинките, немале можност да го запишат детето во градинка. Продолжувањето на породилното отсуство го регулира Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија“, наведуваат од ресорното министерство.

Градинките преполни, за место се чека и по една година

Но, проблемот со преполните градинки во кои нема места за нови дечиња, не е непознат и тој постоеше уште и пред кризата со короната. Листите за упис на деца во градинки се долги, некои чекаат повеќе од една година за место во саканата градинка, а не се малку и оние родители кои велат дека само со врски и преку блиски пријателства успеале да му обезбедат место на детето во градинка. Бројот на децата во групи се движи од 20 до 40 деца во просек.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека една од заложбите на која Владата работела изминатиот период е да се зголеми за 50 % опфатот на деца од предучилишна возраст во установите за згрижување и воспитание.

Во таа насока, до крајот на 2019 година отворени се вкупно 33 јавни детски градинки, објекти, групи во други просторни услови и центри за ран детски развој и 4 приватни детски градинки. Од 2017 досега, капацитетот за опфат на деца од предучилишна возраст е зголемен за околу 3.000 деца.

За 2020 година од Буџетот на државата се издвоени 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градини, а изминатите две и пол години беа инвестирани над 180 милиони денари. Обезбедени се и дополнителни 15 милиони евра од Светска банка за изградба на градинки.​

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG