Достапни линкови

Коронавирус - за луѓето ништо веќе не е исто


Италија- Полициски автомобил патролира низ Милано

Важно е колку време ќе трае целата ситуација со коронавирусот во светот за да се оцени дали мерките за спречување на вирусот ќе го сменат сфаќањето на демократските права и слободи, оценуваат македонските аналитичари откако голем дел земји, меѓу кои и Македонија, воведоа вонредна состојба.

Тукушто вратени од доцното скијање во Банско по пониски вонсезонски цени, македонските граѓани веќе бараат евтини понуди за пред сезоната на море во Грција. Вака до лани дел македонски граѓани го живееја овој период од годината.

Сега, зад прозорците од своите домови, го гледаат сончевото време и чекаат вести во кои најважната личност е министерот за здравство Венко Филипче. Тој по неколкупати на ден дава препораки за заштита од коронавирусот и известува за бројот на заболени. Главната препорака и тука и секаде во светот е - „седете дома“. Нема кино, нема театри, кафулиња, нема кафеани, забави, социјализација. Сето ова се смени со неколку збора - самоизолација, карантин, затворени граници, вонредна состојба.

И никој ниту во Македонија, ниту во светот засега не прогнозира колку време ова ќе трае. Нема дилема дека јавното здравје е најважно од се, но прашањето кое се поставува е ќе се навикнат ли луѓето на ограничување на правата и слободата на движењето?

Според Мирјана Најчевска, професорка на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања постои моментен изблик на страв, бидејќи во синусоидата на отвореност и затвореност, сега светот е на врвот на затвореноста.

„Мислам дека демократските држави ќе најдат баланс во кој ќе можат повторно да бидат соодветно аплицирани и основните слободи и основните права, а во ,исто време, ќе се научат некои лекции кои што можат да бидат искористени натаму во заштитата на животната средина, борбата со климатските промени и во воспоставувањето на многу поздрави односи меѓу луѓето“, вели Најчевска.

Тежнеење кон автократија

Клучно е колку време сето ова ќе трае за да има промени во досегашното сфаќање на светот, оценува политичкиот аналитичар Сашо Клековски. Но, она што е забележително, додава тој, е дека поради паниката дел од луѓето во Македонија, особено на социјалните мрежи бараат автократско делување од власта во страв од ширење на заболувањето. Ова е особено се засилува и поради успешното справување со вирусот на комунистичката Кина која во голем дел настапи со сериозно ограничување на човековите права и слободи, па Клековски зборувајќи за Македонија ги споменува овдешните барања за полициски. Тие пак, најчесто се проследени со информациите за непочитувањето на самоизолацијата во која треба да бидат сомнителните.

Наместо полициски час, сугерира Клековски, треба да се користат модерните технологии во соработка најмногу со телекомуникациските оператори, како во други земји, за да се следат луѓето кои треба да се во самоизолација и карантин и ако ги прекршат да бидат казнети.

„Има такви тенденции и треба да се предупредува, оти што е подобро, да тргнеме во масовно кршење на правата на сите два милиона граѓани или да се фокусираме, благодарејќи на модерната технологија и можности на подобрување на изолацијата на суспектните случаи“, вели Клековски.

Во Македонија откако се прогласи вонредна состојба од Владата убедуваат дека државата и општеството продолжуваат да функционираат.

"Самото прогласување на вонредната состојба не значи автоматска промена или ограничување на човековите права или начинот на живот на граѓаните. Но, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на вонредна состојба доколку има потреба“, рече министерката за правда Рената Дескоска.

Но, она што е веќе видливо е дека политичарите кои промовираат партиски политики и постојани напади кон политичкиот противник паднаа во втор план, а внимание кај граѓаните предизвикуваат здравствените власти и државните претставници кои зборуваат за мерките за заболувањето.

„Проблемот со политичките партии е што во какафонијата на нивното негирање на она што го прави другата политичка партија оневозможуваат да се адресира она што навистина треба да се адресира како проблем“, вели Најчевска.

Трамп активира стар закон, Меркел со предупредувања до Германците

Инаку додека во земјава се уште се внимателност се најавуваат евентуалните чекори во вонредната ситуација американскиот претседател Доналд Трамп поради пандемијата со коронавирусот најави дека ќе го активира стариот акт за производство на одбраната, што и дозволува на државата да ги помага приватните индустриски капацитети. Тој закон од 1950 година за време на Корејската војна му дава на претседателот вонредна надлежност да им нареди на индустриите да го зголемат производството на витални производи.

Германската канцеларка Ангела Меркел пак, рече дека коронавирусот е најголемиот предизвик од Втората светска војна предупредувајќи дека разбира оти е многу тешко луѓето да се откажат од „тешко остварените права“ како слободата на движење и патување, но дека тие сега се неопходни за да се спасат животи“. Во меѓувреме, никој, ниту светските лидери, не се обидуваат да прогнозираат колку точно време ќе трае ваквата ситуација.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG