Достапни линкови

Пандемијата предизвик и за менталното здравје


Илустрација

Стравот, изолацијата, но и претстојната економска криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот се ризик фактори за менталното здравје на граѓаните. Психијатрите порачуваат да се подготвиме за соочување со предизвиците.

Кризата со пандемијата на коронавирусот ќе предизвика и криза со менталното здравје на граѓаните. Стравот од заразување, но и стравот од пренесување на болеста на најблиските, ограничувањето на социјалните контакти, изолацијата, но и загриженоста за егзистенцијата поради претстојната економска криза предизвикана од пандемијата се ризик фактори кои може да го нарушат менталното здравје.

Директорот на Клиниката за психијатрија, доктор Стојан Бајрактаров вели дека пандемијата ќе биде предизвик и за менталното здравје и затоа треба да бидеме подготвени.

„Веројатно и како после други кризи кои сме ги поминале се очекува криза и во менталното здравје. Тоа што се очекува е и економска криза за која граѓаните дополнително ќе имаат потешкотии и предизвици, меѓутоа она што сите може да го направиме е да бидеме подготвени, бидејќи секоја шокова состојба, па и оваа, доаѓа нагло, но за наредните предизвици ќе имаме време и да се подготвиме. Од секоја криза имаме и негативни и позитивни последици. Позитивни последици би можеле да бидат: да се подобри генерално моралот на населението, одговорноста и начинот на однесување. Значи ова да ни делува како лекција за сите нас, а тоа би била добра психичка подготовка за оние предизвици кои ни следуваат, а многу веројатно сите ќе ги имаме“, вели доктор Бајрактаров.

Клиниката за психијатрија од Скопје пред десетина дена отвори и телефонски линии за психолошка поддршка на граѓани и ранливи групи засегнати од коронавирусот. Доктор Бајрактаров вели дека различни групи на граѓани се јавуваат со различни проблеми – децата и адолесцентите имаат проблеми да го прифатат моменталниот предизвик, повозрасните граѓани како да се справат со изолацијата, а совети им требаат на семејствата кои имаат членови или деца со постојни болести или психички проблеми.

„Предизвиците или советите за различни групи граѓани се различни. Се јавуваат доста граѓани и мислам дека и во наредниот подолг период ќе продолжат да функционираат овие линии, бидејќи е евидентна потребата од психолошка поддршка“, вели Бајрактаров.

Невропсихијатарот, професор Методиј Чепреганов вели дека акутниот страв и паника има големи последици врз човечкиот организам, но тоа многу зависи и од психолошкиот профил на луѓето. Иднината е во кохабитација со коронавирусот, но нема потреба од страв и паника, вели тој.

„Никако десперантен, инфаустен и капитулантски. Треба да ја сфатиме работава, да бидеме сериозни, да бидеме одговорни, самодисциплинирани, да научиме како да живееме, значи таа кохабитација со вирусот, тоа мора да се случи, да ги чекаме лековите и вакцината и животот да си продолжи најнормално“, вели Чепреганов.

Семејно насилство во полициски час
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:51 0:00

Невработеноста, сиромаштијата и осаменоста се дел од ризик факторите за нарушување на менталното здравје.

Европската асоцијација за ментално здравје даде низа препораки за зачувување на менталното здравје во ек на пандемијата на коронавирусот. Тие препорачуваат граѓаните да не читаат премногу вести за коронавирусот, и тие вести да ги добиваат од релевантни меѓународни организации, да се грижат за себе, да одржуваат дневна рутина, да прават работи што ги исполнуваат и да останат во контакт со блиските, телефонски или преку видео-врски.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG