Достапни линкови

Онлајн наставата ги исцрпува и учениците, и наставниците, и родителите


Празна училница

Во оваа кризна состојба целата популација е изложена на стрес, загриженост за здравјето, некои се соочуваат и со заболени блиски или познати, други ги трпат и економските последици од кризата, веќе се соочуваме и со психолошките последици од долготрајната изложеност на стресот и изолацијата, така што барањата да се спроведува целосно онлајн наставата, веќе ги исцрпува психолошките граници на издржливост на сите вклучени во воспитно-образовниот процес, вели психологот Марија Младеновска - Димитровска.

Во вонредни услови, училиштата треба да спроведат скратена наставна програма, а не да се форсира целосна реализација на секоја наставна единица, вели Марија Младеновска - Димитровска, истакнат психолог од Битола. Таа долго време работи во образование, а во овој период дава и бесплатна психолошка онлајн поддршка за ученици и родители.

Таа објаснува дека во оваа кризна состојба целата популација е изложена на стрес, загриженост за здравјето, некои се соочуваат и со заболени блиски или познати, други ги трпат и економските последици од кризата, веќе се соочуваме и со психолошките последици од долготрајната изложеност на стресот и изолацијата, така што барањата да се спроведува целосно онлајн наставата, веќе ги исцрпува психолошките граници на издржливост на сите вклучени во воспитно-образовниот процес.

„Да истакнам дека го поздравувам и поддржувам организирањето на онлајн наставата, која ќе помогне во овие моменти на криза и изолација, да се надомести образовниот процес и ќе им помогне на учениците и на професорите да го организираат и времето и да креираме една дневна, работна рутина. Но, сепак, сметам дека интензитетот и начинот како се одвива онлајн наставата, веќе ги покажува своите негативни страни и негативното влијание пред сè на психолошкото здравје и на учениците, но и на наставниот кадар и родителите, и долгорочно ќе има контраефекти“, вели Младеновска - Димитровска.

Марија Младеновска - Димитровска, психолог од Битола
Марија Младеновска - Димитровска, психолог од Битола

Таа додава дека притисокот го чувствуваат и учениците и наставниот кадар и родителите. Во денот се добиваат многу онлајн пораки и работни задачи, дополнувања, објаснувања. Прашува како ученик ќе процесира барања од најмалку 12 наставници со кои комуницира во различни онлајн групи и кои во различно време од денот бараат да се вклучат на онлајн часови, или како наставник ќе изменаџира по 100 до 200 ученици од најмалку десетина паралелки во кои предава, на кои им задава задачи, проекти, и потоа бара фидбек и ги прибира во електронско портфолио, прегледува стотици домашни задачи. Ако наставникот има и сопствени деца кои се на школска возраст, тогаш работата се дуплира или триплира.

„А има проблеми во однос на тоа колку наставниот кадар располага со ресурси и информатички познавања за да спроведе целосно онлајн наставата, а од друга страна колку учениците имаат технички можности да ја следат онлајн наставата, што дополнително го зголемува притисокот врз сите“, вели психологот.

Психолошките последици од стресот и изолацијата се бројни и воопшто не се за занемарување.

„Последиците веќе се чувствуваат. Тоа се нарушувања на емотивен план, анксиозност, страв, немир, раздразливост, напнатост, бес, гнев, претерана осетливост, лутина, избувливост, депресивност, промени во расположението и однесувањето. Ако на тоа се додаде и притисокот да се реализира наставата по секоја цена, дополнително го зголемува нашиот стрес.“

Таа додава „да имаме предвид дека кај децата кои подолг период се затворени дома ќе се јават проблеми со концентрација, внимание, способност за учење, помнење. Затоа требаше да се реализира скратена верзија на програмата, да се реализира она што е круцијално, најважно, а другото да се остави за следен период кога ќе се нормализира ситуацијата“, нагласува Младеновска - Димитровска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG