Достапни линкови

Децата што не одат во градинка, потоа имаат проблем на училиште


Архивска фотографија - Детска градинка.
Архивска фотографија - Детска градинка.

Најновиот извештај на УНИЦЕФ покажа дека околу 61 процент од децата на возраст од 3 до 6 години во државата не посетуваат предучилишно образование, а тоа според експертите има силно влијание на квалитетот на идните генерации

Тоа што речиси 41.000 од децата на предучилишна возраст во земјава не посетуваат предучилишно образование треба да не загрижи и да ги натера надлежните сериозно да се посветат на обезбедување услови за подобар раст и развој на секое дете, велат упатените, откако последниот извештај на УНИЦЕФ покажа дека речиси 61 процент од децата во Северна Македонија не посетуваат предучилишна настава.

Владо Димовски, кој има искуство како долгогодишен наставник вели дека немањето доволно капацитети, особено во руралните средини е причината поради која толку голем процент деца не одат во градинки.

„Од друга страна менталитетот во руралните средини е таков што бабите и дедовците ги чуваат децата до поаѓање во училиште. Кај некои семејства недостасуваат средства за запишување во градинки, и сето тоа влијае на зголемениот процент на незапишани деца. Од друга страна тоа ќе има далекусежни последици бидејќи првото воспитание и образование децата го добиваат токму во предучилишните установи“, вели Димовски.

​Упатените истакнуваат дека предучилишното образование е образовна основа за децата и дека владата треба да се посвети на реформи за подобрување на пристапот и квалитетот на предучилишното образование.

„Три аспекти се тие коишто го прават предучилишното образование значајно за натамошниот развој на децата, а тоа се социо-емоционалниот, интелектуалниот и развојот на нивните здравствено-хигиенски навики. Ниту еден родител, баба или дедо не може толку соодветно да ги подготви учениците за да тргнат во училиште колку самата градинка“, вели Убавка Бутлевска, педагог во основното училиште „Манчу Матак“ во општината Кривогаштани.

Последниот извештај на УНИЦЕФ констатира дека во последните неколку години Северна Македонија постигнала напредок во обезбедување подобар пристап на децата до предучилишно образование, но дека опфатот е и понатаму низок и бара континуирано инвестирање за секое дете. Според експертите децата што посетувале барем една година предучилишно образование имаат поголеми шанси да ги развијат способностите за критичко мислење, кои им се потребни за да успеат на училиште, помала веројатност да повторуваат одделенија или да го напуштат образованието.

„Децата на шестгодишна возраст кои посетувале градинки доаѓаат описменети за околу 60 проценти, а тоа значи дека тоа дете може непречено да се вклучи во наставата. Оние кои не посетувале, одвај знаат бројките и буквите да ги напишат“, вели Димовски.

Глобалниот извештај на УНИЦЕФ нагласува дека децата што посетуваат предучилишно образование имаат двојно поголема веројатност да ги совладаат вештините на почетно читање и сметање во споредба со децата што ги испуштиле раните фази на образованието. Во земји каде што поголем број деца посетуваат програми за предучилишна возраст, значително поголем број деца завршуваат основно училиште и по завршувањето, имаат базични компетенции за читање и математика. И други студии го потврдуваат ова, како што се меѓународните тестови, меѓу кои е Програмата за меѓународно оценување на постигањата на учениците (ПИСА), која покажува дека децата од нашата земја кои посетувале предучилишно образование имаат подобри резултати од оние што не посетувале.

„Она што друго го забележуваме кај тие деца е тоа што имаат подобра комуникација и подобро се социјализирани. Разликата е во тоа што тие веќе ги имаат усвоено правилата на однесување и знаат да ги почитуваат правилата на игра. Тие деца се со повисоки академски очекувања. Тие таму го засакуваат учењето, создаваат позитивен став кон учењето, а тоа нас ни треба, подготвеност и желба за нови знаења,“ посочува Бутлевска.

Неодамна претставникот на УНИЦЕФ во земјава Бенџамин Перкс изјави дека периодот на предучилишно образование на децата од 3 до 6 години е најважниот период за учење и развој на мозокот.

УНИЦЕФ ги повикува владите да го поврзат зголемувањето на опфатот со подобрување на квалитетот на предучилишното образование. За да се оствари тоа, владите треба да обезбедат најмалку 25 отсто од редовниот буџет за предучилишно образование за трошоци што не се поврзани со плати, како што се обука на едукаторите и наставниците, изготвување наставен план, материјали за предавање и учење и механизми за обезбедување квалитет на наставата.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG