Достапни линкови

Прекини на струја и инвестиции во мрежата


Илустрација.

Дефекти во мрежата поради невреме го оставија на еден ден Дебар без струја зимава, претходно во текот на есента делови од Скопје останаа без напојување. Според стручните лица, потребно е да се инвестира во преносот и дистрибуцијата за да се овозможи непрекинато снабдување со енергија.

Граѓаните од поголеми општини во државата во изминатите неколку месеци имаа поголеми прекини на струја, а причините беа различни.

По божиќните празници, имаше дефект во траење од 16 часа во Дебар и Реканскиот крај, поради невреме кое предизвика оштетување на еден од далноводите, а во ноември поголеми делови од Скопје немаа струја. Надлежните објаснија дека за испадот во Скопје влијаеле повеќе фактори, кои се случиле во исто време, но дополнија дека испадот траел еден час и системот за кратко време е ставен во функција.

Но, како и да е, тоа што дури цели општини останаа без напојување со електрична енергија, отвори дилеми дали доволно се инвестира во преносната и дистрибутивната мрежа, со цел да се овозможи непрекинато снабдување со енергија.

Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика вели дека електро- мрежата е стабилна, благодарение на инвестиициите кои ги остваруваат надлежните компании.

На прашање на Радио Слободна Европа дали поголеми градови како Скопје имаат заштитни прстени кои треба да овозможат да продолжи напојувањето со струја во случај ако падне една алка од системот, Бислимовски вели дека нема потреба од загриженост од испадите кои биле нешто што често се случувало во мрежите и во други земји.

“Апсолутно мрежата така е формирана и нема потреба од кревање тензија и паника, вообичаено е да има испади на електрична енергија, и ако се анализираат испадите во нашата дистрибутивна мрежа со испадите во земји од регионот, ќе се види дека во споредба и со некои земји од регионот, кои се членки на ЕУ, кај нас е далеку подобра состојбата” вели Бислимовски.

И од ЕВН Македонија ни кажаа дека дистрибутивната мрежа во Скопје, која е сопственост на оваа компанија, е изградена на тој начин што скоро сите трансформаторски станици имаат можност за нивно алтернативно напојување. Оваа пракса на префрлување на корисниците во алтернативни напојни точки се спроведува не само во Скопје, туку и во останатите градови во Македонија, ни рекоа од ЕВН.

Во врска со прекинот на струјата во делови од Скопје во текот на есента, стручни лица со кои разговараше РСЕ ни кажаа дека има критериуми кои предвидуваат ако падне една гранка од системот тој да продолжи да функционира преку заштитните прстени, меѓутоа тие објаснуваат дека еден од проблемите во Скопје бил што токму таа гранка се сервисирала во тој момент.

Нашите соговорници велат дека се случиле повеќе работи во исто време поради кои паднал системот во Скопје, наведувајќи дека еден дел од мрежата се сервисирала во тој период, а во истиот период, пак, хидроелектраните кои овозможуваат стабилност на системот, поради ниското ниво на вода во езерата и акумулациите тогаш не работеле. Тие два фактора, како и зголемената побарувачка за струја во тој период, биле причина системот да не може да одговори и затоа се случил дефектот. Но, сепак нашите соговорници велат дека надлежните бргу одговориле на проблемот и го санирале, враќајки го во функција целиот систем за еден час.

АД Мепсо за испадот со струјата во делови од Скопје излезе со соопштение во кое информира дека прекините на напојувањето во Скопскиот регион се резултат на неможноста да се ангажираат хидроелектраните.

Есента беше сушна и поради тоа немаше доволно вода во езерата и хидроелектраните не работеа, но во јавноста се укажуваше и на тоа дека земјава во текот на летото продаваше хидроенергија на други земји и оти тоа било грешна проценка.

Бислимовски рече дека не коментира двевно- политички реторики, а на прашање на РСЕ колку се инвестира во преносната и дистрибутивната мрежа и дали е тоа доволно, тој ни одговори дека има инвестиции. Регулаторна комисија ги признава овие вложувања на компаниите, како во делот на електродистрибуцијата така и кај преносната мрежа кај МЕПСО, вели тој.

Од 96 до 60 проценти остварувања на инвестициите во мрежата

Претседателот на Регулаторната комисија посочи дека инвестициите во електродистрибутивната мрежа изнесуваат околу 2 милијарди и 100 милиони денари на годишно ниво.

“Радува што електро -дистрибуција од 2009 та година па досега остварила околу 96-97 проценти реализација на инвестициите. Инвестициите во преносната мрежа на МЕПСО во просек изнесуваат околу 2 милијарди денари на годишно ниво, и процентот на реализација е понизок од оној кај МЕПСО и е околу 60 проценти, и се надевам дека тоа ќе се подобри во наредниот период” вели Бислимовски.

Радио Слободна Европа достави прашање и до енергетската компанија ЕВН која на македонскиот пазар е активна од 2006 година, за тоа колку компанијата вложува пари за обновување на мрежата .

"Во периодот 2006 - 2019 ЕВН Македонија има инвестирано 413 милиони евра во подобрување на севкупниот квалитет на дистрибуцијата и снабдувањето со електрична енергија, како и корисничките услуги", ни одговорија од ЕВН од каде додаваат дека оваа компанија во континуитет се стреми и инвестира во подобрување на својот квалитет и услуги.

На прашање,пак, на РСЕ зошто често има дефекти дури и на територија на цели општини, од ЕВН Македонија ни одговорија дека во секојдневното работење на компанијата се реализираат планирани прекини на електрична енергија, додавајќи дека од друга страна се случуваат и дефекти кои не може да се предвидуваат.

"Планираните прекини се прават заради реализација на инвестициски зафати за подобрување на квалитетот во снабдувањето со електрична енергија на корисниците како и реконструкција и модeрнизирање на дистрибутивната мрежа. Дефектите во мрежата на ЕВН Македонија може да се случуваат од надворешни фактори (оштетувања) или преоптоварување на дистрибутивната мрежа. Преоптоварувањето се случува тогаш кога граѓаните нелегално се приклучуваат", наведуваат од ЕВН.

Дебар доби струја, нова трафостаница за две до три години

Паднатите дрвја поради навремето од замрзнат дожд, пак, во Дебар и Маврово оваа сезона предизвикаа прв испад на мрежата на МЕПСО. Екипите работеа 16 часа за да се остранат паднатите дрвја.

Во 2006 година, пак, и на почетокот на 2017 година Дебар и Реканскиот крај беа парализирани со денови и жителите немаа напојување со струја околу 14 денови.

Претседателот на Регулаторната комисија Билсимовски оценува дека она што сега го направиле екипите на МЕПСО за толку кратко време е за пофалба и дополнува оти за осум часа го нашле и отстраниле дефектот во непристапен планински терен.

Осврнувајќи се на прашањето за инвестирање, Бислимовски вели дека во дистрибутивната мрежа се предвидува да се направи нова голема 110- киловолтна трафостаница во дебарскиот крај, со што ќе се стабилизира снабдувањето во Дебар, но и во Маврово и Ростуше. Но додава:

“ Тоа верувам дека ќе се случи во период од две до три години зашто станува збор за значајна инвестиција” вели тој.

Дополнува дека најбитно во преносната мрежа сега е изградба на нова интерконективна врска со Албанија и оти таа е во тек. Се планира да се изгради и нова 400- киловолтна трафостаница во охридскиот регион. Анализите направени во МЕПСО покажале дека имало одредени проблеми со напонските прилики во овој дел, но Бислимовски вели дека со изградбата на нова трафостаница тоа ќе биде санирано.

Инаку состојбите во енергетиката се една од темите за кои владата и опозицијата често меѓусебно се обвинуваат.

Одлуката на Регулаторната комисија за поскапувањето на струјата за 7,4 отсто беше една од причните за протестите на ВМРО ДПМНЕ. Од партијата има и критики дека нема никави инвестиции, посочувајќи дека на пример од хидроцентралата Чебрен, за која оваа Влада ветуваше дека ќе почне да се гради во 2019 година, до ден денес нема ништо.

Од надележните компании, пак рекоа дека цената на струјата мора да биде реална за енергетските компании да имаат пари за инвестиции во опрема.

Во меѓувреме со оглед дека во претстојниот период се најавуваат ниски температури, се поставува и прашањето дали ќе има редовна испорака на струја.

Од АД ЕСМ ни одговорија дека и тие се максимално подготвени за зимската сезона наведувајќи дека "во изминатиот период се направени потребните ремонти за зајакнување на сигурноста и доверливоста на термоелектраните, како и значајни зафати во хидроелектраните, со цел оптимизација на производството на електрична енергија од вода", наведуваат од АД ЕСМ.

Со оглед на засилените врнежи, од компанијата очекуваат повторно полнење на езерата и акумулациите со што хидроелектраните ќе можат повторно да се користат соодветно на потребите на електро-енергетскиот систем, по неколкумесечниот застој предизвикан од хидролошки неповолната година.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG