Достапни линкови

Се помалку вода во езерата и реките во Македонија


Поглед на Преспанското Езеро од Националниот парк Галичица. 15.08.2020.
Поглед на Преспанското Езеро од Националниот парк Галичица. 15.08.2020.

Повлекувањето на водата на Преспанското Езеро е само еден показател за влијанието на климатските промени врз водите во земјава, во услови на сушен период кога се забележува намален водостој и на Охридското Езеро и на повеќе реки низ земјава. Водата како ресурс мора да има висок приоритет за заштита, велат граѓански организации.

Водостојот на Преспанското Езеро измерен во септември е околу 512 сантиметри под нултата точка на водомерната летва во хидролошката станица во Стење, што е за дваесетина сантиметри помалку во однос на почетокот на март оваа година, вели за РСЕ Ајман Ал Малла од Секторот за животна средина на Општина Ресен.

„Преспанското Езеро е многу уникатен и ранлив еколошки и хидролошки систем, осетлив на климатските улови и активностите на човекот. Нивото на езерото беше 493 сантиметри во минус некаде кон почеток на март месец 2020 година“, вели Ал Маала.

Тој објаснува дека од 1963 година досега водостојот на Преспансото Езеро е намален за повеќе од шест метри, „што е загрижувачки“.

Ал Маала посочува дека климатските промени се еден од факторите, но влијание има и населението кое ја употребува водата за земјоделски култури и за индустријата.

За надминување на проблемот властите планираат формирање на работна група на национално ниво која ќе ја анализира состојбата и ќе предлага мерки, но најавено е формирање и на меѓудржавна група во која ќе учествуваат претставници од Грција и Албанија

„Од наша страна и од страна на Грција веќе се номинирани членовите во Комитетот за управување со Преспа парк, како и во рботната група за води и во моментов сме во очекување албанската страна да назначи членови во двете тела“, вели Ал Маала.

Човекот го забрзува стареењето на Преспанското Езеро

Со водите на Преспанското Езеро стопанисуваат Македонија, Грција и Албанија. Од историски аспект, нивото на водата во Преспанското Езеро е во постојан пад од средината на минатиот век, со особено намалување во периодот од 1987 до 1995 година, според податоците на Управата за хидрометеролошки работи која мерењата ги врши од 1951 година.

Мерења од 1951-2004 година од УХМР за нивото на водата во Преспанското Езеро. Извор: МЕД.
Мерења од 1951-2004 година од УХМР за нивото на водата во Преспанското Езеро. Извор: МЕД.

Водата да има повисок приоритет на заштита

Каква ќе биде борбата на државата против климатските промени? Во владината Програмата 2020-2024 се вели дека тоа ќе биде еден од најголемите предизвици во четиригодишниот мандат на Владата.

Но, граѓански организации за заштита на животната средина укажуваат дека земјата мора да работи на воспоставување на современ систем за мрење, известување и верификација на податоците потребни за справување со климатските промени.

Граѓаните со повисока свест од партиите за климатските промени

Од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-севст“ во анализа на секторите животна средина, клима и енергија на новата владина Програма, наведуваат дека приоритет на Владата треба да биде донесување на Национална стратегија за прилагодување кон климатските промени која ќе биде пресликана во сите ранливи сектори.

„Нѐ загрижува што и покрај предупредувањата дека природните ресурси мора да ги штитиме, во програмата сѐ уште се остава простор за експлоатација на минерални суровини наместо започнување на транзиција кон затворање на коповите и премин кон алтернативни економски гранки. Истото важи и за водата како ресурс кој мора да има висок приоритет за заштита во услови на зачестени и продолжени сушни периоди. Затоа бараме од Владата да забани изградба на мали хидроелектрани на целата територија на државата“, вели Елена Николовска од „Еко-свест.“

Поглед на Охридското Езеро од селото Радожда во Струга.
Поглед на Охридското Езеро од селото Радожда во Струга.

Во владината Програма 2020 – 2024 се вели дека чистата животна средина ќе биде најголем предизвик на Владата, која ќе се води од принципите за борба против климатските промени преку водење процеси за заштита на природата и природните ресусри од загадување.

„Владата на Република Северна Македонија ќе ги следи новите стратегии и план за обновување на економската, социјалната и еколошката компонента на Европската унија во борбата против климатските промени и загубата на биолошката разновидност, особено преку имплементација на Зелениот договор на ЕУ и Целите за одржлив развој на Обединетите нации“, се вели во владината програма.

Од „Еко-свест“ велат дека е важно што борбата против климатските промени е еден од приоритетите на Владата, посочувајќи дека е потребно забрзување и интензивирање на заложбите за декарбонизација на сите сектори, како и забрзување на активностите за прилагодување кон новонастанатите услови за ранливите сектори.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG