Достапни линкови

Директорката на МЕПСО ги растажи граѓаните – и нејзе ѝ поскапела струјата


Илустрација
Илустрација

Граѓаните на социјалните мрежи иронично нудат помош, по изјавата на директорката на МЕПСО дека струјата е поскапена и за нејзе и оти струјата не треба да биде социјална категорија.

Ми се насолзија очите, дај да помогнеме, коментираат голем број граѓани на социјалните мрежи по изјавата на директорката на МЕПСО Ева Шуклева дека струјата e поскапена и за неа и оти таа не треба да биде социјална категорија.

Шуклева рече дека цената на струјата мора да биде реална за енергетските компании да имаат пари за инвестиции во опрема.

Дел од граѓаните иронизираат нудејќи помош за директорката да може да си ги плати сметките.

Други, пак, потсетуваат на набавките на скап мебел и фотелји од телешка кожа за МЕПСО. Сепак, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски тврди дека ваквите набавки не влегле во пресметките за цената на струјата.

Трети критикуваат дека се работи за неумесна политичка изјава од директорка со висока плата, во услови кога половина милион луѓе во земјава живеат во сиромаштија.

Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за поскапување на струјата за домаќинствата од 7,4 отсто од 1 август. Одлуката беше донесена по барање на енергетските компании поради зголемените трошоци и намалената потрошувачка, како и поради проблемите со ликвидноста што ги предизвика пандемијата со ковид-19. Претседателот на РЕК Марко Бислимовски тогаш рече дека ако енергетските компании се откажат од барањето за покачување, тогаш и Регулаторната ќе ја преиспита одлуката.

Синдикатите и опозицијата се противеа на поскапувањето, граѓаните потпишуваа онлајн петиции и организираа протести, додека власта тврдеше дека Македонија и натаму има една од најниските цени на електрична енергија во регионот и во Европа.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG