Достапни линкови

Ќе бидат ли запрени хидроцентралите на Шара?


Шар Планина - активисти за заштита на животната средина бараат со Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк да биде забранета изградба на хидроцентрали.

Во тек е разгледувањето на забелешките за Нацрт-законот за прогласување на Шар Планина за национален парк, велат од Министерството за животна средина. Од грaѓанската организација „Фронт 21/42“ бараат сегашниот нацрт-текст да биде променет и да содржи член кој спречува изградба на хидроцентрали.

Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк треба да спречи идно градење на хидроцентрали на територијата на паркот, но да бидат запрени и оние за кои веќе се издадени концесии, а сѐ уште не се изградени, сметаат активистите од граѓанската организација за заштита на животната средина „Фронт 21/42.“

„Доколку се усвои таков каков што е Нацрт-законот, според нашите анализи нема да има никаква пречка да се реализираат сите планирани хидроцентрали, освен една - Пена 82“, вели Искра Стојковска од „Фронт 21/42.“

Инаку, на територијата на предложеното подрачје на заштита на Шар Планина склучени се договори за концесија за 20 мали хидроцентрали, од кои 11 веќе се изградени и оперативни, според податоците кои РСЕ ги доби од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Прогласувањето на Шар Планина за национален парк оваа година беше повторно започнато на иницијатива на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Овој процес во македонските институции е започнат уште во 1994 година, но во неколку обиди не успеваат да го реализираат, додека во меѓувреме, природата на Шара се уништува со сечи на шумите, од пожари и проекти за изградба на мали хидрцентрали.

Законот треба да ги заштити природните убавни на Шара. Во изминатиов период засегнатите страни, како локалното население, општините, ловните друштва и другите институции ја разгледуваа Студија за валоризација на Шар Планина и предложените зони на заштита на подрачјето.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање во одговор за РСЕ преку електронска пошта, наведуваат дека по обработката и вклучувањето на забелешките и коментарите на јавноста во Нацрт-законот, ќе биде изработена конечна верзија на текстот која ќе биде објавена јавно, а потоа ќе оди во Владата на разгледување и усвојување.

Според властите, соодветното управување со заштитените подрачја на Шара, меѓу другото, ќе значи користење на огромниот потенцијал за развој на локалната економија, како што наведе министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

„Прогласувањето на Шар Планина за национален парк за мене е приоритет, слободно можеме да кажаме тоа е еден од најубавите планински масиви во Европа“, изјави неодамна Нуредини за РСЕ.

Тој најави дека ќе бидат продолжени роковите за коментарите за Нацрт-законот од страна на сите засегнати страни, додавајќи дека е потребно да се направат промени во зонирањето како и промени во областите кои дефинираат што значи одржливо, активно и строго заштитено подрачје.

„Законот ќе оди на процесирање во Владата до крајот на оваа година, секако не можеме да ги земеме сите коментари на разгледување, но ќе ги разгледаме сите оние кои ќе дадат придонес“, рече Нуредини.

Стојковска вели дека „се надеваат“ оти конечната верзија на законот ќе биде поинаква по коментарите дадени од страна на јавноста, бидејќи според неа, доколку сегашниот Нацрт-закон биде усвоен во важните делови, како што се зонирањето на паркот или во деловите на забранети или дозволени активности, тој нема да биде „никаква пречка“ за реализација на сите планирани хидроцентрали, но и за издавање на нови концесии во иднина.

Таа објаснува дека со сегашниот Нацрт-закон се предвидува заштитен појас околу поставени цевки на засега неизградена мала хидроелектрана, посочувајќи го примерот за малта хидроцентрала „Пена 84.“

„Ако зонирањето на паркот се крои на начин да овозможи функционирање на сѐ уште неизградена хидроцентрала, за нас тоа е спротивно на закон за заштита на природа, спротивно на извештај за Енергетската стратегија и на многу други закони и уредби“, вели Стојковска.

Предложени зони на заштита на Шар Планина. Извор Министерство за животна средина.
Предложени зони на заштита на Шар Планина. Извор Министерство за животна средина.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање наведуваат дека во сегашниот Нацрт-закон, од 11-те изградени мали хидроцентрали, за пет се предложени „заштитни бафер зони.“

Од вкупно девет мали хидроцентрали со склучен договор за концесија и обезбедено одобрение за градење, наведуваат од институцијата, четири се наоѓаат во зона на одржливо користење, една е во зона на одржливо користење на граница со зона на активно управување и три се лоцирани во зона за активно управување.

„Една МХЕЦ „Пена со реф.бр. 82 влегува во зона на строга заштита и во зона на активно управување и за неа се започнати преговори за повлекување на инвеститорот“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Исто така, за малите хидроцентрали лоцирани во зоната на активно управување по поведена постапка од страна на Министерството за економија, се разгледуваат можностите за откажување на концесиите, за што конечна одлука ќе донесе Владата, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Покрај наведените во подрачјето на Националниот парк Шар Планина предвидени се уште пет МХЕ (мали хидроелектрани) за кои се донесени Одлуки за избор на најповолна понуда, но постапувањето по истите ќе зависи од тоа дали ќе се донесе законот за прогласување на национален парк“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Стојковска посочува дека во Програмата на Владата 2020-2024 во клучните приоритети „јасно стои“ дека ќе биде воведена забрана за изградба на мали хидроцентрали во заштитени подрачја.

„Ние не ја гледаме таа забрана на терен, во многу документи може да прочитате каде што е „наводно“ теоретски дека се става крај на малите хидроцентрали, но во пракска тоа не се случува. Сметаме дека законот треба да ги отсликува овие нови определби, како забрана за мали хидроцентрали и дека треба да содржи таков член “, вели Стојковска.

Таа заклучува дека ,според нив, веќе издадените концесии за мали хидроцентрали на Шара „треба да се преиспитаат“ и за оние за кои би се утврдило дека „негативно влијаат“ врз природата и биодиверзитетот и за водата на локалното населени, „да не се продолжат концесиите“, смета Стојковска.

Шарпланинскиот масив се протега во северозападниот дел на Македонија и на територијата на јужниот дел на Косово. Тој во пошироките граници зафаќа вкупна површина од 2.480 километри квадратни, од кои 881 се во Македонија, односно над 35.5 проценти.

Во потесните граници Шар Планина зафаќа површина од 1.670 километри квадратни од кои 840 или точно половина и припаѓаат на Македонија, додека делот од Шара кој е предмет на Студијата за валоризација и кој треба да биде заштитена зона е со површина од над 542 километри квадратни.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG