Достапни линкови

На Тетово му треба повеќе зеленило, а помалку бетон


За урбанистичката иднина на Тетово потребна е експанзија на зелените површини наместо на станбените комплекси.

Зголемување и проширување на квадратите зелени површини како начин на подобрување на животната средина и квалитетот на урбаното живеење во Тетово, порачуваат од невладиниот сектор на почетокот на осмислувањето на тоа како градот треба да изгледа во иднина со изработката на планската програма за генералниот урбанистички план.

Неодамна, градските власти повикаа експерти од повеќе области да го кажат мислењето за урбанистичкото планирање, со оглед дека Тетово последен генерален урбанистички план има изработено во 2002 година. Иако процедурата само што започнала од општината велат дека во новиот Генерален урбанистички план се предвидени т.н зелени џебови со кои ќе се уредат површините околу густо изградените згради.

„Ние ја правиме планска програма која за изработувачите на планот (ГУП) ќе биде појдовна основа за решавање на проблемите на Тетово. Затоа е и денешната јавна дебата да може во оваа фаза кога се подготвува планската програма да се детектираат тие критични точки, точки кои се проблематични во урбанистичкиот развој на Тетово и да се најдат соодветни решенија за нив“, вели професорот Влатко Коробар од Архитектонскиот факултет во Скопје, ангажиран за изработка на планската програма.

Арианит Џафери од организацијата Еко герила предупредува дека неколку децении преовладуваат постапки само за градба на згради, додека оформувањето зелени површини е на маргините во работата на досегашните општински власти.

„Според тоа што се кажува од постарите жители на Тетово во време на бившата СФРЈ, Тетово беше еден од најзелените градови во Југославија со тоа што имаше најголеми квадратури на зелена површина на глава на жител. Моментално ситуацијата е многу лоша поради тоа што Тетово нема доволно зелени површини, нема паркови ни игралишта за деца кај да се забавуваат“, објаснува тој.

Интензивното градење да се замени со засилена експанзија на зелените површини во градот под Шар Планина, предлагаат екологистите.

„Според светската здравствена организација треба минимум девет квадрати зелена површина по глава на жител да има секој град, за да може да се каже дека тој град има зелени површини. Точно колку има Тетово не можеме да кажеме, зошто не знаеме, треба да се вршат мерења. Тоа што се знае дека експанзијата на бетонски градби, изградбата на станбени комплекси не престанува. Веруваме дека во следните 20 години би требало општината да работи ексклузивно на изградба на зелени површини и зачувување на постоечките, тие многу малку што се и да се изградат нови со тоа да се постигне тој посакуван стандард од минимални девет квадрати по глава на жител“, смета Џафери.

Македонското законодавство предвидува 25 метри квадратни зеленило по жител. Во Европа, Лондон има 27, Амстердам 45, Стокхолм 87, а најмногу Виена-120 метри квадратни зеленило по жител.

XS
SM
MD
LG