Достапни линкови

Не запира градежната експанзија во Тетово


Изградба на џамија на Попова Шапка без одобрение за градба

Тетовци долги години се соочуваат со енормен број на почетоци на градби на нови објекти, без притоа да се води сметка за паркинг простор или паркови со зеленило.

Се намалува ли интересот за градење објекти во Тетово? Прашањето се поставува откако според податоците на Државниот завод за статистика во текот на месецот јуни не е издадено ниту едно одобрение за градба. Од Општина Тетово соопштуваат дека не станува збор за мерка или застој, туку дека тоа претставува склоп на околности. Издавањето на решенија за градба продолжува и понатаму, вели Неџати Зулбари од Секторот за урбанизам.

„Во Општината нема никаков застој. Се си тече во континиутет. Како кој ги исполнувал условите добил одобрение, нема посебен застој“, изјави Зулбеари.

Податокот е интересен за Тетово, со оглед дека жителите долги години се соочуваат со енормен број на почетоци на градби на нови објекти пред сè на повеќекатни згради за живеење, без притоа да се води сметка за паркинг простор или паркови со зеленило.

Тетово
Тетово

Архитектот Богосав Божиноски потенцира дека градењето нови објекти пред сè згради на местото на куќи во Тетово во последните 15 години создаде урбанистички хаос. Во центарот постојат само згради, па се јавува потребата од проширување на градот каде ќе има зелени површини и објекти на установи.

„Изградбата на нови објекти постигна поголема густина на население во централното градско подрачје, што секако не е урбанизам. Го вулгаризира зборот урбанизам. Урбанизам значи проектирање на градското подрачје во сите сегменти од неговото живеење и битисување. Зборувам за битисувањето и живеењето во градот и неговото развивање. Треба да се направи една стратегија, дали градот треба да се шири, каде да се шири и колку да се шири. Треба да почне да се работи на еден генерален урбанистички план за град Тетово, кој што ќе ги опфати и првите најблиски населени места до Тетово“, рече Божиноски

Покрај легалното градење во Тетово, се уште има појава на изградба на објекти без соодветно одобрение. Долго време се чекаше Општината да избере фирма која би ги рушела дивоградбите. Сепак тоа не се случи и кога беше доделен тендерот чиј рок дури и помина.

„Фирмата ќе оди со реотварање, со процедури, пред завршување на рокот ќе се оди со нова процедура. Значи нема да останеме без фирма за рушење, тоа да се знае. Нормално се тоа зависи од инспекторските служби од нивната динамика како работат и така“, изјави градоначалничката Теута Арифи.

Тетовскиот инспекторат има утврдено дека без одобренија покрај станбени единици и угостителски објекти во Тетово се гради и верски објект џамија на Попова Шапка.

XS
SM
MD
LG