Достапни линкови

Тетово во инфраструктурен хаос


Тетовци велат дека иако поранешната Општина Тетово се грижела за поголема територија од сегашната, a градот бил подобар за живеење. Градот се бори со недостаток на вода, загаден воздух, сообраќаен хаос.

Недостиг на вода за пиење, загадување на воздухот, диви депонии, сообраќаен хаос и многу други инфраструктурни и комунални проблеми се карактеристика за Тетово речиси две децении. Иако во 1996 година согласно новата територијална поделба, општината Тетово драстично ја намали својата површина поради новосоздадените пет рурални општини, градот наместо да го унапредува урбаното живеење се повеќе се соочува со проблеми кои порано ги немало. Анкетираните жители велат дека иако поранешната Општина Тетово се грижела за поголема територија од сегашната, градот бил подобар за живеење.

Поуреден беше порано. Имало ред. А сега секој доаѓа, ќе направи зграда, а нема ниту парк, ниту паркинг, ниту за децата каде да играат, нема ни зеленило, нема ништо, ниту вода имаме како што треба.
Анкетиран граѓанин.

„Порано беше поубаво, сега е ѓурултија. Поуреден многу повеќе отколку сега, а сега видиш колку блато има.“

„Поуреден беше порано. Имало ред. А сега секој доаѓа, ќе направи зграда, а нема ниту парк, ниту паркинг, ниту за децата каде да играат, нема ни зеленило, нема ништо, ниту вода имаме како што треба.“

„Било поуредено зошто немало толку возила, толку градби, имало повеќе дрвја.“

„Тогаш градот бил помал и почист, инаку сега поголем град, повеќе луѓе. Оваа пластична индустрија направи тоа што го направи. Многу пластични отпадоци. Тогаш немало толку пластични отпадоци како сега“, велат анкетираните.

Според експертите покрај тоа што во овие 20 години се доселени голем број луѓе во градот, една од најважните причини за лошите услови за живеење е неправилно решение на инфраструктурните потреби на Тетово и жителите.

„Не се запазени сите нијанси на урбанистичкото планирање за град Тетово. Имаме одредени објекти кои не им е местоположбата на таа локација на која што се сега. Од низа аспекти, дали за проток на воздух, дали за достава на одредени намирници, дали за интервенција на одредени служби. Значи местоположба на одредени објекти не е на правото ниво. И од тој аспект квалитетот на живеење во град Тетово може да кажеме дека не на највисоко ниво, вели универзитетскиот професор Усеин Багашов.

Професорот по инфраструктура, Вулнет Палоши смета дека за надминување на ваквата состојба од сегашен аспект најдобро е градот да се прошири, а на новата територија да се градат објекти на локалните институции.

„Дисперзијата автоматски ќе го смали сообраќајниот хаос во градот, многу ќе го смали затоа што административните работи привлекуваат луѓе со коли и така натака. А втора работа ќе го смали во голем процент и загадувањето, затоа што нема да се движи се околу центарот“, вели Палоши.

Поранешната општина Тетово имала површина од 1.053 квадратни километри. Сегашните општински граници се протегаат на 87 квадратни километри.

XS
SM
MD
LG