Достапни линкови

Може ли по телефон да се лекува корона?


Тестирање за Ковид-19

Дел заразени со ковид не се задоволни што преку телефон добиваат совети како да се лекуваат. Ги плашат вестите дека од ковид умираат и млади луѓе без претходни заболувања. И матични лекари посочуваат дека лекувањето преку телефон е проблематично.

Препишување терапија преку телефон, размена на информации преку СМС пораки или на Вибер и совети пиј витамини и повеќе течности додека состојбата не се подобри. Вака некако изгледа лекувањето на позитивни на ковид-19 со полесни симптоми кои се на домашно лекување. Ако состојбата се влоши се оди на лекар.

Заразени со новиот коронавирус за нашето радио даваат примери дека за една недела колку што се дијагностицирани со вирусот матичниот лекар им се јавил само еднаш, некои ги испраќаат податоците за симптомите по Вибер, па по неколку часа чекаат одговор од лекарот, други по цел ден се обидуваат да го добијат лекарот, но од ординацијата добиваат одговор, оставете број лекарот ќе ви се јави, а во меѓувреме состојбата не им се подобрувала, па помош побарале во приватни клиники.

Според последните статистики во моментов има околу 10 илјади активни потврдени случаи на ковид-19. Од активните случаи, според статистиката од 1 ноември, 721 заразен со ковид се наоѓа на болничко лекување. Од нив на клиниките во Скопје се лекуваат 271 пациент, останатите се лекуваат во болниците низ Македонија.

Термините за тестирање исто така се проблем со кој се соочуваат оние кои се сомневаат дека се заразиле со ковид 19. На државно може да чекаат со денови, а на приватно тестовите чинат и по неколку илјади денари. Најевтиниот тест чини 1850 денари и може да се направи приватно во Институтот за јавно здравје, во останатите лаборатории тестовите за ковид чинат од 3000 денари па нагоре. Од денеска почнува и тестирањето со брзи тестови кои чинат 1000 денари, но и за нив термините до 10 ноември се веќе пополнети.


Тестирањето и го закажале осум дена од појавата на симптомите и на шест дена од првичната комуникација со матичниот лекар, вели за РСЕ триесет и три годишна скопјанка, сега веќе дијагностицирана со ковид.

„Првото слушање со матичната беше кога и ги набројав симптомите, по што рече дека морам да се тестирам. Наредното слушање беше кога ми се јави во саботата приквечер да ми соопшти дека тестот е позитивен. Пријатно бев изненадена што во сабота ги прати известувањата за резултатите, бидејќи јас очекував резултатите да ги знам дури во понеделник. Во неделата пак ми се јави да ме праша за состојбата. Лично се сметам за среќна што имам благи симптоми, па го имам луксузот да чекам осум дена за тестирање на државно. Ако ми се влошеше состојбата веднаш планирав да одам на приватно. За дополнителни испитувања ќе одам на приватно“, вели таа за РСЕ.

Таа вели дека комуникацијата со лекар само преку телефон не е доволна.

„Напротив е обесхрабрувачка, бидејќи цела недела со симптоми човек е оставен сам на себе. Јас имав потреба доктор да ме прегледа за да се чувствувам посигурно“, вели таа.

Матичниот лекар Илир Љума вели дека заради пандемијата имаат препораки од здравствените власти да се одложи класичниот начин на преглед во амбуланта.

„Ваков еден пристап кон пациентот јас мислам дека не е соодветен и не соодветствува со лекарската етика, затоа што општо познато е дека физичкиот преглед кој треба да се одвива во амбуланта, треба да биде директно меѓу пациентот и лекарот, при што лекарот го применува протокол за општ преглед и дури тогаш може да се воспостави дијагноза, ординација на лек или понатамошен третман во соодветна специјалистичка институција“, вели доктор Љума.

Тој додава дека третманот по телефон оди на штета на пациентот, но и на лекарот кој не може да даде точна дијагноза.

Третманот на случаите на заразени без симптоми или со благи симптоми насекаде е ист, односно се даваат совети преку телефон, вели во пишан одговор за РСЕ, ссновачот на Хелтгруп и поранешен заменик министер за здравство, Владимир Лазаревик.

„Земете го на пример Дубаи, и тука е така. Целта е да се намали товарот врз здравствениот систем и да се намали можноста од пренос на вирусот“, вели Лазаревик.

Информациите за високите бројки на заразени и на починати ги „вадат од памет“ луѓето, вели претседателката на здружението на матични лекари Лилија Чолакова –Дервишова. Таа вели дека неколку месеци телефоните на матичните се вжештени и не запираат да ѕвонат од 7 наутро до 12 навечер.

„Верувајте ми доаѓаат преплашени, ги лекувам 30 години, за температура 37, 3 никогаш претходно не реагирале вака моите пациенти. Секогаш СЗО велела дека ако некој има температура организмот сам треба да се бори 2-3 дена, имунитетот да се јакне, да не се оди веднаш со антибиотик. Сè е од страв“, вели докторката.

Според Упатството на Министерството за здравство за лекување на пациенти со ковид, направени врз основа на препораките од СЗО, тие со благи симптоми треба да се лекуваат во домашни услови. Оние пак со хронични заболувања треба да бидат примени во болница.

„Здравствениот персонал треба да биде вклучен во надзорот на здравствената состојба со следење на развојот на симптомите преку телефонски повици и доколку е можно, преку лични посети на редовна основа (на пр. дневно), извршувајќи специфични дијагностички тестови (по потреба)“, стои во Упаството.

Mинистерот за здравство Венко Филипче вели дека протоколи за лекување има од почетокот, тие и се менуваат со текот на времето и во однос на видот и во однос на дозата на терапијата.

„Многу е битно да се направи проценка од лекарот. За оваа болест, со толку различни форми на тежина на клиничката состојба, апсолутно треба лекарот да процени што треба да се направи“, вели Филипче.

Тој вели дека нема пациент што е вратен од ниту една болничка установа, но дека е можно да има подолго чекање ако има гужва.

На крајот на изминатата недела починаа заразени со ковид на 27 и на 35 години, за кои подоцна Министерството за здравство посочи дека немале претходни заболувања. Бројот на починати од почетокот на пандемијата во март, надмина 1000, но според здравствените власти најголем дел од тие што ја изгубиле битката со вирусот имале претходни заболувања. Директорката на Инфективната клиника во Скопје Милена Стевановиќ во интервју за РСЕ неодамна рече дека висок процент на починатите во таа институција имале од претходно најмалку две болести и дошле покасно од 10 дена од почетокот на симптомите.

Црно сценарио со ковид-19 не ни бега ако се однесуваме вака
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:27 0:00

По наглиот пораст на заразените со ковид во последните денови, кога дневните бројки надминаа и 1000 заразени, недостига персонал кој ќе им направи епидемиолошка анкета на тие што се во изолација и ќе ги мапира контактите. Луѓе кои се во изолација велат дека поминала цела недела додека да им дојде решение за изолација, а се уште не им се јавил некој да им направи епидемиолошка анкета. Во процесот за правење анкети се вклучени и студенти по медицина.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG