Достапни линкови

Корона - казни има, но свест нема


Луѓе со заштитни маски и полиција во Градски парк во Скопје. Илустрација.

Властите ги осудуваат и казнуваат прекршителите на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Но, тоа не го спречи организирањето на свадби или погреби, а причината е ниската свест кај граѓаните за можните последици од болеста.

Од почетокот на пандемијата на коронавирусот до денес здравствените власти секојдневно повикуваат на почитување на мерките за спречување на ширењето на заразата. Но, и покрај тоа постојано се забележуваат прекршувања на мерките и на индивидуално и на колективно ниво и покрај јавните осуди и казни.

Последен е примерот со погребот на поранешниот пратеник Амди Бајрам на кој присуствуваа околу 300 луѓе, иако согласно здравствените протоколи тоа не е дозволено. Особено што посмртно беше утврдено дека Бајрам бил позитивен на коронавирус. Засега никој не е казнет за настанот.

Министерот за здравство Венко Филипче го осуди непочитувањето на мерките и порача дека секој треба да ги почитува протоколите и никој не треба да се чувствува привилигиран да ги прекршува.

„Од токму такви прекршувања ние имаме проблем целиот овој изминат период. Немаме проблем таму каде што нема собирања и таму каде што се носат маски“, рече тој.

Пред некој ден од МВР информираа и дека е поднесена кривична пријава за лица кои правеле свадба во Арачиново на која имало околу 200 луѓе. Спротивно на препораките во изминатиот период се одржаа и концерти и поголеми собири низ некои кафулиња во земјава. На тоа претходеа и настани како литијата во Струга или орото во Гевгелија на група граѓани на Велигден за време на полицискиот час. Во меѓувреме, секојдневно се казнуваат стотици граѓани за неносење на заштитна маска. Надлежните инспектори и агенции исто така редовно вршат контроли на терен и изрекуваат казни на оние кои не ги почитуваат протоколите, а беа поднесени и кривични пријави за неколку угостителски објекти.

Професорот по социологија од Универзитетот на Југоисточна Европа, Али Пајазити вели дека непочитувањето на мерките говори за културата и совеста на граѓаните, кои воедно не им веруваат на надлежните органи. Од друга страна, според него, казнувањето не е решение, туку едукацијата на граѓаните.

„Гледано од етички аспек нашиот грѓанин не размислува за другиот и за можните реперкусии. Значи во моментот ние не сме свесни за псоледиците. Казнувањето може да дава и спротивни резултати. Мислам дека медиумските кампањи, како и на референцијалните личности и на медицинскиот кадар треба повеќе да инвестира во овој аспект и да се стваи поголем акцент на едукација“, вели Пајазити.

Александар Цветкоски од Асоцијација за граѓанска толеранција и соработка АГТИС смета дека добар дел од граѓаните ги почитуваат мерките, но некои немаат доверба во препораките на здравствените власти.

„Развивањето на свеста за граѓанската дисциплина не само за пандемијата, туку воопшто за сите акции е нешто што ние мора да го направиме ако сакаме да бидеме нормална држава. Но, тоа воопшто не се прави затоа што ние немаме навика да спроведуваме комплексни акции во кои актерите се држат до улогите кои им се наменети“, вели Цветковски.

Тој додава дека граѓаните мора да сфатат оти се дел од системот и да ги почитуваат препораките и наредбите и кога тоа не им одговара.

Со измени на Законот за заштита на населението од заразни болести на сила ќе стапат и мерките за задолжително носење на заштитни маски на отворено, потоа забрана за групирања надвор на повеќе од 4 лица по 22 часот и ограничувања на собири во домашни услови, односно едно семејство да може да прими најмногу четири лица кои не живеат на таа адреса. Според Филипче, токму со измените на законот значајно се зголемуваат ингеренциите на сите инспекторати.

„Така што со носењето на овој закон и тој дел во однос на контролата, во однос на санкционирањето значајно ќе се подобри“, рече Филипче.

Директор на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски неодамна изјави дека со измените на законот угостителските објекти во кои се одржуваат свадби ќе може да бидат затворени на 30 дена и да им се изрече парична казна на самото место со платен налог доколку не ги почитуваат мерките. Тој додаде дека одговорноста и свеста кај граѓаните сепак игра најголема улога во заштитата бидејќи, нема што да се преземе друго, ако не делуваат казните.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски порача дека не мисли оти само зголемувањето на казните ќе даде ефект во борбата со Ковид-19 и дека во секоја кризна состојба, превентивата и подигањето на јавната свест е најважната работа и затоа постојано се апелира до граѓаните.

Од почетокот до денес за сите граѓани индивидуално важат клучните препораки за спречување на ширењето на коронавирусот како што се заштитна маска, физичка дистанца и миење раце. Последните мерки кои се донесоа пред законските измени се економски оператори да работат до 23 часот, автобусите да возат со 50 отсто од капацитетот, а вработените во администрацијата, општините и судовите, секаде каде што тоа е можно, да работат во смени или онлајн од дома или редуцирано по систем на ротации.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG