Достапни линкови

Корона плус сезонски грип - следните недели нема да биде полесно


Скопје- Совет за безбедност за Ковид-19 кај претседателот Стево Пендаровски,29.10.2020
Скопје- Совет за безбедност за Ковид-19 кај претседателот Стево Пендаровски,29.10.2020

По рекордниот број заразени со коронавирусот во Македонија, Советот за безбедност ја разгледуваше ситуацијата. Апел за почитување на мерките и предупредување дека следните недели заедно со сезонскиот грип нема да биде полесно, упати претседателот Стево Пендаровски.

Главнината на мерките е иста во сите држави, а разликата е само во нивото на нивното почитување од страна на граѓаните и нивото на спроведување од страна на државните органи, рече претседателот Стево Пендаровски по средбата на Советот за безбедност. До оваа средба доаѓа по рекордниот број заболени од Ковид 19 во земјава - 870 за 24 часа.

„Ситуацијата е исклучително сериозна, човечките и материјалните ресурси се ангажирани до својот максимум, а со оглед на тоа што доаѓа сезоната на грипови следните недели сигурно нема да биде полесно“, рече Пендаровски кој повика на солидарност, одговорност и почитување на мерките.

На состанокот, покрај редовниот состав на Советот за безбедност присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче кој рече дека болнички капацитети има сосема доволно и дека целиот Клинички центар е во ситуација на мобилизација.

„Со оглед на тоа што модуларната болница е речиси исполнета, обезбедени се дополнителни болнички легла на Институтот за белодробни заболувања, во рамките на повеќе интерни клиники, како и на клиниките за дерматологија и за неврологија, каде има пристап до централен довод на кислород“, истакна Филипче.

Што може да ја спречи трасмисјата на вирусот?

Министерот е убеден дека новите мерки- ограничениот капацитет на пополнување во јавниот превоз, задолжително носење маски на отворено, затворање на угостителските објекти во 23 часот, препораката да се работи од дома и онлајн, е нешто што доколку се почитува може сериозно да ја намали трансмисијата на вирусот.

Инаку од кога почна пандемијата со коронавирусот, во март годинава, претседателот Стево Пендаровски неколкупати прогласуваше вонредна состојба оти во тој период поради веќе распишаните предвремени избори парламентот беше распуштен, па со прогласувањето на вонредната состојбата Владата имаше ингеренции да носи уредби со законска сила и одлуки, како на пример за полициски час, кои би требало да ги носи Собранието. Пендаровски рече и дека ако има потреба е подготвен во борбата со вирусот да одобри у вклучување на Армијата, по примерот на другите земји, каде што војници се ангажирани да бидат логистичка поддршка на системот, а некаде прават и епидемиолошки анкети.

„Нема никаква причина да се натегаме околу тоа дали треба или не треба вонредна состојба. И денеска да се декларира вонредна состојба нема да се смени проблемот. Само по себе не врши работа. Слични забуни имаше и за полицискиот час. Дека треба вонредна состојба за да има полициски час. Ако врши работа вонредната состојба во однос на ковид-19, еве ќе покренам иницијатива и Собранието ќе ја изгласа. Ама не сум сигурен дека воопшто има корелација едно со друго и дека ќе бидеме поуспешни“, рече Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање.

Претседателот нагласи и дека лично не очекува оваа ситуација, како што истакна, да се користи за добивање на политички поени. Ова не е првпат да се одржи седница на Советот за безбедност за коронавирусот, но е прва по подолг период. Есенскиот бран го забрза ширењето на Ковид19 а деновиве сите земји од регионот регистрираат рекорден број заболени.
Според податоците од Министерството за здравство вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 28697, бројката на оздравени пациенти е 19771, на починати е 963, а бројот на активни случаи изнесува 7963.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG