Достапни линкови

Причини за високата смртност од Ковид-19 во С.Македонија


Амбулантно возило пред Инфективната клиника во Скопје.
Амбулантно возило пред Инфективната клиника во Скопје.

Според анализите на епидемиолозите 23 проценти од хоспитализираните пациенти починале во болница од ковид-19. Од Инфективната клиника велат дека висок процент на починатите во таа институција имале најмалку два коморбидитета и дошле покасно од 10 дена од почетокот на симптомите.

Во изминатава недела во земјава 40 луѓе во болница ја изгубија битката со коронавирусот. Тие се дел од вкупно 815 починати пациентите од Ковид-19 од почетокот на пандемијата. Од земјите од регионот повеќе починати има само Бугарија, каде што се заведени речиси над 4 илјади повеќе заболени и речиси 100 повеќе починати, а земјата е најмалку три пати поголема во однос на жители од Македонија. Слична е и ситуцијата со Босна и Херцеговина каде што се евидентирани 955 починати, земја која има речиси 10 илјади повеќе заразени со Ковид-19 од Македонија. Грција на пример пријавила дека од почетокот на епидемијата од оваа болест починале 645 луѓе на евидентирани 23 илјади заболени, додека во Србија вкупната бројка до сега пријавена до СЗО е 764 починати и рекордни во регионот 35 илјади заразени со коронавирус. Косово пак, бележи околу 640 починати и вкупно 16 илјади заболени, додека Албанија, пак, до СЗО пријавила дека 430 луѓе починале од Ковид-19, а 16 илјади се заразиле.

Македонските здравствени власти посочуваат дека тоа што земјава е речиси на врвот по смртност во регионот се должи на искрениот пристап во евидентирање на секој што починал, а при тоа бил позитивен на корона вирусот. Матичните лекари сметаат дека таквата методологија кога и некој што на пример починал од бубрежна болест, а бил при тоа и позитивен на ковид-19 е заведена како жртва на коронавирусот, создава голем страв и паника кај граѓаните.

Зошто толкава смртност од Ковид 19?

Според анализите на епидемиолозите 23 проценти од хоспитализираните пациенти починале во болница од Ковид-19.

Директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ во интервју за Радио Слободна Европа, кое во целост ќе биде објавено в недела вели дека во стапката на смртност мора да се земат предвид многу параметри. Нашата хигиена, здравствената култура на живеење, редовна контрола, дијагноза на хронични болести, како и сериозно третирање на овие болести за кои не секогаш докторите кои ги лекуват од ковид-19 ги дознаваат на време точните информации, вели таа.

„Ние имавме пациенти за кои сметавме дека се комплетно здрави, па со сериозното влошување на нивната здравствена состојба поради ковид инфекцијата, копањето, барањето, инсистирањето не донесе до информации дека и не се толку здрави некои пациенти, односно знаат ама не се посветиле на можноста за хронично заболување, па не ја третирале, па биле еднаш на некаков преглед, па не се повторил. Значи ние немаме некоја висока посветеност на нашето здравје“, вели Стевановиќ.

Одговорноста на здравствениот систем и на граѓаните

На прашањето дали проблемот може да се види во недоволната грижа на државата за здравствена едукација на населението, Стевановиќ вели дека најлесно е да обвиниме државата за сè што не е добро и така да се најде оправдувањето.

„Не знам од кој очекувате да се грижи за вас, ако пред сè не се грижите сама за себе, а дека може да обвиниме некој друг и дека тоа е најлесно, секако тоа е најлесно. Верувам дека кога системите би биле подобри, поконтинуирани, повисоко раздвоени, комплетно електронски поврзани итн., секако тоа ќе го олесни системот, но навистина секој еден мора да се грижи за себе и одговорноста за нашето здравје е пред сè наше“, вели таа.

Доктор Стевановиќ додава дека дополнително проблем претставува и тоа што добар дел од пациентите кои што починале од ковид -19 на Инфективна се појавиле многу доцна.

„Сега кога е оваа состојба со ковид, неприфатливо е, барем за мене, да бидете десет дена болен, да имате сериозни потешкотии и да не помислите дека тоа може да биде ковид. Дури и да не знаете дека имате ковид, да не се јавите на лекар. Тоа е навистина исклучително значаен момент. Еден драстично висок процент на починатите во нашата институција, кои ги анализиравме, огромен број на пациенти кои имале најмалку два коморбидитета и дошле покасно од 10 дена од почетокот на симптомите. Тоа е многу тешко да се менаџира, лекува и исходите тука се навистина најнепосакувани“, вели Стевановиќ.

Статистиката за пациентите кои починале на Инфективна клиника покажува дека најмалку 50 проценти од нив во Клиниката се јавиле седмиот ден од почетокот на болеста, 77 проценти од нив во исклучително тешка здравствена состојба, додека 13 проценти од нив се дојдени во тешка и критична состојба кога болеста веќе била добро развиена.

Министерот за здравство Венко Филипче додава дека во однос на смртноста, најголемиот дел, односно 85 проценти од починатите имале и други болести, и дека најкритична и ризична група се луѓето над 60 годишна возраст. Тој додава дека меѓу причините за големата смртност е тоа што има пациенти кои доцна доѓаат во болница со лоши параметри и треба веднаш да се приклучат на респираторна машина.

Дали е баш така?

Од друга страна, пак, претседателката на здружението на матични лекари Лилија Чолакова -Дервишова не се согласува со тоа што го тврдат здравствените власти. Таа децидно тврди дека граѓаните редовно се јавуваат на матичен лекар, а тоа, како што вели, може да се увиди од искористеноста на алатката „Мој термин“ и не верува дека пациентите доцна се јавуват во болница.

„Пациентите кои починуваат во болница имаат голем број на коморбидитети, на пример моите колеги матични лекари ме информираат дека тој и тој што починал, починал на апарати за дијализа, имал хронична болест, му откажале бубрезите, а затоа што бил позитивен на ковид, било запишано дека починал од ковид, потоа имал некој мозочен или срцев инфаркт, а тие пациенти исто се дијагностицирани со ковид. Мислам дека народот и пацинетите се овие денови смртно преплашени“, вели Чолакова - Дервишова.

Таа додава дека народот не треба да се држи во страв.

Според последната анализа на Институтот за јавно здравје, која се однесува на периодот од 5 до 11 октомври, пријавени се 31 смртен случај од 15 градови, за еден повеќе од претходната недела. Во однос на возраста, 26 лица биле над 60 години, а четири лица на возраст од 50-59 години. Само едно лице е од возрасната група 40-49 години. Коморбидитети се регистрирани кај 24 од вкупно 31 починати лица.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG