Достапни линкови

Преблаги мерки за страшни бројки


Скопје- амбулантна кола носи заболени со Ковид19 на Инфективната клиника, 22.10.2020

Комисијата за заразни болести останува на истите мерки предложени за спречување на ширењето на коронавирусот, додека тие во практика не се спроведуваат, а бројот на заболени и починати е доста висок. Доктор Никола Пановски сугерира дека можеби е потребен и полициски час по 22 часот.

Болничките капацитети се речиси пополнети, се прошируваат со нови, а мерките за спречување на ширењето на коронавирусот остануваат исти. Ова по состанокот на Комисијата за спречување на заразни болести го соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Ова е многу силен бран на вирусот, оптоварени се сите капацитети, рече министерот, кој детално информираше за сите болници во разни градови и најави дека забрзано се пополнува модуларната болница во Скопје па дополнителни 40 кревети се обезбедени во болницата во Козле и уште две одделенија во болницата 8 септември.

Се разгледува можноста да бидат ангажирани и дополнителни лекари приватни интернисти , министерството ќе го набавува и лекот Ремдесивир, а ќе се зајакне и капацитетот за тестирање за 350 дневно, рече министерот.

„Во овој момент сметаме дека дополнителен пакет или некоја друга форма на мерки не треба да се имплементираат ниту да се препорачуваат. Уште еднаш апел сите да се придружуваат до овие мерки и така со сопствената одговорност ќе придонесат епидемијата да стивне“, рече Филипче.

А кои се мерките кои министерот повикува да се почитуваат?

Да не може да се примат повеќе од четворица гости дома, да не може да се групираат повеќе од четворица надвор и да се носи маска на отворено се трите мерки кои чекаат да поминат во Собрание. Владата, пак, од минатата недела усвои три други мерки кои стапија во сила- услужниот сектор работи до 23 часот, еден час помалку од вообичаено, државната и јавна администрација да го организираат работењето од дома или во смени и ограничување на капацитетот на патници во возилата на јавниот превоз на 50 отсто.

Во меѓувреме додека неколку дена е во сила едниот пакет мерки, а се чека поминувањето на вториот, во Македонија се забележа рекорд-22 починати за 24 часа, а бројките на новоинфицирани со коронавирусот цела седмица се движат од 400 до 640.

Потребен ли е полициски час?

Според професорот, микробиологот Никола Пановски и досегашните мерки се соодветни ако се спроведуваат, што нагласува дека во пракса тоа не случува. Но според него може да се преземе уште еден чекор кој би го спречил ширењето на вирусот, а нема да влијае силно на економијата.

„Мислам дека треба да се воведе полициски час од 22 часот како прва мерка. Тоа нема да делува директно врз економијата“, вели Пановски.

Инаку, истовремено, есенскиот бран во цела Европа зема замав. Поради високите бројки Чешка на пример одлучи три недели да бидат затворени продавниците, училиштата, рестораните, кафулињата и ноќните клубови, Словенија ги затвори рестораните, хотелите и трговски центри, холандската влада ги затвораи кафулињата и рестораните, а Шпанија и Франција воведоа и полициски час.

Во Македонија, пак, мерките за коронавирусот се се уште тема за меѓупартиска дебата. СДСМ по неколкупати дневно ги обвинува кадрите на ВМРО-ДПМНЕ како поранешната дополнителна заменичка министерка во финансии Гордана Димитриеска Кочовска, која тврдат дека за време на предизборниот период го кочела заемот од Светска банка од 90 милиони, пари за опремување на болниците и раководството на ВМРО-ДПМНЕ кое организирало масовни собири. ВМРО-ДПМНЕ возвраќа со жестоки критики дека Венко Филипче е виновен, да си поднесе оставка, секојдневно бараат.

Измените утре на собраниска седница

Препирките се зголемија и откако минатата недела прво по барање на ВМРО-ДПМНЕ од дневен ред на собраниската седница беа тргнати измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, во кои не се внесени трите измени кои ги предложи владата, а планот на мнозинството е да се внесат преку амандмани. Но, ден подоцна, ВМРО-ДМПМНЕ рече дека ќе присуствуваат на седницата со што ќе обезбедат кворум за измените на законот да поминат во следна фаза и да стигнат во собраниската комисија за здравство каде што ќе бидат предложени амандманите со мерките.

Од тогаш и ВМРО-ДПМНЕ повикува да биде свикана седницата, а министерот за здравство Филипче секојдневно бара мерките да се донесат час поскоро. Претседателот на Собранието Талат Џафери пак рече дека нема намера да свикува седница само за една точка на дневен ред по скратена постапка, па измените на законот за заразни болести со кои треба да поминат и мерките можат да се најдат на седница во вторник за кога и така е закажана расправа и по други точки. Филипче повторно нагласи дека верува оти сите пратеници се свесни за тежината на ситуацијата во која се наоѓа земјата и дека ќе ги изгласаат измените брзо.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG