Достапни линкови

Може ли е-книгите да ја заменат старата добра хартија?


Илустрација - Посетител на Саем на книга во Скопје
Илустрација - Посетител на Саем на книга во Скопје

Како се чита повеќе - на хартија или дигитално? И може ли е-книгите да им ја преземат улогата на печатените? За ова разговаравме со младите, но и со луѓе од издавачкиот свет

Според статистиката на бесплатната електронска библиотека „Македоника“, е-книги најмногу читаат млади, а нивниот број особено расте за време на летниот распуст, кога треба да се читаат лектирите за следната учебна година.

„Електронски книги реално најмногу чита помлада публика, оние кои и најмногу користат технологија и интернет. Летно време имаме зголемен број на новорегистрирани читатели, претежно на возраст од 7 до 18 или 19 години, односно основци и средношколци, бидејќи имаме објавено многу лектири, коишто се бесплатни, а тие најмногу ги читаат лектирите за време на распустот“, изјави за РСЕ, Андреа Ичокаева Бундалевска, директорка во „Фондација Македоника“.

Млади кои бираат хартија наместо екран

„Поубаво ми е да ја држам книгата, отколку да читам на телефон или пак на таблет. Дури и да е полесно да читаш дигитално, сепак не е истото чувство како кога држиш книга во рака и да можеш да си уживаш во нејзе, отколку само да ја симнеш од интернет“, изјави за РСЕ, средношколката Ивана Ристиќ.

Нејзиното мислење го дели и еден студент.

„Дефинитивно книга си е книга. Ништо не може да победи вистинско парче хартија, односно испечатено издание на книга. Кога ќе ја фатиш, кога ќе ги отвориш страниците, тоа друго чувство. Меѓутоа, лесната достапност на онлајн книги кои можеш да ги симнеш на кој било таблет или компјутер - тука е предноста на дигиталните изданија“, сподели студентот Кристијан Бојаровски, за РСЕ.

Средношколецот Илин, пак, прави комбинација - ако е академска литература повеќе му лежи печатено издание, а за сè останато, вели дека формата не му менува.

„Кога читам стандардна литература, не ми прави разлика дали е „хард кавер“ или онлајн, на телефон или на компјутер. Но, кога станува збор за академска литература, на пример збирки по математика, многу ми е поедноставно да ја имам физички со мене затоа што можам да речеме да запишувам работи коишто треба да ги знам. Малку цената прави разлика затоа што некогаш сакам да читам книга што да речеме ја нема во Македонија и многу е скапо да се донесе, бидејќи има и дополнителни трошоци за достава. Ама да ја имам книгата и да имам избор меѓу тврда корица и електронска копија, не ми прави толку разлика“, изјави средношколецот Илин Московски, за РСЕ.

Илин вели дека пријателите кои активно читаат рекреативна литература повеќе им се сакаат физичка копија, отколку електронска верзија.

Писателот Петар Андоновски, трендовите ги следи и од страна на автор, но и од страна на вработен во издавачка куќа.

„Од мое искуство, првенствено како човек што работи во продажба со книги повеќе од десет години, а и како писател, мислам дека хартијата е незаменлива. Ние како издавачка куќа „Полица“ имаме и продажба на онлајн книги, но интересот за хартијата, односно за печатените изданија е сепак поголем. Барем во Македонија ја немаме таа култура на читање на електронски книги. Сè уште изборот повеќе паѓа на печатените, а мислам дека така е и низ светот. Еве, моите книги се доста преведувани низ Европа, паралелно со печатените изданија има и електронски, но поголема е продажбата на печатените“, изјави писателот Андоновски за РСЕ.

Писателот Петар Андоновски
Писателот Петар Андоновски

Од онлајн библиотеката „Македоника“ велат дека нивните дигитални изданија не се во натпревар со печатените.

„Ние како електронска библиотека, не водиме никаква битка со печатените изданија, ниту сакаме да ги побиеме. Затоа што, факт е дека сè уште се читаат печатени изданија. Статистичките податоци покажуваат дека и во текот на пандемијата, е зголемена продажбата на печатени изданија. Електронската верзија на книгите е само дополнителна варијанта за вклучените во дигиталниот свет и сакаат да имаат дигитална верзија. Од друга страна, ние не објавуваме нови, неодамна издадени книги. Затоа, не ги побиваме печатените. Обично кај нас се објавуваат книги што повеќе не се печатат. Преку конкурси им се дава шанса на млади автори кои не се афирмирани. Потоа, нивните дела и во печатена верзија се продаваат преку издавачи“, истакна директорката на во „Фондација Македоника“, Ичокаева Бундалевска.

„Македоника“ постои од 2013-та година, кога како што вели директорката, особено во Македонија, е-книгите биле „измислен поим“ и повеќето не ни знаеле за нив, а уште помалку дека може да постојат на македонски јазик.
Денес, имаат база од над 1100 бесплатно достапни книги и број на читатели кој постојано расте, а досега на платформата се регистрирани повеќе од 80000.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG