Достапни линкови

Пренџова: Не се откажувам од интимистичката поезија


Поетесата и слемерка Елена Пренџова
Поетесата и слемерка Елена Пренџова

По една декада од објавувањето на првите калиграми во наградената збирка поезија „Живот под ѕвездите“, поетесата и слемерка Елена Пренџова, неодамна во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со графички дизајн на Ивана Коровешовска, ја постави својата прва изложба на визуелна поезија кај нас.

За Елена Пренџова може долго и широко да се пишува. Да се изнесуваат детали за нејзините дела, потези и одлуки. Да се говори за нејзиното творештво. Да се бараат и цитираат пораките. Акцентот да биде ставен дека таа е една од оние значајни претставнички на „женското“ писмо во македонската поезија. И, така со ред... Но во основа и фактографски, треба да биде забележано дека Пренџова е современа, талентирана, храбра и силна жена. Професорка по англиски јазик и книжевност и магистерка по филолошки науки. Пионерка во организацијата на слем-настани кај нас во Македонија и во регионот, и над сè - поетеса. Пренџова е и слемерка и препејувачка, магистерка по Филолошки науки и дипломирана професорка по Англиски јазик и книжевност. Менторира работилници за слем и креативно пишување. Авторка е на десетина авторски поетски книги и уредничка на неколку антологии.

Во 2015 година ѝ беше доделена едномесечна писателска резиденција во Албанија, стипендирана од „Поетека Албанија“, Министерството за култура во Албанија и Традуки мрежата, а една година подоцна беше и националната претставничка на Европското слем-првенство што се одржа во Будимпешта, Унгарија.

Во 2019 стана стипендистка на програмата за перформативни уметсности i-Portunus и „Креативна Европа“ остварувајќи резиденцијален престој во Естонија и Словенија каде менторираше слем-работилници и настапуваше на слем-настани и конечно во септември 2021 ѝ беше доделена едносмесечна стипендија за писателка резиденција во Белград, Србија од страна на Регионалната мрежа за културен диверзитет READ.

И, по ова само уште фактот дека Елена Пренџова е исклучително комуникативна личност. Една од оние со кои разговорот ви се лизга и тече како вода.

Пренџова со промотерката Виолета Танчева-Златева и со италијанско-швајцарската поетеса Лучила Трапацо

Овој понеделник во „Буква“ се одржа изложбата на конкретна, односно визуелна поезија со ваши песни и во графички дизајн на Ивана Коровешовска. Од каде потреба за еден ваков исчекор и каде ги побаравте допирните точки во вашето творештво? Како се одвиваше и колку сте задоволни од овој ваш заеднички настап пред публиката?

- Визуелната поезија, како и слем-поезијата, е цел еден засебен подсвет во светот на поезијата. Визуелната поезија ја открив истражувајќи ги различните поетски и воопшто книжевни историски текови и правци и првпат во неа се обидов пред десетина години објавувајќи неколку калиграми во својата авторска збирка поезија „Живот под ѕвездите“ која во 2012 година ја доби наградата „Македонска книжевна авангарда“ која претставува македонска литературна награда за ново авангардно книжевно творештво што ја доделува издавачката куќа „Феникс“ и Фондацијата „Македонија презент“ од Скопје. На изложбата на визуелна поезија вчера беа изложени калиграмите од оваа збирка, но и други калиграми. Ивана Коровешовска е одлична графичка дизајнерка и во соработката со неа ми се допаѓа не само што е врвна во графичкиот дизајн, туку и прецизно ме разбира што точно сакам и на што конкретно целам во својата визуелна поезија, па така на моите песни им вдахна прекрасна визуелна естетика. Во врска со настанот, позитивно сум изненадена од реакциите на публиката. Искрено навистина не знаев какви реакции да очекувам бидејќи, како и што беа коментарите од публиката, во Македонија прв пат се прави визуелна поезија во дизајн во формат на изложба (иако оваа изложба прв пат ја изложив во Тирана, Алабанија во 2017 година во рамките на фестивалот за дадаизам и надреализам „ДАДА Фест“).

Изложбата ја отвори италијанско-швајцарската поетеса, сликарка и изведувачка Лучила Трапацо.

- Драго ми е што изложбата ја отвори поетесата Трапацо која направи еден извонреден вовед во визуелната поезија воопшто, па потоа и во моите калиграми конкретно. Така таа просто ѝ даде смисла на изложбата. Инаку Лучила Трапацо е поетеса, актерка и сликарка, односно изведувачка на сцена како што милува да каже за себе, која со својата поезија и театар настапува на врвните светски сцени на сите континенти, па како поетеса и сликарка навистина го извлече најсуштинското за изложената визуелна поезија. Таа многу ја сака Македонија, го учи македонскиот јазик од желба и љубов кон нашата култура и често соработува со нашата алтернативна културна сцена.

Настанот беше најава и за вашата нова збирка поезија „За една кратка урбана љубов што стравуваше да се нарече така“ која како самоиздание треба да се појави во септември. Со што овојпат ќе ја предизвиката публиката? Каде тоа се упатила Елена Пренџова?

- Не се откажувам од интимистичката поезија. Секој пат со нова перспектива и инакви експериментирања со стихот. Оваа збирка е и поинаква од сите претходни затоа што содржи еден циклус од 11 песни препеани на пет јазици: албански, англиски, италијански, словенечки, српски и холандски, плус цртежи/илустрации. Препевот на албански јазик е на поетот и преведувач Даим Мифтари; на италијански на поетесата Лучила Трапацо; на словенечки на македонистката Намита Субиото; на српски на поет(еси)те Искра Пенева, Катарина Фиаменго и Немања Стојковиќ – Блеки; на холандски на перформативниот поет Филип Меерсман, а на англиски во сопствен препев, а во јазична коректура на Мет Мури. Илустрациите/цртежите се на поетесата Ирена Јурчева. Интересно е да се соработува со интернационален тим, да се согледаат различни аспекти на сопствената поезија перцепирани од „очи“ кои припаѓаат на туѓи јазични култури и тоа од личности експерт(к)и од областа. Сите тие ја прават мојата поезија мултидимензионална, ѝ вдахнуваат живост наново и наново и наново. Промоцијата ќе се случи во Салонот 19.19 при КИЦ на 30. септември и е замислена како дискусија за препевот како засебна преводна дисциплина. На дискусијата ќе учествуваат сите препејувач(к)и на книгата вклучително и илустраторката, но и лекторката на македонски јазик Виолета Танчева-Златева. Настанот ќе биде со физичко присуство за публиката, а се надевам и дека барем некои од страниските соработнички и соработници ќе бидат во можност да бидат физички присутни, но доколку не бидат, секако ќе бидат вклучени преку интернет врска во живо.

Неодамна Поетри слем Македонија стана рамноправна членка на Светската слем-организација што несомнено е исклучително значајна работа. Што значи конкретно ова за нашата, македонската слем-сцена?

- Светската слем-организација е скоро формирана и тежнее да се организира, функционира и брендира како правно тело со интернационален статус и седиште во Брисел. Во неа рамноправно членуваат сите активни национални слем-сцени од сите континенти, па и самото управно тело е составено од членки и членови од цел свет. Покрај Светското слем-првенство, Организацијата организира и други настани, како на пример Светското првенство на второпласирани кое се одржа за прв пат оваа година (во онлаин формат) и на кое македонскиот национален претставник беше Зоран Хемфри Димоски од Прилеп. Горди сме што нашата земја се мапира со своите учества на Светското слем-првенство, иако, на пример, првото учество на Македонија на Светското беше во 2016 година, а оттогаш наредното учество дури годинава. Со цел да ги подготвиме нашите претставнички и претставници за светските, но и европските учества, ние ги промовираме натпреварувачките правила на нашиот домашен национален избор што секоја година Поетри слем Македонија, „Театарска работилница“ и Игор Трпчески го организираат во Прилеп на 10, 11 или 12 октомври (денот треба да биде сабота). Искрено се надевам дека во иднина Македонија ќе нижи сè поголеми успеси на интернационалните слем-натпревари, затоа што забележувам дека и самите учеснички и учесници на националниот избор се подготвуваат со намера да победат и да се пласираат за настап во странство.

Конечно, ја чека ли врело творечко ето Елена Пренџова? Каде, на кое творечко поле во овој период ќе ги насочите своите усилби?

- По долга Ковид-пауза конечно излегов од „мечкиното дувло“ и, еве, годинава објавувам 2 збирки, едната која ја споменавме, а другата, „Еден маж и една жена или како љубовта раздвојува светови“ – интерактивна збирка поезија за креативно читање и креативно пишување, со финансиска поддршка на Министерството за култура. Периодов интензивно работиме со лекторката на обете книги Виолета Танчева-Златева и графичката дизајнерка на обете книги Александра Новеска, па, ете, сета моја креативна енергија таму е насочена. Оваа книга е прва моја книга во ваков формат. Концептот ѝ е навистина интересен – 3 дела: првиот дел поезија е наменет за т.н. интимистичко читање; вториот дел е наменет за интерактивно читање – во него давам насоки за еден можен начин на интерпретација на стиховите и третиот дел е збирка т.н. задачи за креативно пишување, односно насоки за пишување поезија. Искрено, уште од сега имам трема и не знам што да очекувам, иако потајно се надевам дека книгата ќе биде прегрната и прифатена од публиката, бидејќи, пред сè книгата е наменета за возрасните за забава, а за помладите нуди и дополнителен едукативен аспект за основи од областа на стилистиката и прозодијата, но и има улога во развојот на писменоста и писменото изразување.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG