Достапни линкови

Дали е фер да се бара матура како во нормални услови?


Дете на компјутер

Средношколците ги мачи прашањето што ќе биде со матурата. МОН кажа дека испитите нема да бидат изменети. Тоа предизвика критики дека во ситуација кога осум илјади средношколци немаат пристап до интернет не е чесно да се очекуваат добри резултати од учениците и професорите.

Министерството за образование не се откажува од досегашниот концепт на државната матура иако многу средношколци се разочарани од квалитетот на онлајн наставата во време на пандемија, а државата нема ниту решение за проблемот со средношколци кои немаат технолошки услови да следат виртуелни предавања.

Напротив од МОН оценуваат дека наставата 90 проценти се одвива успешно. Но, за овој заклучок не добиваат поддршка од Сојузот на средношколци кои бараат да се намали бројот на предмети за матура од четири на два, наведувајќи дека отсуствуваат услови за одржување испити како да е вообичаена ситуација.

Во какви услови се одвива наставата зборува и податокот дека на почетокот од училишната година во октомври имаше бројка дека 40 илјади ученици од основните и средните училишта немаат пристап до онлајн настава зашто немаат било какви технолошки помагала.

Од министерството посочија дека во меѓувреме се отишло чекор понапред и дека има зголемување на процентот на ученици кои следат онлајн настава. Но, и натаму меѓу организациите кои се занимаваат со младински политики, големо внимание привлекува податокот дека дури 10, 4 проценти од средношколците немаат пристап до оналјна настава.

Според податоците на Младинскиот Образовен Форум добиени од министерството дури 20 проценти од учениците во основно и средно образование немаат пристап до онлајн настава.

Од овие причини со постапката на министерката не се согласуваат и од Младинскиот образовен форум, потенцирајќи дека не е чесно во ситуација кога нема значајно намалување на ученици кои немаат пристап до онлајн настава да нема измени за испитите кои се услов за запишување на факултет.

"Многу е важно да се најде компромис со оглед на бројките на ученици кои не следат настава како и квалитетот на наставата односно незадоволство. Тоа треба да се има предвид и нема да биде фер да се бара матурски испит како да имало нормална година" , вели Петар Барлаковски од МОФ кој дополнува:

"На почетокот имаше бројка дека 40 илјади ученици немаат пристап до онлајн настава зашто немаат било какви технолошки помгала. Според последните податоци со почетокот на второто полугодие 80 проценти ја следат онлајн наставата што е зголемување за 10 проценти но и натaму има 20 проценти на ученици кои немаат пристап, а нема конкретен план како да се реши овој проблем"?

Осум илјади или 10, 4 проценти од б9 илјади средношколци во држават немаат пристап до онлајн наства зашто немамат компјутер или интернет, посочува Бленди Ходаи претседател на Сојузот на средношколци, наведувајќи дека логично е да има измена на концептот на полагање на државна матура кога немаат сите подеднакви услови да следат настава .

"Ова е голем проблем зашто има дискриминација на средношколците. Образованието не е услуга туку основно право и секој има право да следи настава, а не 8 илјади да не можат, а другите да можат" вели Бленди Ходаи.

За учениците кои немаат пристап до онлајн настава државата предвиде тие да доаѓаат во училиште и да земат печатени материјали од лекциите кои ги предаваат професорите онлајн.

Истражувањето што МОФ го направија со средношколци во април покажа и дека голем дел од нив беа разочарани од наставата по пат на комјутер. Најчесто имале случаи каде професори не се појавувале, не предавале како што треба има дури и понекои предмети каде воопшто не ни го виделе професорот односно само комуницирале со него преку маил. Тоа особено го отежнува проблемот.

Од МОФ велат дека оваа учебна година за учениците беше поинаква од кога било досега поради пандемијата која им донесе не само промени во образованието туку и во социјализацијата и приватноста и оти при водењето политики МОН треба да се управува oд тоа дека има вонредни услови. Баралаковски очекува дека "несомнено оти овогодинешното полагање на матурата ќе претставува нешто уникатно со оглед на уникатна година од аспект на пандемијата"

Од Сојузот на средношколци наведуваат дека има ученици чии родители поради пандемијата останале без работа, како и тоа дека некои ученици немаат адекватни услови за работа.

Од друга страна, има и согледувања дека ученците поради пандемијата не се "претргнаа" со учење поради пандемијата и неодењето на училиште и оти треба да се води сметка да не падне квалитетот на образованието.

Барлаковски вели дека МОН треба да ги премери сите аргументи во носењето на одлуката за матурата.Тој посочува дека министерката Царовска и средношколците треба да постигнат компромисно решение кое ќе биде во интерес на учениците и нема да придонесе за намалување на квалитетот на образованието.

"Разбирливи се реакциите на средношколците кои чувствуваат неправда зашто имаа неквалитетна настава .Голем дел од учениците воопшто не се задоволни. Треба да има промени во полагањето преку поинтензивна работа со учениците. Може да се размислува и за намалување на потребната содржина за да се полага"вели Барлаковски.

Предлогот на МОФ е една од многубројните алтернативи кои се појавија во медиумите во врска со полагањето на државната матура.

Сојузот на средношколците, бара да се скратат предметите за државната матура. Нивните барања се да полагаат два предмети и проектна задача, повикувајќи се дека ова е пример од Франција. Едниот од предметите да е мајчин јазик, а вториот по избор на ученикот според нивните планови за понатамошно образование.

Неформална грпа средношколци „Средношколски глас“ собира онлајн-потписи за неполагање на државната матура, но Ходаи вели дека во меѓувреме постигнале решение за модифицирање на државниот испит.

Од Сојузот на средношколци велат дека продолжуваат со бојкот, наведувајќи дека иднината на државната матура и натаму е неизвесна, а на матурантите им преостанува да се подготвуваат и за матурата, но и да ја следаат ситуцијата зашто и натаму се можни разни сценарија. Епидемиолошката ситуација во земјава засега е подобра, но таа може да се менува од ден во ден.

Средношколците се надеваат дека до Министерството за образование ќе допрат размислувањата на мнозинството кое не гледа смисла од спороведување на идентична државна матура во вонредна ситуација предизвикана од пандемијата која ги зафати сите во државата, а особено учениците .

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG