Достапни линкови

Партизацијата причина за големата невработеност на младите


Стапка на младинска невработеност и натаму е голема, или околу една четвртина од луѓето без работа се млади. Истражување на МОФ покажа дека има многу обесхрабрени млади луѓе кои сметаат дека главна пречка за доаѓање до работно место е партизацијата.

Младинската невработеност, која останува на доста високо ниво, невладините организации ја издвојуваат и натаму како еден од клучните проблеми со кои се соочуваат младите во државава. Според истражување направено неодамна, констатирано е дека една четвртина од невработените лица се млади и оти дополнително многу е повисок процентот на млади луѓе кои бараат работа споредбено со сите други возрасни категории.

До работа во државава, според мислењето на еден млад дипломиран студент со кој разговараше Радио Слободна Европа, најлесно е да се дојде со партиска книшка или по пат на врски.

"Мислам дека најголем фактор при вработување е непотизмот и недостиг на критериуми во одлучување кој ќе ги добие тие позиции. Ова се работи со кој се немав соочено директно, но слушам од сите мои другари кои се соочуваат со слична демотивација секогаш кога се обидуваат да најдат работа", ни кажа дипломираниот студент од Скопје кој е без работа.

Георги Божиновски, асистент во Младинскиот Обарзовен Форум, вели дека во истражувањето на оваа организација која се занимава со младински политики, главна пречка која младите ја наведуваат при барањето работа е партизираноста на општеството. Младите во своите одговори кажале дека проблемот е видлив за јавноста, и дека има општ недостиг на критериуми за компетентност при изборот на членови во органите на управување во јавните препријатија и институциите.

"Според она што го согледавме од нашите разговори со младите како главна причина за се поголемата невработеност се департизацијата и давањето приоритет на партиската книшка пред компетентноста. Генерално се посочуваат две главни причини, а тоа е партиската афилација и се поголемиот непотизам при бирање на работните места", вели Георги Божиновски од МОФ.

Ефектот од мерките на владата не се забележува

Во програмата на владеaчкатa партија се наведува дека стапката на невработеност на млади од 15-29 години значително ќе се намали, на ниво под 17% до 2024 година “.

Дел од ветувањата на властите во делот на младинската невработеност меѓу другото, беа обезбедување неповратни 5 до 15 илјади евра за млади за бизнис, поврат на персонален данок за две години за нововработени до 29 години, бескаматни кредити за млади за дигитализација бизнисот, како и стипендирање на децифитарни струки.

Од МОФ велат дека во програмата на Владата се забележува зголемен интерес за млади, но проблемот е во тоа што нема видливи резултати.

"Ставот на младите е дека мерките не дале резултат, дури во голем дел дека беа и непостоечки, колку и да беа рекламирни во некои медиуми, нивниот ефект е незабележителен. Невработеноста е на исто ниво како и во изминатата деценија Една од мерките, на пример беше решавање на дефицитарните струки преку стипендирање. Во тој поглед нема ефекти, а нема и иницијативи на Владата да се намали влијанието на партиската афилација"вели Георги Божиновски од МОФ.

Ставот на младите во истражувањето е дека партизацијата најмногу се гледа во државната администрација, но оти и во приватниот сектор многу тешко може да се пробијат во струката.

Иселувањето на талентирани студенти останува предизвик

Во врска пак со политиките во делот на образованието на младите и нивното доусовршување, универзитетскиот професор Виктор Стефов вели дека дополнителен проблем е што државата, односно МОН не дава стипендии за постипломци и докторанти во државата и оти тоа е штетно за подмладување на стручниот кадар во државата.

"Со наши пари потикнуваме одлив на мозоци, наместо да го спречиме тоа, да ги стимулираме тука да ги прават постдипломските, секако со конекција од надвор, но тука да им овозмможиме да се доусовршуваат и да ги задржиме. Ние најдобрите ги праќаме надвор со наши пари" вели професорот Виктор Стефов.

Економист“ неодамна ја стави Македонија на осмото место по одливот на мозоци, односно иселувањето на високо-образовани и талентирани луѓе во светот.

Генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС) Мајлинда Брегу пак изминатиов период соопшти дека околу 35 проценти е стапката на невработеност кај младите во Западен Балкан, а времето за чекање по завршеното образование, во просек изнесува две години соопшти

И последниот извештај на Балкан Барометар, истражување за јавното мислење кое го спроведе Регионалниот совет за соработка покажа дека невработеноста и слабиот економски развој се главните проблеми на граѓаните во регионот. Недостатокот на работа и непотизмот се наведени како две главни пречки при вработувањето, а дека отворањето на нови работни места се случува во индустрии каде што се пониски платите.

Во извештајот се вели дека дополнително состојбата со пандемијата од ковид-19 ќе ја влоши економската ситуација во наредните месеци.

А младите повторно се меѓу најпогодените дополнително и од пандемијата. Според податок на МОФ што го добиле од Министерството за култура, во државата 14.000 млади лица ги загубиле работните места како последица на кризата настаната од пандемијата на коронавирусот.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG