Достапни линкови

Поранешни ученици помагаат за модернизација на битолската гимназија


Гимназијата Јосип Броз Тито во Битола

Поранешни ученици на битолската гимназија Јосип Броз Тито помагаат во модернизација на нивното училиште, кое е прво средно училиште во земјава каде што пред 76 години се одржала настава на македонски јазик.

Темелите на средношколскиот образовен систем на мајчин јазик биле удрени во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола на 6 февруари пред 76 години. Цела една година помина во знак на одбележувањето на овој редок јубилеј од одржувањето на првиот час на наставен македонски јазик во средно училиште во земјава во 1945 година. И покрај ковид-кризата, имаше големи вложувања во осовременување на условите за настава. Карактеристично е тоа што поранешни ученици секогаш се враќаат да го помагаат училиштето.

Во изминатите месеци се модернизираа четири училници, дел од иницијативите покренати од поранешни ученици, а многу значајни зашто гимназијата е сместена во објект стар 138 години, а и инвентарот не беше променет со децении.

„Ротари клубот Битола од сопствени средства на своите членови преку соработка со компанијата Киро Дандаро да издејствува опремување на две училници, комплетно до инвентар, столици, маси и кабинет по информатичка технологија, специјални маси за компјутери, персонални компјутери со комплетна опрема и алатки кои ќе им служат на учениците во наставата по информатичка технологија“, рече Никола Главинче, адвокат и поранешен ученик од „Јосип Броз Тито“.

Акцијата за модернизација на училниците со донација ја започна ЕСМ по иницијатива на Советот на родители, каде исто така има членови кои биле поранешни ученици на Гимназијата.

„Со инвестиција од преку 700 илјади денари направивме кабинет со целосно реновирање, градежни зафати, купување на нова опрема, столчиња клупи и сè што е потребно за една современа настава во Горната гимназија. Со овој наш потег придонесуваме и ги поттикнуваме другите компании и институции да помогнат“, рече Васко Ковачевски, директор на ЕСМ.

Општина Битола обезбеди средства за набавката на мебел за четири училници и 5 телевизори што ќе значи целосно опремување на сите 12 училници со телевизори. Вредноста на инвестицијата од Општина Битола е 300 илјади денари за училиштен мебел и 100 илјади денари за електронска опрема, а беа вложени и 370 илјади денари за набавка на компјутери, лаптопи и графички таблети кои го олеснија процесот на онлајн настава.

„Она што посакувам е овие промени за многу скоро време да бидат користени од страна на учениците, да го имаме детскиот џагор. Се надевам дека од кризата ќе успееме да излеземе сите заедно посплотени зашто заедништвото е најважно“, вели градоначалничката Наташа Петровска.

Гимназијата е училиште со долга традиција, синоним за квалитетно образование, добитник на бројни награди, признанија, одликувања. Од неа излегле дури 18 академици, 6 градоначалници, 3 ректори и конзули. Од изминатите генерации денес има успешни инженери, лекари, професори, писатели, уметници, научници… Меѓу нив се Михаил Петрушевски, Коле Чашуле, Петре Андреевски, Ѓорѓи Филиповски, Владо Камбовски, Ѓорѓи Чупона, Анте Поповски...

„Традицијата на успешност Гимназијата ја негува и денес. При сите рангирања што ги изврши Државниот испитен центар, училиштето беше на прво или второ место, од вкупно 95 средни училишта. Ученици од Гимназијата учествуваа на Светската олимпијада на математичари и природни науки каде постигнаа значајни резултати. Училиштето веќе 15 години, секоја година се прогласува за севкупен победник во сите спортови меѓу средните училишта во Општина Битола, а во 2014 ја доби и наградата „Најуспешен училиштен спортски клуб од средните училишта“ што ја доделува Владата“, рече директорката Фанија Наумовска.

  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG