Достапни линкови

Не правете домашни аптеки, лекови има доволно


илустрација

Стручната јавност апелира граѓаните да не купуваат лекови на своја рака, односно без рецепт. Од Фармацевтската комора смируваат дека залихи на лекови има доволно, како на витамини така и на редовните хронични терапии. Во овој период најдобрата превенција е одржување на хигиена и витаминска терапија

Поради страв дека ситуацијата со коронавирусот може да потрае подолго, многу од граѓаните деновиве купуваат лекови во поголеми количини од вообичаените. Фармацевтите велат дека покрај редовната витаминска терапија во овој период од годината забележена е поголема потрошувачка на парацетамол и далерон, но и хронична терапија за притисок или срцеви заболувања која се купува за неколку месеци однапред. Надлежните ги советуваат граѓаните да не прават домашни аптеки, затоа што не постои оправдана причина за тоа, односно дека не треба да има страв од недостиг на лекови.

„Кај нас во аптека регулираме во издавањето и не дозволуваме некој да подигне поголема количина. Не дозволуваме некој од страв да го поремети редот на некој друг после него. Во однос на хроничната терапија исто имаме доволно залиха. Има повеќе извори на компонентите кои се земаат од страна на фабриките и кога се прави хронична терапија, никој не прави серија за месец дена туку на годишно или двегодишно ниво“, вели фармацевтот Нуцка Ристовска.

И од Фармацевтската комора на Македонија смируваат и велат дека има доволни количини на лекови. Паниката не е никакво решение, апелираат од Комората.

„Нема потреба да правите резерви од лекови дома. Првата причина е тоа што самите не можат да испијат толку лекови колку што купиле. Лековите се пијат по препорака и совет од лекар или фармацевт. Вториот аспект е дека правењето непотребни залихи дома нема да предизвика недостиг на парацетамол на пример, тој лек го има, но ќе предизвика нарушување на системот на снабдување, односно може да се случи во моментот кога на некој ќе му треба да не може да го најде во најблиската аптека“, вели Бистра Анѓеловска, претседателка на Фармацевтската Комора на Македонија.

Од Комората велат дека лекови ќе има и за пациентите кои вообичаено својата терапија ја набавувале во странство.

„Тие пациенти се релативно ретки, но мислам дека министерството за здравство ќе обезбеди начин или канал за да се добијат тие лекови. Мора да се најде начин за да се обезбеди набавката на тие лекови“, вели Анѓеловска.

Во меѓувреме, откако се појавија меѓународни студии кои упатуваат на тоа дека комбинација на антибиотик и антималарична терапија даваат добри резултати во лечењето на заболените од ковид-19, од аптеките велат дека има граѓани кои веќе ја бараат оваа комбинација на лекови и кои се обидуваат да ја купат на своја рака.

„Да, забележуваме дека има дел пациенти кои го бараат на пример конкретниот антибиотик, сумамед. Ние велиме дека мора да има дијагноза, односно соодветна оправданост за да го издадеме тој антибиотик. На пациентите им кажуваме дека таа терапија не е превенција и не се зема на своја рака. Превенцијата е одржувањето на хигиена и подигнување на имунитетот“, вели Ристовска.

И од Комората апелираат граѓаните сами да не подигнуваат лекови без рецепт.

„И досега тие лекови не можеа да се купуваат без рецепт, тие имаат таков безбедносен профил кој укажува на тоа дека не може и не смее секој сам да реши кога и во која доза ќе ги земе. Несаканите ефекти можат да бидат пострашни и од самата болест. Затоа апелираме до фармацевтите и граѓаните да не земаат на своја рака лекови чиј режим на издавање е само на рецепт“, вели Анѓеловска.

Со роботи против коронавирусот
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:44 0:00

И од Фондот за здравство деновиве упатија апел до осигурениците да не инсистираат и да не бараат матичните лекари да им препишуваат лекови на рецепт без медицински индикации (по нивна желба и кои не им се потребни), како и да не купуваат лекови непотребно, односно да не прават непотребни залихи на лекови во нивните домови. Оттаму додаваат дека е пожелно да се применува примарно телефонска и електронска комуникација меѓу осигурениците и здравствените установи, освен при неодложна здравствена потреба.

Откако се појави коронавирусот и во нашата земја, во аптеките најпродавани се заштитните маски, ракавиците, средствата за дезинфекција и витаминската терапија.

Поради ситуацијата со коронавирусот, Владата стопроцентно ги укина царинските давачки за 13 медицински производи, кои се увезуваат како потрошен медицински материјал. Се укинуваат царините за етил алкохол со 80 и повеќе проценти содржина на алкохол, етил алкохол и други алкохоли, сапуни за тоалетна употреба, други сапуни, производи и препарати за миење кожа во форма на течност или крем и други.

Како што објасни министерот за економија Крешник Бектеши, целта на оваа мерка е да се вратат цените на маските, ракавиците и друг медицински материјал и опрема кои во изминатите неколку дена пораснаа неколку пати поради зголемената побарувачка од граѓаните како средства за основна заштита од КОВИД-19.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG