Достапни линкови

Коронавирусот го намалува загадувањето - планетата здивнува


Илустрација - луѓе одат покрај електрична централа во Шангај.

Намалените човечки активности поради епидемијата на коронавирусот го намалија и загадувањето во многу земји, особено во оние со големи индустрии како Кина и САД. За еко-активистите очигледно е дека планетата „здивнува“, додавајќи дека од непосакуваната ситуација, може нешто и да се научи.

Водата во Венеција е почиста откако периодов во градот на каналите нема туристи и бродски сообраќај, во Тајланд и Јапонија животни шетаат по улиците, како што јавија светските медиуми, а во Кина воздухот е почист со намаленото ниво на економска активност во земјата и големиот број на луѓе кои се во изолација поради епидемијата на вирусот Ковид-19, како што покажуваат и сателитските снимки на НАСА. Намалено загадување има и во САД, откако милиони Американци не одат на работа, додека школите и јавните места се затворени, а сообраќајот е намален.

Пандемијата несомнено ќе предизвика огромни економски последици во светот. Се зборува дека веќе ништо нема да биде исто како порано, но ширењето на Ковид-19 ги отвора и прашањата за човековото влијание врз животната средина и за тоа дали непосакуваната ситуација може да даде нови насоки во борбата против загадувањето и климатските промени.

За еко-активистката Елена Николовска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, очигледно е дека планетата „буквално здивнува“ од човековите активности за кои е познато дека ги предизвикуваат климатските промени.

Особено нè изненадува биодиверзитетот кој се враќа назад во урбаните средини, вели таа, додвајќи оти тоа е показател како се менува влијанието на човекот во услови кога е принуден да ги забави своите активности.

„Тоа што треба да нè научи оваа ситуација, е можеби дека треба да го смениме начинот на кој ги планираме нашите економски активности, во насока на тоа дека има простор за економски раст и развој и со заштита на животната средина и здравјето на луѓето во преден план. Ситуацијава тоа ни го покажа многу сликовито“, вели Николовска.

Сепак, Николовска посочува дека во моментов е рано да се зборува за ефектите врз животната средина од намалената човечка активност, бидејќи сè уште нема доволно податоци, а во моментов на тоа работат многу истражувачки центри во светот.

Што може да научи Македонија?

Македонија е мал дел од светот, но не е изолиран, вели Николовска, додавајќи дека во минатото земјава била доста зависна од локалното производство на храна и во таа насока ситуацијата може „да не научи“ дека сме способни повеќе да произведеме домашна храна во услови кога е тоа потребно, наместо да бидеме зависни од увоз, каков што е случајот во моментов.

„Бидејќи, површините кои порано ги користевме за производство на храна, сега ги користиме за индустриски капацитети или како градежно земјиште. Уште повеќе, треба да научиме дека како земја која имала економски развој во склад со природата во минатото, а тоа за нас е лесно и не е неможно, така да се планира и во иднина“, вели Николовска.

Фосилните горива се главната причина за климатските промени, затоа и енергетските политики треба да бидат насочени кон енергетската ефикасност и кон обновливите извори на енергија.

„Треба дефинитивно да размислуваме да бидеме повеќе енергетски ефикасни, меѓутоа и да престанеме со употребата на фосилни горива за да го растеретиме нашето влијание врз животната средина и за да станеме повеќе енергетски независни како држава, со зголемено искористување на фотоволтаиците и децентрализација на производството на електрична енергија“, вели Николовска.

Енергетска стратегија без употреба на јаглен

Македонија неодамна ја донесе новата Стратегија за енергетика, со која еколошките организации како „Еко-свест“ оценија дека ќе биде направен значителен чекор кон нискојаглероден развој.

„Новата стратегија за развој на енергетиката во земјава за прв пат предизвикува напуштање на јагленот како енергенс и транзиција кон обновливи извори на енергија. Стратешкото планирање на нискојаглероден развој претставува значителен придонес кон ублажување на климатските промени и заштита на домовите и храната на граѓаните“, велат од „Еко-свест.“

Во оваа насока минатиот месец Владата објави тендер за изградба на нова 100 мегаватна фотоволтаична централа на просторот на некогашниот рудник за јаглен ТЕЦ Осломеј, која според предвиденото ќе испорачува електрична енергија за 20.000 семејства. Според проценките, инвестицијата ќе чини околу 80 милиони евра.

Постои ли врска меѓу појавата на вирусите и климата?

За тоа дали постои врска меѓу климатските промени и појавата на нови вируси, како Ковид-19, зборува Д-р Арон Бернстин - експерт за животна средина и здравство на Харвард.

Во интервју за медиумската организација посветена на климатските промени, енергетика и животна средина „Inside Climate News, тој во оваа насока се фокусира на две точки: прво дека загадениот воздух ги прави луѓето повеќе ранливи на респираторни инфекции и второ дека климатските промени ги доведуваат луѓето во поблиски контакти со животните кои можат да шират болести.

„Погледнато во климатските промени, ја трансформиравме природата на Земјата. Имаме фундаментално променет состав на атмосферата, затоа не треба да бидеме изненадени што тоа влијае врз нашето здравје“, вели Бернстин.

Засега никој не може да каже до кога ќе трае кризата со епидемијата на новиот коронавирус, но ситуацијата укажува на потребата државите, активистите и граѓаните да ги зголемат свеста и напорите во борбата против загадувањето и климатските промени, со тоа во заштитата на здравјете на луѓето и на планетата.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG