Достапни линкови

Коронавирусот ги зафаќа и институциите


Илустрација

Се повеќе институции имаат заразени од Ковид- 19 во своите редови. Доколку не се почитуваат, заштитините мерки, не се исклучува можноста нивната бројка да расте, вели поранешниот министер за здравство Ѓорѓи Оровчанец.

Град Скопје, Основното јавно обвинителство, МВР, Лекарската комора и Центарот за јавно здравје се институциите во кои изминатите два дена се забележани нови случаи со Ковид-19. Со тоа се покренува прашањето дали институциите може да бидат дел од нов кластер на заразени, имајќи предвид дека имаат голем број на вработени.

Од први јуни престанаа да важат заклучоците на Владата со кои различни категории вработени лица се ослободени по различни основи, од редовно и тековно извршување на работните активности, како работа од дома, патување на работа, организирање на ротации и други слични мерки.

Иако се соочуваме со втор бран на корона вирус, поранешниот министер за здравство Ѓорѓи Оровчанец вели дека луѓето во институциите не се вратиле пребрзо на работа, туку проблемот е што не се почитуваат мерките. Тој не ја исклучува можноста од зголемување на бројката на заразени во институциите.

„Ако не се пази, се е можно. Она што може да се прави минимум да се држат до мерките. Они не се држат до нив. Дефокусирани се. Пребрзо ги напуштија мерките. Мислат дека нема веќе коронавирус. Значи онаа групација која тврди дека нема вирус она има влијание на други луѓе. Наместо да се влијае врз нив и да се казнуваат, ние се поведуваме по нивната глупост“, вели Оровчанец.

Од Град Скопје соопштија дека изолирани се 28 вработени кои биле во најблизок контакт со лицето позитивно на кроонавирус, а направена е целосна дезинфекција на сите бироа и простории.

Основното јавно обвинителство ги испрати сите вработени дома, откако еден од вработени е позитивен на Ковид-19, а просториите се дизенфицираат.

ВИДЕО - Најважно е да не разболуваме други

Пациенти со коронавирус: најважно е да не разболуваме други
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:33 0:00

Советник од кабинетот на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев исто така е заразен со вирусот. Чулев на Фејсбук напиша дека советникот последен пат бил на работа на 2 јуни, а тестот го направил 4 дена подоцна, односно на 6 месецов. Досега ниту едно лице од Кабинетот на министерот не е во изолација. Пред некој ден Чулев информираше дека позитивен на болеста е и вработен во Одделот за информатика и телекомуникации при МВР.

Двајца вработени во Лекарска комора кои се и брачен пар се заразиле на свадба минатиот месец. Направени се тестови на другите вработени во Лекарска комора и тие се негативни.

Според Оровчанец, единствен начин за превенција се токму мерките.

„Апсолутно да ги почитуваат мерките. Што помалку контакти. Физичка дистанца најмалку метар и пол, два, како и заштитни маски и често миење на раце и хигиена. Да не се групираат на кафе. Ќе се соберат десет души и пијат кафе“, додава Оровчанец.

И министерот за здравство Венко Филипче изјави дека вториот пик е резултат на непочитувањето на мерките за заштита и апелираше сите да се придржуваат кон нив.

“Успешно се справивме со првиот бран, верувам дека и овој пат ќе донесеме правилни одлуки и побрзо ќе го спречиме ширењето на вирусот,” напиша Филипче на Фејсбук.

Владата донесе одлука да се воведат засилени контроли и мониторинг во таргетирани подрачја каде што е регистриран поголем број на новозаразени граѓани на Ковид 19.

Позитивен на коронавирус е потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зекири и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, е поради средби со нив, во домашна самоизолација беа неколку министри и високи функционери на владејачката партија.

Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски минатиот месец соопшти дека едно лице од неговото обезбедување е заразено со Ковид- 19. Десетина полицајци истиот месец, исто така, беа позитивни на болеста, а нивни колеги во самоизолација.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG