Достапни линкови

Член на обезбедувањето на Пендаровски позитивен на Ковид-19


Претседателот Стево Пендаровски

Во попладневните часови на 17 мај извршено е тестирање за КОВИД-19 на едно лице од тимот на обезбедувањето на претседателот Стево Пендаровски, вработен во МВР, при што е утврден позитивен резултат, соопшти кабинетот на Претседателот.

„Членот на обезбедувањето на претседателот е дел од поширокиот тим на обезбедување, што значи дека немал директна комуникација со претседателот. Минатата седмица користел годишен одмор, а последен пат бил на работното место на 11 мај 2020 година. По спроведената епидемиолошка анкета, утврдено е дека е потребно да се тестираат дополнително 11 лица кои биле во контакт со лицето кое е позитивно.
Сите 11 лица беа тестирани и се негативни на КОВИД-19, но и покрај тоа остануваат во самоизолација до 25 мај, до истекот на инкубација од 14 дена“, соопшти претседателскиот Кабинет.

По извршената епидемиолошка анализа, претседателот Пендаровски и членовите на неговото семејство биле оценети како контакти од втора линија, за кои според епидемиолошкиот протокол не се препорачува изолација и затоа, како што соопшти неговиот Кабинет, Претседателот Пендаровски продолжува со извршување на редовните работни обврски.

„Кабинетот на претседателот продолжува непречено да функционира, согласно препораките за заштита од КОВИД-19. Во изминатите два месеци вработените работат по различен распоред. Поголемиот дел од активностите се одржуваат на отворено. На средбите и настаните се одржува препорачаното физичко дистанцирање, се користи заштитна опрема како маски и ракавици, средства за дезинфекција, а редовно се чистат и дезинфицират просториите во „Вила Водно“, соопшти Кабинетот на Претседателот.

XS
SM
MD
LG