Достапни линкови

Вонредна, избори, корона и ништо не се знае


Илустрација- пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски велат дека засега нема најава за нова лидерска средба. Вонредната состојба завршува в сабота. Од СДСМ стојат на ставот дека избори треба да има на 5 јули, а од ВМРО-ДПМНЕ дека тоа е невозможно. ДУИ инстистира на консензуален датум.

Како што расте бројот на заболени од коронавирусот во Македонија, така се чини се помалку јавно се споменува идејата за брзи избори идниот месец. Досега се одржаа две лидерски средби кај претседателот Стево Пендаровски, на кои лидерите на партиите разговараа за евентуален датум за избори, но и по втората, не се дојде до договор.

Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за Радио Слободна Европа велат дека засега нема најава за нова лидерска средба.

Според поранешниот претседател на Државната изборна комисија Александар Новаковски, работата е јасна, но се зависи од одлуката за вонредната состојба која претседателот Пендаровски се очекува да ја донесе в сабота, кога истекува последната вонредна состојба од 14 дена.

„Ако не се продолжи вонредната состојба тогаш продолжуваат да течат роковите согласно уредбата со која се ставени изборните дејствија во мирување. Кога ДИК ќе донесе ревидиран рокововник испаѓа дека на петти јули треба да има избори, но се зависи од одлуката за вонредната состојба“, вели Новаковски.

Инаку, по првичните брифинзи од партиите дека постои канал за комуникација меѓу нив, растот на бројот на заболени ја запре и таа комуникацијата. Извори од ВМРО-ДПМНЕ велат дека сега „нема никаков канал на комуникација“.

Од опозициската партија велат дека ставовите за датумот за избори не се доближени.

„СДСМ стои на ставот за избори на петти јули, а невозможно е да има избори на петти јули поради состојбата со коронавирусот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку иако јавно, на прес конференции минатата недела владејачката партија не инсистираше на брзи избори, од тамубрифираат дека стојат на истиот став и дека за нив организирањето на изборите е завршена работа.

„Согласно Уставот и согласно законите, изборите треба да се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. Според ова, петти јули е денот кога согласно законите и Уставот треба да се одржат изборите“, велат од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за консензуален датум

Вицепремиерот Бујар Османи, кој е од редовите на владиниот коалициски партнер ДУИ, остава простор за поместување на датумот за избори.

Тој прво кон крајот на минатиот месец, излезе со ист став како СДСМ, односно дека 5 јули не е лош датум и дека е датум околу кој може да се сретнат сите партии.

Неделава, пак, тој најави дека до петок ќе се знае ставот на Владата за вонредната состојба кој заедно со мислењето на Комисијата за заразни болести за состојбата со пандемијата ќе бидат одлучувачки за датумот за одржување на изборите.

Вицепремиерот вели дека ставот за изборите на неговата партија зависи од два основни принципа - здравјето на граѓаните и консензусот за одржување на избори.

ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат ист став во однос на тоа дека датумот за изборите мора да биде консензуален.

„Веќе беше одлучено дека за датумот ќе се одлучува консензуално, а СДСМ запнуваат за избори на 5 јули, што не е консензуален датум“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Истите извори, за разлика од досега, кога или тие инсистираа на лидерска средба, или пак ја прифаќаа веднаш поканата, сега се повоздржани.

„Ако има иницијатива за лидерска средба ќе ја разгледаме и ќе одговориме веднаш.. Да видиме како ќе се развива ситуацијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ без да прецизираат дали со ова отвораат можност и да не ја прифатат поканата.

Петта вонредна или избори?

Од кабинетот на претседателот Пендаровски дека засега нема ниту најава за нов состанок на Советот за безбедност кој вообичаено се одржуваше пред секое прогласување на вонредната состојба. Последната, 14 дневна истекува в сабота.


Инаку, првично изборите беа закажани за 12 април, а Собранието се самораспушти на 16 февруари и од тогаш не функционира. Првиот случај на заболен од коронавирус во Македонија беше регистриран десет дена подоцна, на 26 февруари, а претседателот Пендаровски првата вонредна состојба ја прогласи на 18 март. Втората беше со времетраење од 30 дена, а третата и четвртата која истекува в сабота се со времетраење од 14 дена.

Поради ситуацијата со коронавирусот изборите се одложија, а од тогаш партиите не може да се договорат за датум. Најголемите несогласувања се меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Опозицијата инсистира тие да се одложат поради ситуацијата со пандемијата, а владејачката партија инсистира на брзи избори со образложение дека на земјата и се потребни институции со полн капацитет.

Во ситуација кога Собранието не функционира, владата носи уредби со законска сила што и овозможено со прогласувањето на вонредната состојба.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG