Достапни линкови

Исчезнувањето на пчелите, сериозна закана за екосистемите


Климатските промени, загадувањето, прекумерната употреба на пестициди се главните причини за намалување на популацијата на инсектите - опрашувачи. Научниците алармираат дека нивното исчезнување ќе предизвика проблеми во производството на храна и бараат итни мерки за заштита на екосистемите од распаѓање и обновување на природата.

Во моментов, на секој трет вид на пчели му се заканува опасност од истребување, а токму тие се дел од инсектите кои се од витално значење за растителното производство. Научниците забележуваат намалување на популацијата на дивите пчели кои пак имаат клучна улога во опрашувањето на повеќето култури и диви цвеќиња. Стручната јавност предупредува дека загубата на биодиверзитетот кај опрашувачите може да доведе до целосно распаѓање на некои екосистеми и да предизвика сериозна штета врз системите за производство за храна.

Со цел да се спречат последиците од намалувањето на популацијата на опрашувачите, ЕУ веќе подготвува план кој треба да го зголеми мониторингот на инсектите низ 27-те земји-членки, кои пак треба да преземат мерки со кои би го спречиле натамошниот пад на популацијата на опрашувачите.

Северна Македонија не е членка на ЕУ, но во моментов се подготвува Закон за обновување на природата со кој се потенцира потребата од зачувување и обновување на деградираните екосистеми.

Пчелите исчезнуваат, ќе нема што да јадеме?
please wait

No media source currently available

0:00 0:06:17 0:00

Експертите во областа предупредуваат дека промената на користењето на земјиштето, интензивното земјоделство со пестициди, загадувањето, инвазивните вонземски видови, патогени и климатските промени се меѓу заканите со кои се соочуваат инсектите кои опрашуваат.

„Научниците велат дека една третина од сите видови пчели, пеперутки или инсекти сега се во голем пад и овој пад е навистина загрижувачки. На опрашувачите им треба посилна заштита. Истребувањето на опрашувачите би предизвикало распаѓање на екосистемите. Буквално би било кошмарно и мораме да го избегнеме тоа сценарио“, изјави Вирџинијус Синкевициус, комесар за животна средина на ЕУ.

„Патишта за инсектите“ за пчелите и другите опрашувачи каде што би можеле да се движат низ Европа и да најдат храна и засолниште, се меѓу мерките што деновиве ги постави извршната власт на ЕУ за да се смени падот на инсектите од клучно значење за растителното производство. Членките на ЕУ потоа ќе треба да идентификуваат мерки за да се анулира падот на опрашувачите до 2030 година, што ќе биде законско барање според Законот на ЕУ за обновување на природата.

„Првата акциона област е подобро зачувување на видовите и живеалиштата. Ќе го направиме тоа конкретно со плановите за зачувување на видовите кои се под закана. Ги идентификуваме опрашувачите кои се типични за живеалиштата заштитени според Директивата за живеалишта и активностите за зајакнување на таа заштита“, смета Синкевициус.

Посебен дел од Законот за обновување на природата е посветен на опрашувачите поради тоа што тие се препознаени како неопходна алка на секој екосистем и ако нема опрашувачи нема да има биодиверзитет. Утврдено е дека околу 80% од производството на храна но и 80% од биодиверзитетот се директно зависни од диверзитетот на опрашувачи.

Македонските пчелари се жалат на намалени приноси на мед

И Македонија не е имуна на трендот на намалување на популацијата на пчелите. Македонските пчелари веќе некое време укажуваат на намалено производство на мед.

Драги Спасенчов од скопското село Љубанци е пчелар повеќе од 43 години. За разлика од порано, кога произведувал по 48 килограми мед од само едно пчелно семејство, последните две години тој произведува во просек, само 100 грама од едно пчелно семејство.

„Замислете 100 грама просек? Климатските промени имаат најголема улога во тоа. Глобалното затоплување, зрачењето од телекомуникациските мрежи, според мене, се има влијание. Во моментот имам 100 пчелни семејства, но забележувам дека пчелите ми стануваат се понервозни и бегаат, па така нивниот број се намалува“, вели Спасенчов.

Претседателот на пчеларското здружение „Матица“, Венче Билбилоски вели дека иако македонското поднебје и големиот број сончеви денови во годината се одлични за одгледување на медоносни пчели, пчеларите се мачат да произведат тегла мед повеќе. Според Билбиловски климатските промени се најголемиот виновник за намалените приноси.

„Сведоци сме на енормно ниски температури во време на вегетација, во април кога сите овошки цветаат. Тогаш може да падне снег и ниски температури под нула што значи дека негативно се одразува на нектарењето на пчелите а тие се првите знаци кога пчелата треба добро да се развие. После тоа климатските промени негативно влијаат и во летниот период кога температурите се над 35 до 40 степени. Таа температура многу малку одговара за нектарење. Цветовите лачат нектар, а пчелите не се во состојба да го соберат или собираат онолку колку што може да искористи. И затоа приносите се многу помали,“ вели Билбиловски.

Тегла мед во моментот достигнува до 1000 денари, а Спасенчов предупредува дека пониските цени на ова слатко задоволство, би можело да биде показател дека не се работи за природен, туку а фалсификуван мед.

На прашањето на Радио Слободна Европа за тоа кои мерки ги преземаат за спречување на падот на популацијата на медоносните пчели, од Министерството за земјоделство и водостопанство ги истакнуваат само финансиските средства кои им биле доделени на пчеларите по различни основи. Покрај директните плаќања за пчелни семејства, ги истакнуваат и мерките за поддршка до 65% од вредноста за набавка на пчелни матици од признати одгледувалишта на пчелни матици и подддршка до 65% за набавка на пчеларска опрема.

„Во Програмата ИПАРД 3 во мерката 7 се предвидува и набавка на опрема за пчеларство во висина од над 10,000 евра со поврат на средства од 60 проценти“, информираат од Министерството за земјоделство и водостопанство.

Екологисти: Ни требаат системски решенија и поодговорни граѓани

И македонските експерти потврдуваат дека во последните десетина години ни се случува драстично намалување на популациите на инсектите кои имаат функција на опрашувачи. Феноменот на угинување на цели пчелни семејства според биологот Кирил Арсовски-Пржо е резултат на неколку причини, меѓу нив: зголемената употреба на пестициди, испуштање на отрови, неквалитетна храна на пчелите, интензивно пчеларство итн.

За разлика од медоносните пчели кои може да ги контролираме и размножуваме, ние не можеме директно да делуваме на дивите пчели, но може да се однесуваме поодговорно со цел заштита на природата, вели Арсовски.

„Како што се разви истражувањето околу дивите пчели сфаќаме дека решението е многу покомплексно колку што е комплексен проблемот, а тоа е дека секое решение за еден регион, држава или град мора да е направено за тој град. На пример да знаеме во некој град кога има најмалку цветови, тогаш да садиме цветови што им се потребни на пчелите или да садиме цветови кои дивите пчели ги посетуваат. Во однос на медоносните пчели таа треба да се третира како секој друг сточен вид, односно во соработка со медарите да ги раководат своите гнезда пчели. Значи науката треба да се користи како клуч до решенијата,“ вели биологот и еколог Кирил Арсовски- Пржо.

Во нашата земја е многу ограничено вниманието што се посветува конкретно на заштита на опрашувачите, истакнуваат од невладината организација „Еко-свест“, додавајќи дека тие се третираат само како дел од агро-биодиверзитетот и нивното значење во производството на храна, но оти немаат посебен третман во делот на заштита на природата.

„Постојат сериозни недостатоци во законската рамка за земјоделството и заштита на медиумите на животната средина, заради која е ограничена можноста за следење и контролирање на испуштање на опасни материи, користење на пестициди, прочистување на отпадни води и други елементи кои што имаат сериозно влијание врз опрашувачите. Истовремено, ова значи дека пчелите се хронично изложени на големи количини на хемиски супстанци кои имаат многу негативно влијание врз нив“, изјави Симона Трајковска, проект-координатор во невладината „Еко-свест“.

За правилно да се следи состојбата со екосистемите и опрашувачите како дел од нив, екологистите велат дека е потребно формирање на посебно стручно тело кое што ќе врши мониторинг врз биодиверзитетот, како што предвидува Законот за заштита на природата, понатаму да има координација на политиките со другите сродни сектори како што е земјоделство, шумарството и енергетиката, но за сето тоа најпрвин е потребно соодветно државно финансирање на заштитата на природата.

Што може да направиме ние за да ги зачуваме опрашувачите?

Упатените велат дека најважна е едукацијата за улогата на опрашувачите, па и на природата општо, за нивната важност за здравјето на луѓето и придонесот во животот каков што го познаваме. „Еко-свест“ веќе објави едукативен прирачник за младите - „Пчели повеќе од мед“, во кој се содржани практични активности со кои најмладите можат да научат за различните начини на кои живеат пчелите и видовите гнезда кои ги прават и кревање на свеста за тоа дека медоносните пчели не се единствените пчели кои постојат. Прирачникот содржи упатство за изработка на Хотели за пчели, пракса што особено помага во урбаните средини во многу земји за да се надоместат загубите на пчелните живеалишта.

„Како граѓани пак, секој од нас може да придонесе со засадување на медоносни растенија од различен вид, за пчелите да имаат храна во текот на целата година. Доволно е да ги поттикнеме самоникнатите медоносни растенија и да дозволиме да се формираат заедници на самоникнати растенија (самоодржливи тревници) каде и да е тоа можно. Пчелите обожаваат бела и црвена детелина, мртва коприва, глуварчиња, коњска трева, црн слез, луцерка... Дури и навидум незначајни работи можат да поттикнат подобрување на условите за опрашувачите, како што е поретко косење и несобирање на листови од тревниците кои што се живеалишта за некои видови пчели“, вели Трајковска.

Во ЕУ, 78 % од видовите диви цвеќиња и 84 проценти од земјоделските видови барем делумно зависат од опрашување со помош на диви пчели, што овозможува поголема разновидност и повисок квалитет на овошје и зеленчук, ореви и семиња. Култури кои во средна или голема мера зависат од опрашување од инсекти се јаболка, портокали, јагоди, кајсии, цреши, но и грав, краставици, тикви, потоа билки како босилек, мајчина душица и камилица, како и култури како домати и пиперки.

Дури и на меѓународно ниво, во рамки на Конвенцијата за биолошка разновидност и неодамнешниот COP15 каде што се усвои Глобална рамка за зачувување на биодиверзитетот, постои посебен фокус на зачувување на опрашувачите бидејќи од нив зависи една третина од производството на храна во целиот свет. Се предлагаат практични мерки за намалување на штетните влијанија врз опрашувачите, како што се ограничување на употребата на опасните пестициди во земјоделството и другите стопански дејности, пренаменување на урбани простори во градини и друго.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG